Friday, May 27, 2016

ЉУБИЦА ПОПОВСКА СО НАГРАДИ ОД ФОНДАЦИЈАТА ТАКЕЦ



На конкурсот "Битола момо нагиздена" објавена од Фондацијата  Такец , поетесата Љубица Поповска ја доби: GRAN PRI наградата и Прва награда од стручното жири на комисијата.
Исто така, Фондацијата Такец на Љубица Поповска и додели специјална награда, Диплома прогласувајќи ја за писател со вонвременска поезија, специјална награда Диплома како промотор и чувар на аманетот,традицијата и афирмацијата на македонскиот јазик.

БИТОЛА МОМО НАГИЗДЕНА
Во чаша вино
и во староградска песна
те гледам тебе,
Букету насобран
од мирисните падини
на Пелистер.
Измиен од распеаните води
од чистите пелистерски извори.
Ти,лична слико
момо,на сончевите утра
Битола момо убава.
Пладнуваш во треви,цвекиња
под ладовина
во прегратките на Пелистер.
Пиеш извор вода
разограна во потоци,реки
помешана со мирис на смреки.
Твојта убост и слава
разнесени по светот
до Егеј од Шара.
Дишеш со градите
на Баба Планина
зеленило,свежина,маховина.
Твојта воздишка е свеж
здив на пелистерскиот ветер
кој провејува и течи по
Широк Сокак.
Со него провејува,
течи,се пени,љуби
младоста твоја.
По Широк Сокак чекорат
ѕвездените сништа
и пролетните ветрови
на твојата младост.
Младите заљубени
и изгубени во сјајот
на очите на љубовта
и воздишките
со распашани срца
рашетани корзо
низ Широк Сокак.

Ти си преграб на
синовите и ќерките
распослани по
немирните реки
на ѕвездените
и земски патеки.
Под тебе понекогаш
боровите во својот немир
ти праќаат далги од ветрови
на кои јаваат оние
кои биле твои синови,
борци,творци на
ликот сегашен твој .
за да не се заборават
колку длабоки се корените
и напоени не само дождови
со мирисот на моликата
туку и со крв
која обврзува-чувар спомен
за прекинат младешки сон.
Погледот твој е и
спомен и воздишка и тага.

Ти си тоа
секогаш исконска
секогаш млада
за нови чекори
во новото време.

Тука негде,околу тебе
обвиена си со остатоците
од via ignacia
прозор и чекор до светот
што зрачел.

Вечна си.
Ти си издлабен спомен
од архе записите
на своето време.

No comments:

Post a Comment

ЗАБЕГАНИОТ ДЕДО НОЕ

Расказ од Нове Младеновски Расказот ја доби третата награда на литературниот конкурс организиран од МЛД "Ванчо Николески" 2023...