МЛД "KОЧО РАЦИН" - САЕМ НА КНИГАТА ВО ЧЕСТ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ

ЧЕСТВУВАЊЕ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО АВСТРАЛИЈА
Македонското литературно друштво ‘Кочо Рацин’ од Мелбурн организира Саем на книгата под мотото “Со љубов кон македонскиот јазик“.  Беа изложени македонски книги, романи, историја, поезија и детска литература. На Саемот присуствуваа градоначалникот на Општината Витлси, Стеван Козмевски, Мери Лалиос од Општината Витлси, Ацо Талевски, истакнат активист во Македонската заедница, Маргарита Василева, Игор Павловски. Програмата започна со рецитирање на поемата Денови на англиски со Гордана Димовска и на Македонски со Крсте Наумовски Мечкар. Специјално за овој Саем од Камбера допатува и Доне Димов кој раскажа за егзодусот, како дете бегалец во Граѓанската војна во Грција. Следуваше рецитирање на детски песни со Шана Јовановска која ги воодушеви присутните со совршеното читање на поеми на македонски јазик,  а потоа писателите и поети  Кочо Крушорати, Нове Младеновски, Виолета Јовановска, Крсте Наумовски Мечкар, Љубица Поповска, Вера Горгиева, Стеван  Ацески, прочитаа дел од своите творештво.
Во детската работилница, децата со голем интерес ги изучуваа македонските букви преку боење и пишување за потоа да ги претстават пред публиката. Градоначалникот Козмевски, ја поздрави иницијативата и ги охрабри членовите да продолжат со вакви активности и дека на овој ден тој се почувствувал многу горд и дознал многу повеќе за македонскиот јазик. Мери Лалиос исто така ја поздрави иницијативата и укажа на важноста од одржување на вакви манифестации а се заложи да помогне за поставување на книги од македонските автори во библиотеките.  Претседателката на МЛД Кочо Рацин, Гордана Димовска во своето обраќање рече: Почитувани, го одржуваме овој Саем на книгата во пресрет на  големиот празник на македонските просветители, учители, Св. Кирил и Методиј. Јазикот и писмото се огледало на човековата душа, светлина која сее знаење и мудрост, чувство на припадност кон еден народ. Денес сме тука да се потсетиме на величенствената мисија на Св Кирил и Методиј кои го просветија народот создавајќи ја првата азбука со што тие внесоа светлина во помраченоста на народот кој не познаваше туѓи писма а свои немаше. Од семето што го посееја, денес го жнееме најубавиот плод, македонскиот јазик, македонската развиена книжевност. Да продложиме по патот на светлината со силна љубов и силна афирмација на македонскиот јазик и писмо, кое ни го дадоја и за кое се жртвуваа нашите претци. Нека ни е честит Св. Кирил и Методиј“..

Посебна благодарност до медиумите: SBS радио, Маргарита Василева, Виолета Јовановска, Радио Илинден Мелбурн, Игор Павловски (АМН, Денес), Plenty Valley Блага Петреска, 3zzz Васко Ангеловски.








Comments