ХРАБРОСТА И ВИСТИНАТА

Се сретнале храброста и вистината. Љубезно се поздравиле и мошне брзо се здружиле. од тој ден почнале да одат заедно и да живеат среќно. Еден ден почнале да се препираат:
- Кога влегувам во човечкото срце, за него велат дека е најсреќниот човек на светот! - вели Храброста.
- Кога јас влегувам во човечкото срце, за него велат дека е најдобриот човек на светот! се спротивставувала Вистината. Се пречкале така се додека не виделе некој крвожеден волк кој влечкал уловено јагненце.
- Еј, нека видат сите на светот дека од мене нема подобар ловец на светот - зборувал волкот.
Храброста и рекла на Вистината;
- Речи му на волкот оти не е точно дека е најдобриот ловец на светот, туку дека е бездушен злосторник и крвопиец.
- Не смеам, може и мене да ме задави - рекла со тивок растреперен глас Вистината.
Храброста горделиво се насмеала и рекла со повисок глас за да ја чуе и волкот:
- Каков ловец си ти, злосторнику! ти знаеш да ги задавиш само послабите од тебе, како што е јагнето. Волкот побеснел од лутина. Со своите големи и злобни очи почнал да бара кој е тој што смее така да зборува против него.
- Кој си ти што се осмелуваш да зборуваш против мене?
Излези ако смееш, да те видам.
Кога ги чула овие зборови, Вистината повеќе не можела ниту миг да чека. Побегнала и веднаш се изгубила, оставајќи ја Храброста сама како знае и умее да му се противставува на волкот .
Волкот со збеснети очи тргнал по неа, но никако не можел да ја види. Во тој миг Храброста видела еден изморен и плашлив ловец. Бргу му скокнала во срцето и почнала да го поттикнува. - Ајде, убиј го тој злосторник! убиј го зашто ме имаш мене да те храбрам и да правам очите да ти светкаат. Ловецот ја вперил пушката кон ѕверката и со еден погодок ја усмртил.
Патем, додека го влечкал волкот за нозе, храброста и викнала на Вистината:
- Се убеди ли сега кој е пополезен за човекот: ти или јас?
Вистината повеќе не знаела што да одговори. Таа навистина се плашела од волкот, затоа ја наведнала главата и го продолжила патот, засекогаш разделувајќи се од Храброста. Ловецот им раскажал на сите во селото за тоа како успеал да го убие волкот. Но, тој не застанал само на тоа. Почнал да измислува како во шумата убил уште седум волци, но не можел и нив да ги довлече. храброста која седела во неговото срце, прво била задоволна, но после се изненадила од ваквата лажна сказна.
- Денеска отепав мечка! - се фалел ловецот, иако ништо не можел да улови. Друг ден отепал лав, па тигар.... храброста сакала да пукне од мака уште во срцето на лажливиот ловец. И било жал што се одвоила од Вистината и тоа заради караница и лутина. Сега сфатила дека само заедно можат да бидат дури и горди пред светот. Еден ден, токму кога ловецот сакал да убие еден волк, храброста со сета сила излегла од неговото срце.
- Аман, што е ова? - викал тој. - Каде си Храброст да ми го стоплиш малку срцево, зашто овој волк ќе ме направи парчиња.
- Повеќе не ја очекувај мојата помош. Бегај колку што можеш побргу и спасувај си ја главата. И твојата пушка е немоќна без мене. Нека видат луѓето каков ловец си ти! Не можам повеќе да ги поднесувам товите лаги. Се срамам поради тебе. Се одвоив и од Вистината само да те усреќам но дури сега гледам дека не можам да живеам без неа.
- Прости ми , те молам, нема повеќе да лажам! - трчал ловецот и ја молел да му се врати.
- Не ловецу, не можам да ти помогнам. Во твоето срце треба да се всели Вистината. Таа треба да те грее за да не лажеш...
- Ох, Храброст моја, ценета Храброст, не оставај ме сам. Ти знаеш колку големо срце имам, во него има место за тебе и за Вистината. Дојдете и живејте кај мене! Ќе ви го подарам целото срце. Нека биде тоа вашиот најсакан и најтопол дом.
- Добро , му рекла - причекај додека ја најдам Вистината, ќе се вратиме заедно во твоето срце, а сега бегај додека не те распарчил волкот.
Ловецот скришно побегнал од волкот, се затворил во куќата и не смеел да излезе пред селаните како што излегувал пред тоа. Храброста долго ја барала Вистината и кога ја нашла и рекла:
- Ох драга моја пријателке, Дојди те молам, без тебе не можам да живеам повеќе.
- Што е со тебе, голема храброст? - збунето рекла вистината - ти нели многу го усреќи оној ловец?
- Остави ме те молам Од него создадов само фалбаџија, дури и бесрамен лажливец. не можев да живеам со него. Но, ме замоли да се вратиме кај него заедно. Ќе ни го подари срцето, а во него навистина има место за двете...
Вистината се насмевнала, се радувала одново што се гледа со својата другарка која постојано ха храбрела да остане голема и непоколеблива Вистина.
- Добро драга Храброст. Со тебе се чувствувам послободна и можам да зборувам без страв. Ајде да тргнеме и што побргу да го усреќиме ловецот.
Радосни како сестри, Храброста и Вистината тргнале кон ловецот за да му го врата сјајот во неговите очи и насмевката на лицето.

Ќамил Батали


Comments