ЗЛАТЕН ЗАНАЕТ


Како прокоба се ниже ден по денот, како кошмар се гнезди во душата темна, мачна неизвесност од времињата што идат. Нешто бавно, бавно стега во душата и дави.
-Еј, тешки ли времиња дојдоа , пусти биле! Опусте чаршијата, раскапаа ќепенците,
во некогаш веселите, ѕунливи занаетчиски работилници се завлече чума: со прашина просипан лежи алатот по тезгињата, со прашина просипано едно мртво, златно време – рѓоса златниот занает...Еј Темо, Темо, еј пусто турско.
Како дождалец седи Темо со скрстени нозе и со скрстени раце на голиот чардак, седи и премислува: сноп од сонце што дрско се вовира низ скршеното прозорско стакло на чардакот, силно се извива врз нечистиот под и штици, и разводнувајќи се оттаму во бледи одблесоци, благо го облева неговото мрачно и неизбричено лице, по кое се браздат страдалнички брчки. Но безчувствен е Темо за сонцето, неприемлив за видот. Какво проклетство му донесе овој тутун!
Тој, Темо Крапчето, некогаш добар столар, виден занаетчија, едно време дури и устабашија на столарскиот еснаф, окапа, сиромашкиот, спласна сосема, го затвори дуќанот и дотера ете до обичен, ситен садач на тутун, кому секој час му буричкаат по градите и му ги пребројуваат глужливите ребра!
Онака малечок, дебеликав, малку веќе побелен во косите, но сеуште пргав, темпераментен, обигран со досетки и умешен во односите со своите муштерии и други еснафлии од Безистен – чаршијата, Темо...беше човек од стара кова, притеснет од неволји, но во себеси длабоко карактерен и морален...
Засади Темо со тутун едно свое малечко угарено нивче, та ќе стане така сам во рано јулско утро, јавајќи на магаре како бег и ќе дојде на нива, ќе застане на крајчето од песочниот пат и се опива: под тенкиот пласт магла чурат длапките од леи засадени со тутун, чури сета земја во богат плод.Се дигаат и се полнат неговите гради со нешто толку благо и мило го чувствува толку блиско ова што трепери под него како плод на неговата мака и чесна работа...Има ли тука место за некој друг?
А ете, дошле луѓе во зелено па го прашаат:
-          Како тутунот?
-          Сполај му на господа, шуќур – вели Темо. Но не може да се помири како тоа овие луѓе одат и газат по таа негова бавча, како ги бројат страковите како ребрата негови. ..
-          Зошто , џанам, штрапкате тука, зошто газите?
Темо не сфаќа, Темо не може да мисли како нив. За Тема тутунот е марифет, Темо го обработил како бавча. И зошто сега така да му го газат.
И со денови така ги гледа, ги гледа како го бројат, го пресметуваат и мерат, па му е тешко, не може да разбере. Нема ли тој чесно да го предаде? Не е ли тој чесен еснаф, не го знае ли тј ред и тоа право, туку, вака...
И мачно му е, мачно. Си го жали старото турско, го жали златоното време на еснафот, си ги брои ѓерданот деновите, и се му е пред очи поцрно и поцрно.
Еј Темо, Темо, ...ти рѓоса златниот занает.


Кочо Рацин 

Comments