ДОДЕКА СТОИШ ТУКА

Стоиш сама на ова место
сум стоел и јас,
испраќајќи го татка
на печалба,
расплакан често
знаев, нема да се врати.
Во душава страдна
гласот негов,
постојано в немир
ме тера,
нескротен, див ли е,
зборот на утринска жега.
Времето без да сетам
одминало ете,
по овој пат болештини
јадови збрано,
дојде ли време
од тебе да бегам за навек,

сликите на гради ги стегаш само.
Стоиш тука на ова место
погледот кон завиок втренчен,
сенките живи силуети ги гледаш,
во движење поглед стуткан
пред тебе мамурлив ли е,
или заспан лик на патов сенчен.
Денови,ноќи минале
небројни се знам,
на трупецот стуткана седиш сама,
од пазуви вадиш слика бледа
на чедото свое ликот детски го гледаш.
И по некоја солза капнува само
со рацете ковчести ја бришеш милно,
чиниш од далечина
гласот негов го слушаш,
низ сливниците скриен,
довикуваш тивко
дојди дете мое мило.
Болештини те надвиснале
ни сама не знаеш какви се,
ти, и натаму на ова место стоиш
времето притаена друшка ти е,
стар часовник в рака држиш
стрелките ги гледаш,
воздишките ги броиш.
Силата те напуштила
прикрај е,
снагата истоштена во замор тоне,
секој миг е долга вечност
завиена тага во мигот матен.
О, Боже дајми сила
синот да си го видам,
па макар во мигов се' да замре,
низ тревјево спржено
снага да си легнам,
виделија пред мене да има
само да го видам.

Автор: Живко Деспотоски

Macedonian timeline

Comments