Subscribe:

Labels

Wednesday, May 21, 2014

ОСТАНИ СИЛНА МАКЕДОНИЈО

“Само неуките и неразумни луѓе можат да сметаат дека минатото е мртво и со непреоден ѕид засекогаш одвоено од сегашноста. Напротив, вистината е дека се она што човекот некогаш го мислел, осеќал, работел, нераскинливо е вткаено во она што ние денес го мислиме, осеќаме, работиме. Да се внесе светлината на научната вистина во настаните од минатото, значи да и се служи на сегашноста“ Иво Андриќ
Често пишуваме и се навраќаме на историските неправди сторени над Македонија, посебно нејзината поделаба со букурешкиот договор во 1913. Некои велат не треба да се гледа назад во минатото, но токму поради тоа што се случи во минатото се скроила денешнината па и иднината на генерациите.  И денес повторно се прашуваме каде сме погрешиле, односно кој е крив за се што ја кочи македонската нација да направи пробив во светот без препреки и сопки. Постојано треба да се бориме за да докажуваме некому дека сме посебна нација, со свои карактеристични белези, дека не сме ни Бугари ни Срби, ни Грци. Тоа посебно го осеќаме на своја кожа и ние во иселеништво, во мултикултурните општества.
Секогаш подложени на критики, исмејување, дискриминација од една страна затоа што сме ‘новодојдени‘ , без јазик и адекватни квалификации а од друга страна и се ставени на тест и нашите национални белези. Во Австралија како земја на голем број етнички заедници, постојано сме ‘одбрана‘ на нашите национални интереси и се бориме да го зачуваме нашиот идентитет како Македонски. Сето тоа со цел да се истисне она ширење на ‘вистина‘ од страна на нашите соседи кои го негираат постоењето на македонската нација. Според бугарите, ‘Македонците се најдобриот дел од бугарската нација‘, според Србите, ‘Македонците се чисти Срби‘ а според грците, ‘ние сме словеногласни Елини‘. Доволно направи грчкото лоби да во Австралија не нарекуваат БЈРМ и да го закочи признавањето под уставното име Република Македонија.
А со кое право не нарекуваат така како што не нарекуваат? Тие немаат никакво право над Македонија и секогаш треба да се работи на спречување на нивната асимилаторска политика. Македонија е секогаш во позиција да се бори и соочува со голем број проблеми во тој однос. Ако не постоеше македонската нација, немаше ниту тие што да говорат за нас и немаше ниту ние за кого да се бориме и гордо кажуваме дека сме Македонци.
Соседите со своите пропаганди, донекаде успееја да ги збунат другите етнички заедници дека македонската нација не постои или дека јазикот бил ист со нивниот. Тие ја користат блискоста на македонскиот јазик со нивните јазици за да тврдат дека македонците се дел од ‘бугарската нација‘, ‘чисти Срби‘. Но ние не сме ни едното ни другото. Сличноста на нашиот јазик со нивните, е обична сличност меѓу јазици на блиски но самостојно развиени нации. Такви сличности има и меѓу Русите, Украинците, Белорусите, како и меѓу Србите, хрватите, Црногорците, но наспроти тоа, тие претставуваат одделни нации.Англичаните, Ирците, Американците од САД, говорат еден ист јазик но се одделни нации.
Освен јазикот како еден од белезите по кои се идентификува еден народ, тука е и националниот карактер. Елементите на самостојниот национален карактер на Македонците се толку силни што наспроти националниот гнет, никогаш не престанале да се пројавуваат. Затоа денес од посебна важност е развивање на уште поорганизирана мрежа од лоби групи, здруженија, индивидуалци во и надвор од земјата за нивно натамошно укажување, прифаќање , почитување и промовирање во светот. Не треба да им се дозволи на грчките пропаганди да и понатаму слободно да ја фалсификуваат историјата. Тоа го прават организирано и со однапред смислена стратегија и широко застапени лоби групи , агенции во светот. За да го оправдаат господарството над заземениот дел од нашата Македонија, ја користат племенската врска меѓу грчката нација и Македонците, ги кажуваат древните Македоно-Илири, заедно со Македон, Филип Македонски, и Александар Македонски како да се составен дел на древните Грци. Со тоа свесно го прикриваат фактот на населување на Македонија со Македонци.
Македонската нација има своја историја на културно и политичко пројавуање. Забележлива е појавата на Браќата Миладиновци кои работеа на будење на самостојното национално чувство на македонскиот поробен народ. Тие го воспеаја Охрид и Македонија како своја татковина на чист македонски дијалект.Тие не го учеа македонскиот народ ни српски, ни бугарски ни грчки, туку на родниот Македонски јазик.Значајна и за почит е борбата на ваквите просветители за да се изборат за самостојни училишта , цркви и да ја сопрат туѓата асимилаторска напаст. По браќата Миладиновци, дошле ред други народни учители и духовни будители кои успееја да создадат своја историја, после долги и упорни борби за да се ослободат економски и да се здобијат со самостојна држава. Ваквите борби се разгореле под водството на ВМРО кои силно застанаа во одбрана на своите национални интереси, против посегањата на балканските држави. Затоа се вели дека македонскиот народ со крв ја запишал својата историја и првата македонска револуција – Илинденското востание.
Македонската историја не е само пројава на македонската нација и нејзиниот стремеж за самостојна држава, напротив , историјата е освновен елемент што го дооформува и доопеределува самостојниот карактер на македонската нација.
Македонија е посебна нација, земја која има богата традиција ,култура, јазик, а кои несомнено се заштитници и водачи на македонската нација. Не заџабе, Македонија е наречена лулка на писменоста, земја која се уште не си ги познава своите богатства, Македонија заслужува подобро место и углед во светот и треба да ги исправи историските неправди. Македонскиот народ како единствен наследник на Македонија и кој секогаш застанува во одбрана на македонските национални интереси – заслужува подобро. Заслужува подобар економски развој, исправуање на историските неправди и рамноправна застапеност меѓу народите во светот.
Гордана Димовска

No comments:

Post a Comment