Thursday, October 26, 2017

ПОЕМА

И немаше ништо да те одврати
Постана бунтовник во кошмарен сон
а чувствата  како стари избледени конци...
се кинат и ти го олеснуваат патот
ти стануваш ненадајно и си одиш...
Ги остави боите и четката со која знаеше и да сликаш
во прашината остана поема
започната но недовршена
зборовите испрекинати
плачат и дење и ноќе
довикуваат да се вратиш
како птица во своето гнездо
да се свиеш и стоплиш
да насликаш нови бои
да го отвориш срцето кога умот друг пат фатил.

Thursday, September 28, 2017

САМ

Мои размислувања за животот и осаменоста кои ги споделувам со читателите на МТ - Вера Горгиевска

Самиот збор САМ, се состои од три букви, но тие се тешки колку една голема планина. “Сам“ колку е лесно да се изговори тој збор и на него и околу него да се испреплетуваат вљубени во себе си лирски варијации со својата скапоценост како центар. А навистина колку е тешко, тешко и невозможно да се замисли и целосно да се сфати и со крајни последици да се прими таа самотија. Сам – три букви, коишто се изговараат во еден здив а всушност безброј години и недогледани пространства, пустоши, одрекувања, и стравотии од секаков вид без ниедна светла точка.
Не ја сакам самотијата која по себе носи голем број последици, ја ранува душата, многу длабоко, повеќе отколку што се замислува.

Monday, September 18, 2017

ЗА АДРИАН


Посветена на внукот Адриан
Чудо од дете, сокол на баба
со сродна душа на баба
Мило око што насекаде гледа,
да стави ред да залее цвеќе
да направи
она што него среќен го прави.
Најомилен дуќан му е Банингс
да си купи штрафче
да си поправи точак
мотор и количе
нарочито ги расипува
за повторно да ги поправа
еден ден ми вели:
Овој точак тато сака да го фрли
но јас го поправив
баба му рече: Браво Адриан
мило на баба
ти си гениј, иноватор
постојано нешто измислуваш, мир
во душата немаш.

Tuesday, September 12, 2017

НЕ ДАВАЈТЕ МИ

Автор: Живко Деспотоски
Не давајте ми оган
со вжарени гламни,
трагите да си ги
пеплосам,
подарете ми
вечна светлина
ветена љубовна
надеж,
патов да си го
изодам.
Не скривајте го
вистинското лице,
со замачкани маски,
образот светол и
прозрачен,
да ви го видам.

Monday, September 11, 2017

ЅВЕЗДАТА ВОДИЛКА

Автор: Ванѓелко Лозаноски
Ако погрешив. Илјада пати ќе се извинев,.
И со денови ќе барав прошка.
И на ангелите
И светците ќе им се
поклонев и
Помолев
да ми простат.
И на крст ќе бакнев.
за вистината.
пред иконата

Но кога совеста и свеста
ми се како бисер
ќе се огревам
од нивната светлина.
И успечно
ќе чекорам гордо.
Тие кои ја плетеа мрежата
Верувам во Бога.

Sunday, September 3, 2017

НОВИ ПОЕТСКИ ОСТВАРУВАЊА НА ЉУБИЦА ПОПОВСКА




Огромната љубов кон пишаниот збор е голем поттик за поетесата Љубица Поповска да твори и издава збирки на поезија за сите генерации и на повеќе теми. Оваа година ги издаде четирите збирки “Траги во времето“, "Виножито во мојата прегратка", "Македонски непребол и гордост" и "Светлина во нас и околу нас“ а истовремено учествува на многу поетски читања во Македонија и Австралија како активен член на МЛД “Кочо Рацин“.

Saturday, September 2, 2017

МАКЕДОНИЈА СЕ БУДИ

Маршираме секој ден
неуморно со страст,
маршираме
со љубов за секого,
маршираме
на залез на сонцето
а сепак е утро.
Се будиме
сите заедно,
загриженост
распламена
во љубов
и насмевки.

ПОЗДРАВ ДО МАЈКА МИ

Во виорот на војната 2001
 Проштален е молкот во немоќ
да се исплачеме,
ветрот,тој див речен ветар
ја растргал мрачната завеса
на ѕвездена вечерница,
меѓу мене и твојот избледен лик.
Црковното Ѕвоно ја растреперува
болката вклештена меѓу
бршлените во Горноречие,
мачна и тешка е самотијата
кога нема кој да и' запее свадбарска
во мајкина прегратка.

