ВО ЉУБОВ ВЕРУВАВ

И  во тмурново пролетно утро
ќе погледнам со бистрово соколово око
во моето срце
и ќе се запрашам
дали и после се
ти се уште заслужуваш да бидеш мојот сакан?
Од сторено не се бега,
но, тоа што мора да биде ќе биде.
А, за тебе сторив премногу.
И затоа не ми беше срам и јас малку љубов да ти побарам .
Премногу те сакав, знае ноќта.
Си ја отворив душата како кофчег

да светне како факел
низ мракот и шаренилото
и смело јас тргнав да го барам изворот на љубовта.
И сега пак се запрашувам :
А што е тоа љубов?
Мислев дека мојата љубов си ти ...
Мислев дека небото со тебе ќе биде посино и побистро.
Мислев дека Сонцето ќе свети посјајно,
а, розата нема толку да боцка
и конечно ќе бидам среќна.
Мислев дека ќе цутам во белина,
и ќе ја напуштам тишината 
и со спокој во душата
како бел разигран галеб
преку сите огради ќе слетам во твоето срце.
Во тебе се вљубив како во уметност,
и мислев можеш мој љубен да бидеш.
Не се плашев од ништо,
со златен клуч ги заклучив предрасудите,
и реков крај на гордоста
и му реков збогум на тажниот глас
и поитав кон среќа,
но, среќа не ме пречека.
Ех, јас! 
Само будна сум сонувала 
и на невистини сум верувала.
И пак сама ќе крикнувам во сонот недосонет
и ќе го чекам денот да ме заштити со бисерната светлина,
за да не исчезнам во сивилото на животот...
А, мислев мој љубен можеш да бидеш ....


Автор: Гордана Б. Николовска 
12.05.2016
Тhe poem "I beleived in love" - author Gordana B. Nikolovska 
Macedonian timeline

Comments