БЛАГОЕЦ

Според Православниот календар денеска е празникот Свето Благовештение, меѓу народот повеќе познат како Благоец. Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 25 март според стариот или на 7 април според новиот календар. Благоец се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благоец прв ден Велигден“.
Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека ” Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.
Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик.
Поради тоа, Благоец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли, па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Со Благоец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. Овој ден е значаен и за земјоделците, особено на оние што имале ниви со тикви, лубеници, краставици, бидејќи се што ќе се заседело на Благоец било благо. Иако паѓа во тешките велигденски пости, на Благоец се јаде риба.
Извор: www.volino.mk
Gordana Dimovska

Comments