МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е НАШ ДОЛГ


Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зошто е наш, исто како што е наша татковината. Еден народ што го изгубил својот јазик, личи на човек кој го изгубил патот и не знае ни каде оди, ни кој е!- Крсте Мисирков
Македонскиот јазик зазема посебно место во мултиетничка Австралија. Повеќе од 30 години е вклучен во програмите на некои редовни училишта и секако во програмата на Викториското саботно училиште.

Во текот на учебната година  наставниците  вложуваат голем труд во организирање на занимливи лекции и активности за да го подобрат квалитетот на наставната програма.  Со цел да  поттикнеме што поголем број на деца да го изучуваат македонскиот јазик, ја организиравме и едукативната програма, “Македонска Новогодишна приказна“. Многу сме радосни што оваа година имавме  масовен одзив на пријавени деца од четири годишна возраст па до 18 години. Несомнено голем беше интересот за македонските обичаи (Мира Цаковска), како и активности за Нова година (Весна Дамчевска, Ленче Инџевски) занимливости за Божиќните празници и пишување на новогодишна приказна со Гордана Димовска.
Ова е наш нов чекор кон воведување на нови промени во наставната програма, поттикнување на што поголем број деца да учат Македонски јазик и да им ја пренесеме љубовта кон македонската традиција и обичаи.

Паричката за среќа падна во делот на Клаудија Гроздановска  за што не можеше да ја сокрие радоста.
Овојпат го вклучивме и Дедо Мраз да донесе подароци за вредните ученици. Благодариме Џорџ Стојкоски за неговата успешно завршена работа.
Изразуваме голема благодарност до нашите спонзори, Црквата, Раѓање на Пресвета Богородица, Сиднем, Крис Лангоски,  Доне Димов од Канбера, Kings Fresh burek,медиумите:  Today – Денес, Радио Илинден, Мелбурн, Македонка Засекогаш, сите наши фб пријатели,Вин Фм и  секако родителите кои не поддржуваат во  кампањата за зачувување на македонскиот јазик меѓу најмладите.  За поздравување е и одлуката на Агенцијата за иселеништво на Македонија да ја поддржи нашата едукативна програма.

И на крајот апелираме  до сите Македонци , да ги запишат своите деца во најблиските училишта. Тоа можат да го сторат на веб страницата www.vsl.vic.edu.au. Новата учебна година започнува на 9 февруари.
Организатори: Весна Дамчевска, Мира Цаковска и Гордана Димовска
 
Во прилог
Новогодишна приказна
ПОДАРОК
(Автор: Гордана Димовска)
И пак тоа време од годината кога сите луѓе наоколу се радосни и очекуваат нешто посебно да им се случи. Јас седам сам во мојата соба и размислувам за тоа што би можел да направам за оваа година да ми биде посебна и различна од другите. Се мислам и гледам низ прозорецот. А дома веќе моите родители го декорираат новогодишното дрво. Да, пак така. Се исто како и лани. Сестра ми Ленче има пет години и едвај чека да ги стави лампионите на елката. Премногу е возбудена. Баба  ми и дедо ми само што не дошле. Тие исто така ни носат подароци и спремаат убави јадења за новогодишната ноќ.
Уште се сеќавам на книгата која ја прочитав за волшебната приказна. За двете кутии, црна и бела, за празната кутија исполнета со бакнежи кои таткото не можеше да ги види но кога дозна за тоа од неговата петгодишна ќерка, ја чуваше кутијата како најскапоцен подарок во неговиот живот.
Ех кога би можел и јас нешто да смислам!
Во мислите ми беше и незаборавниот престој во Македонија. Се навратив за момент и таму, и посакав да се најдам во снежните убавини на Битола. Но тоа беше само желба. Токму така, желба. Но што со нашите желби и копнежи? 
И започнав да работам на мојот специјален новогодишен подарок. Ги спаковав во една црвена кутија и возбуден истрчав кај моите да им го предадам. Еве , отворете, внатре има подароци за сите вас.
Татко ми го зеде жолтото ливче, на него пишуваше – оствари една желба.
Мајка ми го зеде црвеното – на него  пишуваше – подари среќа.
Баба ми и дедо ми го зедоја – белото на кое пишуваше – надеж.
А за сестра ми остана зеленото на кое напишав – не заборавај на Македонија.
Тоа беа подароци со кои во наредната година ќе некој треба да се остварат вистински желби, со  надеж за подобра и посреќна иднина. Но никогаш не заборавај на  Македонија.
Гордана Димовска
 
 

 

 



























Comments