Subscribe:

Labels

Sunday, December 17, 2017

ПОД ЕДНО СОНЦЕ


Автор: Гордана Димовска
Шумолат, шепотат брезите крај стариот пат, Никако да запрат
Пожолтеле но сјаат како златни одблесоци на сонцето зад ридот.
А тоа срамежливо излегува и блеска Со бои црвени и жолти есенска слика бои,
И знае дека секој со радост го чека.

Минувачи минат, итаат, брзаат секој по свој пат
Лица радосни, лица тажни, загрижени, ведри
животни приказни кажуваат, протекуваат како река
Река кoja де тече, де застанува
Де жубори и сјае под силното сонце
Де молкне и се губи во тишината силна.


И повторно шепот, не од брезите стари
Не е од златните лисја што сјаат
Не е од минувачите кои итаат и брзаат по својот пат.
Сонцето почна разговор да води: Излегувам секое утро ги милувам минувачите
Со лица уморни, со лица радосни, некои и тажни
Гледам грижи, слушам гласови приказни важни,

Слушам за неправди, надвиснати како планини
Неправди тешки со векови стари надвиснале над еден напатен народ,
од земја разделена на три страни.
Распослав зраци во Солун, Воден, над Пирин и Шара
Некој ми кажува за судбина клета, ме прашува за совет
Ми кажува и со воздишка вели: долга е оваа приказна и стара
Народот се разделил и нов патоказ бара.
Но јас сум со вас и секогаш над вас старо колку и земјата ваша
Сведок кој бдее и сјае над полињата ваши ширни,
Сведок на ропствата, непокорот и бурната историја ваша.

Кој не минал не знае но ќе научи
Само вистината никој не може да ја скрие
Иако некој ја испревртува и вешто крие.

Не молчете вие минувачи тажни,
Не молчете вие распрснати чеда по белиот свет
Вашиот корен е овде, под моите зраци
Длабок, разнишан, се уште неоткорнат кој го осветлувам секое утро,
Го штитам и бранам од секое зло.
Тој е нем сведок на едно време на вашите чекори, насмевки детски.

Моите зраци се долги прегратки топли, да ве прегрнат да ве смират,
Да ви дадат моќ и верба во вашето ЈАС
Да ви одвлечат грижи за неправди стари
Да ви дадат патоказ и зацелат рани.
Чекорете достојно под вашето Сонце
Под Сонцето кое секогаш ве следи
Во добро и во зло, во неправди и борби со самите себе.
Тоа е тука а борбата и патот по кој одите се ваши.
Само да не задоцни правдата затоа што е полоша и од неправдата.
Вашата сила не исчезнала, ниту намерно се скрила
Ниту вие пак дозволете некој да ви ја земе,
Таа е во ВАС, и секогаш била, Чекорете но сплотени, мудри, со кренати глави,

Македонски чеда, обединети од сите страни.


Macedonian timeline

No comments:

Post a Comment