ЛЕГЕНДИ ЗА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

Александар Македонски рекол:
Водачот пред битката треба да мисли како да победи, а не за последиците од поразот.
Јас претпочитам кратко да горам, отколку долго да чадам.
Славата не се постигнува со туѓи раце.
Во политиката нема вистина, има само насоки како да се постигне целта.
Успехот претставува најголема убедувачка сила.
Постојат голем број на легенди за славата, борбеноста на нашиот историски херој, двигател на светот. Па дури и светски познатиот средновековен морепловец и патеписец Марко Поло запишал неколку. Тој е роден некаде околу 1254 година во Венеција. Неговиот татко и чичко биле познати трговци. Поради својата трговија, во 1260 година тие тргнале на пат од Узбекистан за Кина, од каде се вратиле по девет години. По две години со себе го зеле и Марко Поло и повторно тргнале за Кина. Минале низ многу азиски земји. Тие биле првите Европејци за кои се знае дека ги посетиле пустината Гоби и висорамнината Памир. Марко Поло се сретнал со Кублај-кан и се вработил во неговата администрација. Три години бил управник на еден кинески град, а татко му и чичко му, исто така, работеле во служба на Кублај-кан. Тројцата останале во Кина до 1292 година, по што заминале за Иран. Претходно ги посетиле Суматра и Индија. Во Венеција се вратиле во 1295 година. Во 1298 година Марко Поло бил затворен поради учество во војната меѓу Венеција и Џенова. Во затворот тој им го раскажал на затворениците целото свое патешествие. Следната година го ослободиле и се вратил во Венеција. Неговите записи се објавени во 1300 година во делото "Патувањата на Марко Поло" и тие се сметаат за најпознатите патеписи во историјата. Прв пат средновековните Европејци се сретнале со подетални записи за животот во Кина и во другите далечни азиски земји. Се смета дека таа книга предизвикала интерес и кај Кристифор Колумбо да ги преземе своите патувања. Марко Поло починал во 1324 година. Каква е поврзаноста на Марко Поло со Македонија и со Македонците?
Најнапред да кажеме дека тој поминал непосредно покрај македонскиот брег во Егејското Море пред да се врати во Венеција во 1295 година. Претходно тука поминале и татко му и чичко му Николо и Мафео Поло, во 1260 година. Но, тоа не е сè.
За време на своето патување Марко Поло запишал четири легенди за Александар Македонски и ги објавил во 1300 година.
Првата легенда "Осаменото дрво" била запишана некаде во северниот дел на Иран. Таму на Марко Поло му било кажано дека во тие земји постоело едно осамено дрво среде огромна пустина. Наводно тоа дрво изникнало на местото на големата битка меѓу Александар Македонски и персискиот цар Дарие. Поло запишал дека тоа дрво било со огромна големина и дека од едната страна имало зелени лисја, а од другата бели. Она што е многу интересно е фактот дека на најстарата зачувана претстава на битката кај Ис (мозаикот од Помпеј од 80 год. пред Христа) навистина во позадината се гледа едно осамено дрво.
Втората легенда за Александар Македонски, која Марко Поло ја запишал во Азија, носи наслов "Наследникот на Александар". Според оваа легенда, Александар се оженил за ќерката на Дарие некаде на територијата на денешен Авганистан. Од тој брак тие добиле деца, кои пораснале, се омажиле и се ожениле и така нивното потомство стигнало сè до 18 век т.е. до посетата на Марко Поло на тие краеви. Тој запишал дека пристигнал во земјата Бадакшан, чии владетели себеси се сметале за директни потомци на Александар и на неговата персиска невеста. Во чест на својот наводен предок, тие ја носеле титулата "Зулкарнијан" (тоа претставува исламско описно име за Александар Македонски, под кое се смета дека тој е спомнат во Кур'анот).
Според третата легенда со наслов "Последниот еднорог", познатиот коњ на Александар - Букефал, наводно до четиринаесеттата година од животот бил еднорог. Во претходно спомнатата земја Бадакшан, имало стадо еднорози, кои потекнувале од Букефал. Ова стадо било во сопственост на некој богат член на кралското семејство. Кралот посакал да добие макар и еден еднорог од тоа крдо, но богаташот го одбил. Поради тоа, кралот наредил да го убијат. За да му се одмазди на кралот, жената на богаташот им наредила на своите слуги да ги убијат сите еднорози. Така била прекината лозата на Букефал.
Четвртата легенда за Александар Македонски која ја запишал Марко Поло носи наслов "Александровата преграда". Оваа легенда се однесува за еден настан кој наводно се одиграл на територијата на денешна Грузија. Според легендата, во оваа земја било запрено напредувањето на Александар, затоа што пред него се појавил опасен теснец. Од едната страна се наоѓало морето, а од другата имало непреодни планини со густи шуми пред нив. Овде Александар решил да изгради преграда во теснецот меѓу двете планини.
На тој начин ги спречил племињата кои го напаѓале и ги отсекол од цивилизираниот свет. Таа преграда го добила името "Железна порта". Интересно е тоа што подоцна многумина се обидувале да ја пронајдат таа "Железна порта". Така, на пример, некои средновековни арапски географи сметале дека оваа преграда всушност е Кинескиот ѕид, а други, пак, сметале дека се наоѓала во Дагестан.

Гордана Димовска


Comments