Subscribe:

Labels

Wednesday, March 25, 2015

НЕ ПРАШУВАЈ ШТО МИ Е

Автор: Розита Христовска
Кога ќе ми видиш тага во очиве,
молчи и не прашувај што ми е,
само дозволи ми да ја потпрам главава,
на твоето рамо малку да се успокојам,
и уште молчи, долго молчи, така остави ме,
и онака само ти знаеш што ми е...
Нека трае долго тој невин допир,
мојата глава припиена до твоите гради,
ете, тоа е она нежното што ме смирува,
кога ме галиш како да сум дете расплакано,
е, тогаш не терај ме да ја кренам главата,
не сакам да ми ја гледаш тагата.
Само позајми ми малку топлина,
ќе ти вратам стопати по толку,
само нека ми помине тагава,
иако не знам колку долго ќе трае,
белки не се вгнездила во мене засекогаш,
зарем издајничката до крај во мене да чмае.
Блазе си им на оние што можат да плачат,
не знаат колку боли тагата без солзи,
колку тежат, колку печат тие проклетите
кога мораш да ги задржиш во себе,
се засушиле па не можеш да ги пролееш,
во душата како бигоришта ти налегнале.
Додека ми трае тагава ништо не прашувај ме,
и натаму молчи, само молчи и топли ме,
многу ми е студено, околу срцево ми е студено,
таму во најдлабокото, таму е најстудено,
ако можеш, ете таму длабоко допри ме,
можеби само така тагава ќе ми помине.

(Poezija - "Ne prasuvaj sto mi e" Rozita Hristovska
24.03.2015

No comments:

Post a Comment