Subscribe:

Labels

Saturday, February 24, 2018

НОВА КНИГА ЗА МАНАСТИРОТ СВ.АНТОНИЈ

Книга за манастирот Св. Антониј во Стругово од авторите Ванѓелко Лозаноски и Анита Димановска
Во низата демирхисарски манастири, посебно место му припаѓа, на манастирот Свети Антониј во Стругово, еден од најстарите, подолго време заборавени манастири, кој во поново време се разоткрива од заборавот.
Ова е прва книга посветена на овој манастир, со цел да се зацрта неговото вистинското место во македонската црковно-манастирска историја.
И селото Стругово ќе ја добие вистинската историска светлина, која ја заслужува во македонска духовна и културна историја.
Манастирот Свети Антониј е подигнат над селото Стругово во планински живописен предел. Низ многу векови зрачел и опстојувал низ огнените војни и пожари. Манастир кој се врежал длабоко во спомените на струговци.
Низ вековите, приказните и легендите за манастирот Свети Антониј се движеле и потекувале како жива света вода. Тие се пренесувале генерациски, од колено на колено, од дедо и прадедо.  И самиот манастир е мит со таинствена силна светлина, која го осветлува и Стругово. Секој човек кој зборува и раскажува за манастирот Свети Антониј разговара, претпазливо, внимателно, со почит, со љубов која грее и одблеснува.

Од сите соговорници од Стругово и околните села со кои разговаравме, никој не знае кога за прв пат е основан манастирот и од кога опстојува. Ова таинствено прашање ги збунува. Дури и самите селани од Стругово, ги доведува до недоумица – кој е постар, манастирот или селото?! Преовладува мислењето дека манастирот има подолговековна историја. Така потврдува и Коста Котевски, ВладоТрајковски-Апче и група селани. Откако го видовме манастирот каде е подигнат и како е граден, мислата не однесе кон ранохристијанските цркви, кои се граделе во стилот на пештерските цркви.
Останатите матријални остатоци на стари населби во близина на манастирот, водат кон реален заклучок дека прво бил изграден манастирот „Свети Антониј“, а пота било основано селото Стругово и околните села.
Нашите размисли и прашање кога е изграден манастирот Свети Антониј им го оставаме на археолозите и историчарите, тие можат да се доближат до историската вистина. А ние во оваа книга ќе дадеме изворни податоци кои ги добивме од нашето истражување, во Стругово и демирхисарско.
Посебно, со внимание се навраќаме на податоците од повозрасните селани. Од разговорот видлива е заемната врска на селото и манастирот. Таа поврзаност се градела континуирано низ веквите. И денес, таа поврзаност е видлива и јасна. Струговчани се гордеат со манастирот каде и да се низ светот.

Навлеговме и во верувањата, обичаите и верските обреди кои се одвивале околу манастирот низ вековите. Тие се надоврзувале и продолжувале и во времето кога манастирот бил запален, збришан од географската карта. Струговчани продолжиле да ги чуваат и пренесуваат на идните генерации. И денес се видливи, особено на денот на славата на манастирот, како и деновите пред и после неа. Главните обичаи се на самиот ден на Свети Антониј, 30 јануари. На овој ден манастирот и конаците се претесни да ги примат гостите. Но Светецот е преголем, за секој ќе се најде место на славата.
ПРЕЗЕНТИРАЊЕ НА КНИГАТА ПРЕД МАНАСТИРОТ СВ. АНТОНИЈ
Macedonian timeline

No comments:

Post a Comment