Wednesday, August 23, 2017

ПРОМОЦИЈА НА ЕГЕЈСКА СОЛЗА ВО ДЕМИР ХИСАР

Романот Егејска солза од Ванѓелко Лозаноски беше промовиран пред голем број присутни гости во СОУ „Крсте Мисирков“ Демир Хисар.  
Не се доволни неколку минути, не  е доволен еден ден, потребни се денови  да се говори и да се опише творештвото на проф. Ванѓелко Лозановски. Ова е само дел од неговото творештво, кое е непресушен извор на енергија осветлена со патриотизам и љубов кон Македонија, но  пред се кон Демир Хисар. Проф. д-р Менде Солунчески
Свое излагање за огромниот придонес на професорот Ванѓелко Лозаноски и осврт кон романот даде Проф. д-р Менде Солунчески „Егејска солза“
 "Почитувани Во рамките на демирхисарското културно лето  ДЛКН „Св. Висарион“ денес има несекојдневен настан промоција на најновиот роман на професорот Вангелко Лозановски,  Егејска солза, роман кој го разбранува македонскиот дух и испраќа порака на „сенароден соживот“ на овие не само македонски туку балкански простори. Промоцијата на романот ќе ја реализираат рецензентите.

Saturday, August 19, 2017

ДОДЕКА СТОИШ ТУКА

Стоиш сама на ова место
сум стоел и јас,
испраќајќи го татка
на печалба,
расплакан често
знаев, нема да се врати.
Во душава страдна
гласот негов,
постојано в немир
ме тера,
нескротен, див ли е,
зборот на утринска жега.
Времето без да сетам
одминало ете,
по овој пат болештини
јадови збрано,
дојде ли време
од тебе да бегам за навек,

Friday, August 11, 2017

ЖИВОТОТ

Животот е луд,
И сосема непредвидлив ...
Ќе те отфрли,
Ќе те удира и кога паѓаш
Ќе те удира и кога се обидуваш да станеш.
Но не може ништо да те победи.
Се ќе се промени,
А ти треба да избереш што е најдобро за тебе.
И барем еднаш научи да го  слушаш  твоето срце

Wednesday, August 2, 2017

НЕ ПРИФАЌАМЕ ПОТПИШУВАЊЕ НА САМОУНИШТУВАЧКИОТ ДОГОВОР СО БУГАРИЈА

Macedonian Literary Association
“Grigor Prlichev” of Australia Inc.
Македонско Литературно Друштво
„Григор Прличев“
P.O. Box 227 Rockdale NSW 2216 - Australia

По повод Илинден средба во Сиднеј

Не прифаќаме потпишување на самоуништувачки Договор со Бугарија
По повод македонскиот национален празник Илинден, најсветлиот датум на македонската историја, Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј одржа Илинденска средба на 28 јули во просториите на својата Библиотека во Анклиф (Сиднеј).
На средбата после едно минутно молчење им се оддаде почит на паднатите Илинденци, се изнесе важноста на Илинденското востание во борбата на македонскиот народ за самосталност од Турската империја, а посебно за формирање на својата државност. По повод Илинден со своја поезија настапија поетите Марија Александрова, Иван Трпоски, Перо Дамчевски – Коцин, Димче Џајкоски и Душан Ристевски.

Tuesday, August 1, 2017

ДЕНЕС СПРОТИ ИЛИНДЕН

             
                                                               
Да се исправиме повозвишени од Пирин,
И таму чекориме по височините,
Во пресрет на изгревот на сонцето над Македонија
Побистри од Егеј од каде извира глаголицата
Калемена  на зборот македонски
И заклетвата за Македонија „Слобода или смрт“
Пред евангелието со кама и пиштол.                                               
Да се напоиме од бистриот Вардар,
И да наздравиме со чаша вино тиквешко,
Ние сме Македонци, ајде да бидеме посилни од нашите негатори...
Погледнете во нашите очи
Подлабоко, и чисто, без злоба и суета
Ќе ѕирнете во вистината на нашата историја
Ќе видите и оган силно распламтен
Со искри од непокор и крикот на борците