Subscribe:

Labels

Tuesday, May 19, 2015

СЈАЈОТ И БЕДАТА НА СТАРИОТ ДАБ

Автор: Славко Крстевски

Во пресрет на 25-ти октомври, денот што сакам да го прескокнам, а тој се закопал длабоко во МЕНЕ.
Беше самоник и самотник
изгубен во просторот и времето
без надеж и иднина
на работ од провалијата
на крајот од животот
долета неговата божица
го понесе во височините
го круниса во цар и крал
над сите цареви и кралеви
царуваше и кралуваше
со светот
со земјата
со вселената
гордо опстојуваше
на највисокиот рид
прв го здогледуваше изгрејсонцето
последен зајдисонцето
немаше толку висока планина
што ќе му го попречи недогледот
хоризонт не постоеше
сонцето изгреваше од земјата
зајдуваше во водата
со врвот беше закопан во небото
ѕвездите му беа на дофат
месечината во дланките
СЕ БЕШЕ НЕГОВО...
Долетаа ангелите
си ја зедоа божицата
одлетаа во височините
во бескрајот во рајот
во царството небесно...
го оставија
да гори во пеколот
црна бездна да го проголта
да го сотре со се коренот.
ИЗДРЖА
ама остана
САМОТНИК
вресна се струполи од тронот
се урниса се разнебиде
кога на пладнина го допре сонцето
и почна да го спржува
болка го стегна го превитка
лисјата му овенаа му подгореа
се најде на ветрометина
ветриштата го шибаа
водеше борба со виулиците
со студенилата со мразиштата
облачиштата мрачни
го завиткаа во прегратките свои
молњите се вркрстуваа
околу него и во него
громовите трештеа
едни се одбиваат
други се забиваа
го растресуваа
го разгоруваа
го раскопуваа
го откорнуваа
го битисуваа
гранките му ги откинуваа
НЕ СЕ ПРЕДАДЕ
ја дочува гранката со гнездото
и единственото пиленце во него
да го сокрива од грабливците стрвни
да го заштитува со попарените лисја
од лутата утринска слана
од пладневниот сончев припек
и со тие и такви лисја
со мајска утринска роса
да го оросува и напојува
да не биде со оџагорени очиња
и широко отворено клунче
цивкањето и цвилењето
да го претвори во песна
престрашноста во храброст
трепетот и тресењето во мир
крилцата да ги рашири
да ги размавта
да одлета и прелета
зад хоризонтот недогледен
да си го најди јатото изгубено
и дури тогаш ќе се откажи
и од гранката последна
и од гнездото на неа
ќе се предаде конечно
ќе престани да владее со светот
ќе престани со живеењето
ЌЕ МУ ОСТАНАТ САМО
КОРЕНИТЕ ДЛАБОКО
ЗАКОПАНИ ВО КАРПИТЕ
Г Р А Н И Т Н И.
(Искажано во еден здив помеѓу две воздишки).
Поемата е до збирката “Крикови“ на Славко Крстевски, објавена во 2014 година.


No comments:

Post a Comment