Subscribe:

Labels

Sunday, December 11, 2011

ЗАВЕТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Беше веќе полноќ. Во тие доцни часови, се слушаше само звукот на ветерот од надвор, и крцкањето на старата врата. Се свиткала крај огништето , погледот вперен во сликата на ѕидот. Под слабата светлина од газиената ламба се заприметуваше нејзиниот тажен лик, и солзи по старото избрчкано лице. Стана од своето столче и застана крај прозорецот. Ветрот и натаму силно дуваше и чиниш како да го откорнува покривот на малата трошна куќичка. На масата имаше парче бел леб. Тамам почна да крши од лебот некој тропна на вратата.
Со брз чекор и возбудена дојде до вратата и тивко праша:
Кој е?
Јас сум Петре,твојот сосед, отвори, не плаши се. Петре секогаш се загрижуваше кога ќе видеше светло во куќата на баба Анѓа после полноќ.Знаеше дека не спие, дека пак е со мислите таму некаде далеку. А нејзиното здравје од ден на ден се повеќе се влошуваше. Нејзините синови ја напуштија родната куќа многу одамна и никогаш не се вратија назад. По смртта на нејзиниот сопруг остана сама во куќата.
Соседот Петре влезе внатре и седна покрај огништето. На малото масиче имаше неколку стари фотографии кои баба Анѓа љубоморно ги чуваше. Фотографиите беа нејзина утеха но и болка. Често пати знаеше да се исплаче и да воздивнува по своето чедо заминато по белиот свет. Диме имаше 20 години кога реши да замине од родното место. Беше во еден јулски жежок ден. Сакаше да замине некаде далеку, да се отргне од секојдневните грижи и немаштијата.
На заминување и рече на мајка си дека ќе се врати за година – две и ќе направи најубава куќа во селото. Поминаа 40 но тој не се врати. Баба Анѓа живееше во надеж секој ден, секоја година. Живееше со спомените на нив и со по некоја испратена фотографија и писма на кои се тркалаа жешки солзи и кои ги препрочитуваше по неколку пати. Остана сама да го чува родното огниште, да се грижи за стоката и да работи колку може. Само таа знае како тешко ја доживеа разделбата со своите синови. Таа имаше само еден сон, само една желба,да го види повторно својот син.
Додека соседот Петре ги разгледуваше фотографиите, а баба Анѓа му раскажуваше за детските палавштини на Диме, за среќните мигови поминати заедно под еден покрив. Знаеше само дека тој нашол прибежиште во Аргентина, дека отворил свој дуќан и заработувал само колку за живеење.
Во селото сите ја знае нејзината болка, и се обидуваа да ја утешат, дека не е само таа останата сама и дека има многу кои си заминале во туѓина за подобар живот. А баба Анѓа само ќе воздивнеше и ќе речеше , ‘ Знам дека има, но ...секој со својата болка, секој си знае за себе‘
Цената не мајчината болка никој не може да ја надомести, ниту спечалените пари во туѓина.
И така се стемнуваше и осунуваше со истите маки. Другиот ден се разбуди околу 10 часот на утро. Некој пак зачука на вратата. Баба Ванѓа отиде да отвори и само што ја отвори вратата некое необично чувство ја обзеде. Цела се наежи и се вознемири. Пред неа стоеше високо момче со црна коса и кафеави очи. Исти како на Диме.В раце држеше куфер. Таа со треперлив глас праша: - Кој си ти?
- Добро утро бабо...ти не ме познаваш ама јас доаѓам од Аргентина. Татко ми многу ми кажуваше за тебе. Татко ми Диме. Јас сум Веле, неговиот син. Дојдов да го видам родното место на тато.
- Ох, колку ли ме изненади!!Влези внучко, влези мило мое. Седни, остави го куферот.
Кажи ми дали си гладен? Како е татко ти? Кажи ми се за него.
Веле се подзамисли и наведе главата. Зборовите како в грло да му застанаа.
- Бабо, татко ми не е веќе жив. Го нападна тешка болест пред пет месеци и не можевме да го спасиме. Јас знам дека ќе жалиш, но мора да бидеш храбра и силна како што беше тој. Секогаш ми зборуваше за тебе и дедо, за тоа колку сте се грижеле за него.
Баба Ванѓа почна да плаче. Се угуши од солзи. Веле ја гушна и и рече:
- Јас дојдов бабо засекогаш да останам во твојот дом. Тоа е аманетот што ми го остави татко ми ‘врати се дома сине, во Македонија, врати се во родниот крај и никогаш немој да го напушташ‘.













Автор: Гордана Димовска

Објавен во книгата Од љубов со љубов за Македонија

1 comment:

Anonymous said...

Потресна сторија. Литературно и уметнички обликувана и доловена болката и судбината на многу македонски семејства во кои разделбата од најблиските оставила длабоки рани во нивните срца. Потрагата кон подобра егзистенција за семејството, истовремено е и лутање низ неизвесноста - ризик кој се прифаќа од мака и од болка

Post a Comment