ЛЕГЕНДА ЗА МАРИОВО

Познато е дека постојат многу легенди за потеклото на името Мариово. Според една од нив се вели дека името Мариово е добиено по некоја убавица Марија. Таа се согласила да живее во турскиот харем но под услов бегот да не врши исламизирање, потурчување на населението од тој крај. Па така и турскиот бег и дал ветување дека ќе го испочитува нејзиното барање и селаните се спасиле од натамошно потурчување и градење на џамии. Во чест на убавата Марија, оваа област го добила името Мариово.
Другата легенда вели дека името Мариово доаѓа од верувањето дека пред многу векови таму постоело море за што сведоци се многубројните карпи во облик на школки.
Мариовскиот крај плени со својата едноставност, но преубава природа. Мариово е област која крие безброј тајни, легенди, културна оставнина. Таму е и родното место на една од најголемите македонски народни хероини – Калеш Анѓа. Во Мариово може да се најде и најубавата македонска народна носија, најубавите македонски народни песни, митови и преданија. Интересно е тоа што невестинската мариовска носија тежи дури и 48 килограми.
Кога се зборува за природната реткост, постои една друга легенда, за која се вели дека е најинтересна и највпечатлива а ја нема во записите за македонското културно богатство. Тоа е “Легендата за тревата што бега”.
Во неа се зборува за волшебниот напиток кој често во приказните му дава сила на јунаците за да им помогне во искушенијата и премрежјата на личната иницијација. Растението според Мариовци го добило името по карактеристиката да може да го скинат само одбрани луѓе. Од тревата што бега, која за неупатените изгледа сосема обично, се правеле амајлии кои ги заштитувале луѓето од зло. Нив ги носеле војниците, низ сите војни кои го зафатиле Мариово а многу од нив ја избегнале смртта благодарејќи на волшбеното растение.
Според народното мислење, мариовците се досетливи луѓе, силни и инаетливи борци против
неправдата. За овој факт потврдуваат безбројните приказни низ историјата. Во легендата за Калеш Анѓа, овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина. Според преданието, преубавата Анѓа, несакајќи да се потурчи, била грабната и однесена кај турскиот бег во Прилеп. Жителите на мариовските села биле разгневени од овој настан па решиле да ја земат правдата во свои раце. Отишле и успеале да ја вратат Калеш Анѓа дома. Потоа се сокриле во тврдината Пешта која и денес се заѕира од селото, во која живееле под опсада цели десет години, се додека една баба не ги предала на Турците.
Според оваа легенда, Анѓа завршила во Истанбул. Таму таа го сретнала својот брат близнак Анѓеле, го препознала по белегот на ногата и тој ја вратил назад во селото. Денес куќата во која живеела Калеш Анѓа се уште постои и е дел од зафатот на домашните и на странските залагачи за репарирање на културните споменици на Мариово.
А кога се зборува за мудроста и истрајноста на мариовци, не може да не се спомене еден од највпечатливите ликови, мудриот Итар Пејо. Постојат преданија кои потекнуваат од неговото време и според кои се смета дека Пејо живеел во селото Градешница. Тој е човекот кој го збогати македонското културно наследство со своите итроштини и мудрости на кои никој не останал рамнодушен. И ден денес се со задоволство читани и барани. Стале Попов уште од мал дете се воодушевувал на народните раскажувања, од остроумноста, трпеливоста, смислата за хумор кај македонскиот народ. Со својата издржливост, работливост, досетливост, богатството од народни песни, приказни, гатанки, ги победувал тешкотиите низ годините на ропства и страдања. Иако претставува синоним за мудрост во мариовскиот крај нема иницирана акција за изградба на негов споменик кој би бил атракција за туристите. Се што е вредно треба да се истакне, треба да се памети и да трае вечно во меморијата на генерациите кои доаѓаат.
Со сите свои убавини, познати ликови од минатото, симбол на непокорот, Мариово би можело да прерасне во музеј во кого би се изложиле и голем број стари, вредни записипредмети од античко време,шлемови, катарки за вода останати од Првата светска војна. Исто така значаен е регионот и по тоа што низ него врвел и римскиот пат Виа Игнација.
Во Мариово има и прекрасни цркви и манастири. Само во Градешница има девет а за најстара се смета црквата Св Димитрија која потекнува од 14 век. Во Старавина постои и црква со необично име – Магарешка црква. Неа ја граделе Бугари, но бидејќи населението не ги поддржувало во градењето, црквата останала недовршена и постанала засолниште за селските магариња по што и го добила името магарешка црква.

Comments