Saturday, August 3, 2013

БАНИЦА ВО ПЛАМЕН

Беше рано утро, 4-ти мај 1903 година. Зората се зазоруваше. Ѕвездата Деница тивко трепереше од над Баница. Во селото петлите пееја, го најавуваа раѓањето на новиот ден. Луѓето станаа од постелите. Истокот како крв се црвенееше.
Гоце со четата на Димитар Гуштанов и Ѓорѓи Бродлијата, се на се дваесетмина, спиеше во селото Баница и ништо лошо не претчувствуваше. тука се беше затекол и револуционерот Димо Хаџи Димов. Уште убаво не се беше разденило кога од сите страни во селото залајаа кучиња.
Не потраа долго, во куќата каде што спиеше Гоце Делчев влезе задишена една старица и извика:
- Синови, станувајте! Илјаден турски аскер го сардиса селото.
За миг Гоце стана на нозе. Ја наполни малихерката. Ги прегледа револверите и бомбите. Тоа го направија и другите. За миг сите беа готови за крвава и нерамна борба. Дваесетмина против илјаден аскер.
- Гоце - предложи Гуштанов - да поведеме борба од селото од јакиве камени куќи. Кога ќе падне мрак, некако ќе се извлечеме.
Гоце малку се замисли и одговори:
Не, Тоа не смееме да го направиме. Турците ќе го изгорат селово Баница. За да не го земеме селово на шија и да го спасиме од Турците да не го изгорат, мораме да го пробиеме обрачот и да излеземе надвор.
- Ама... Гоце... почна Димо хаџи Димов, но Гоце го прекина и рече:
Тој што тргнал во борба за слобода, одамна ја прежалил главата. Гоце цврсто ја стегна пушката, гордо се исправи, високо ја крена главата и искомандува:
-За слобода на Македонија, браќа, напред против тираните и поробителите!
Тоа го рече и прв се втурна надвор низ вратата. Како рисови по него се втурнаат и другите комити. Од другата страна запукаа пушките на турскиот аскер. Град од куршуми се истури на нив.Гоце претрча до една пресушшена рекичка. По него претрчаа и другите.
- Легнете - викна Гоце.
Дваесет огнени пушки згрмеа, дваесет жешки оловни зрна се забија во крв и месо. Се заниша танецот од опсадителите. Последуваа уште неколку залпови од турскиот аскер. некој од Гоцевите другари извика:
- Ме ранија!
Гоце се поткрена. Еден куршум го боцна во градите. Бликна врела црвена крв и му го попрска елекот. Гоце скрца со забите, уште еднаш цврсто го стегна кундакот од малихерката и извика:
- Удрете на поробителите! Стрелајте на кучињата.
тоа беа неговите последни зборови. Гоце лежеше и ја полеваше со својата врела крв својата поробена земја. ти се чинеше дека е жив и дека ја целува земјата со своите врели усни...
Од сите страни во селото се крена чад. Огнени јазици го голтаа селото Баница.
Целиот ден другарите од камената плевна пукаа на аскерот. Целиот ден комитите со куршуми го бранеа мртвото тело на својот војвода. Целиот ден никој не смееше од турските војници да му пристапи на мртвиот Гоце.
Вечерта, под крилата на мраот, другите преживеани борци се извлекоа надвор од селото...
Тогаш народот ја испеа песната за својот голем војвода:
Баница врисна, Кукуш проплака
роби во плевна на глас пиштеа...

Ванчо Николески

No comments:

Post a Comment

ЗАБЕГАНИОТ ДЕДО НОЕ

Расказ од Нове Младеновски Расказот ја доби третата награда на литературниот конкурс организиран од МЛД "Ванчо Николески" 2023...