Subscribe:

Labels

Friday, August 24, 2018

ГАЈДА

Автор: Нове Богојески
Гајдо стара
од јарешка кожа,
заборавена од сите
на таванот сама
на клин висиш.
Мевот ти е дупнат,
гајдарката без писка,
а дувалото суво.
Завиена со
пајакова мреша,
а под неа
децениска прашина.

На тебе сега
не свири никој.
Пред години многу
на секоја слава
беше прва,
беше главна.
Сред село
собрани сите
околу тебе
виеја оро,
ред невести млади,
ред силни момци.
Во селото
без тебе
ни живот
ни веселба
ни свадба.
На трпеза
со пагурче
ракија лута
и пот како вода
од меката кожа.
Силна свирка
од долгото брчало,
ора и песни
по твој ритам
од утро до мрак.
Каде си сега,
село да видиш?
Да разлееш глас
по долини и гори,
на едно место
во дружно оро
да збереш
и старо и младо.
Гласот твој
нема в село
кој да го чуе.
И тоа осамено,
заборавено од сите,
на ридот чмае
исто како тебе.

2018 Нове Богојески

No comments:

Post a Comment