Расказ од Нове МЛАДЕНОВСКИ
За еден обичен брачен живот потрошен во иселеништво а сведен на едно едноставно прашање: “Дали погрешивме? " ...
Излегуваме од колата. За момент како да ги видов силуетите на покојна ми мајка и изнемоштениот татко на чардакот.. “Се вративте ли сине?. Се стори вечност откако заминавте„
Брат ми, најмладиот со сопругата, како вистински домаќини не чекаат под чарадкот. Ги пуштив внуките пред мене и довикнав од зад нив:
- “Еве го брату моето богатство што го спечалив за 30 години во Австралија“. “Материјалните нешта таму во џенем не ги рачунам“.
Ова му го велам на брат ми додека мојот поглед и ум се уште се залепени горе на чардакот на кој веќе ги немаше силуетите од родителите. Се надевам дека ме слушнаа пред да се вратат во нивниот покој. Во меѓувреме пристигна и постариот брат. Не пропуштивме да појдеме во казаницата да провериме дали најстариот брат нешто “сокрил“ таму од минатогодишната реколта на грозјето.
Во текот на наредните неколку дена внуките – најмалата пет години, средната осум и најстарата дванаесет години, се исшетаа по патеките на моето детство во родното село Иванковци. За нив ова беше нов, чуден и по малку таинствен свет. Ми поставија стотици прашања. За добар дел од нив немав одговор а беа скоро истите што мајка им ми ги поставуваше кога беше на нивна возраст.
Уште во Австралија ми се роди идејата да ги прошетам до гробиштата на ридот на крајот на селото. Еве, пред гробот на моите родители, се крстиме секој за себе и еден по еден палиме свеќи молејќи се за покој на нивните душите. По вековниот обичај си раздадовме еден на друг од понудите за душа а остатокот го наредивме на гробот. Внуките го следат секое наше движење. Ги помилуваа фотографиите на нивниот прадедо и прабаба и им упатија бакнежи преку рачињата. Се сетив на татко ми кој беше силно загрижен за нас во туѓина. Попусто по телефон му објаснувавав дека сме добри со здравјето и полека пуштаме корен. По десетина години, кога му кажавме дека сме купиле куќа и сме се задомиле, го затворил телефонот и ѝ рекол на мајка ми: “Е сега и да умрам не жалам. Од сите пет деца најмногу се плашев за Ноце. Тој е со најслабо здравје.“ И навистина, не поминаа многу години по тој настан, тој почина. Пред неговата изветвена слика се воздржав – не пуштив ни една солза. Тоа не им успеа на сопругата и ќерка ми. Внуките ги гушкаа и им ги бришеа солзите. Не сакав да ја прашувам ќерка ми дали и колку го препознава својот лик во сликата на баба и. Рднините велат дека е иста баба а го носи и нејзиното име.
Со времето, гробиштата се рашириле, со се повеќе големи и убави споменици. На членовите од фамилијата Младеновски им останале само неколку гробни места. Над најстариот гробен камен на крстот покриен со патина, над кој надвиснале пајажините, татко ми ги испишал имињата од најстариот чукун дедо за кој слушнал и на останатите по ред до неговото време. До овој зеднички гроб има еден помал и на крајот, гробот на татко ми и мајка ми. Им објаснувам на внуките, посебно на најстарата, дека овде во овие десетина квадрати под тешките монолити, е изворот на дел од гените што ги имаат во себе. Ќерката дообјаснува дека ова всушност е базенот на гените на фамилијата Младеновски.
По некое време седнати во колата на патот низ отворениот прозорец викаат по мене. - „Дедо, дедо... што стоиш како нем на жестината. Кај дедо Тоше не чека ручек“. Јас со умот сум надвор од реалноста. Ако ова место за внуките е генетскиот извор за мене е еден вид генетски понор кој мами во длабочината. Господ наскоро ќе си го побара назад она што ми го дарил – животот.
Набргу, во колата најстарата внука ме дочекува со прашање:“ Дедо, а кој лежи во малиот гроб?“ .
- “Вашиот пра дедо имал четири сестри. Најмладата, која била најубава од сите била во твои години. Се вратила од полето малку порано. Задача и била секој ден да донесе вода од чешмата на сред село. Си ја измила косата со ладна вода на коритото и се стрчала со двете стомни шарени право на чешма. Вечерта добила висока температура и паднала во постела. За жал, по неколку дена починала. Поради големата тага и љубовта кон неа не ја закопале кај останатите туку само за неа направиле гроб.“
- “Дедо, зар не ја однеле на доктор”? – праша среднaта внука.
- “Еј внуки мои, во тоа време немало доктор. Верувам дека оваа ќе биде поучна приказна и за вас. Иако денес има и доктори и болници немојте многу да се јуначите. Слушајте ја мама и тато”.
*******
Во Кавадарци, на внуките опкружени со многу љубов и преголемо внимание од страна на бројните братучетки, братучеди и другите баби и дедовци некако им се заарни слободата а и чаршијата. Најстарата, на прагот на тинејџскиот период, почна да се враќа по полноќ. Стегите од мајка им и домашната Австралијска дисциплина почна да им сметаат. Неколку дена мајка им почесто ги кара а тие дипломатски молчат. Во една прилика добро ја изнервирале па морала малку да им даде по гас. Утредента најстарата ми објаснува: “Дедо научивме уште еден македонски збор„.
- А кој е тој збор, мора да е нешто посебен.
- Не дедо, ни малку не е посебен а не е ни пожелен - ЌОТЕК! дедо ЌОТЕК!
- Го учевте на потежок или полесен начин?
- Дедо ти се подбиваш со мене, тоа воопшто не беше пријатно.
****
Последните неколку дена од нивниот одмор, на инсистирање на фамилијата на баба им, едвај нашле време да го посетат гробот на родителите на баба им Велика.
Сонцето пржи а угорнината низ Кавадаречките гробишта не е баш лесна за постарите. Внуките од двете страни ја придржуваат и охрабруваат баба Велика да издржи.
- Бабо требаше да дојдеме некој друг ден. Нѝ изгледаш изнемоштена.
- Не внуки мои, баба уште може, морам да запалам свеќа на гробот на моите родители.
Постојаа кратко време пред гробот на прабабата и прадедото. Тек толку да се поклонат и да запалат свеќи.
- Бабо ајде не плачи. Тие нити можат да те видат нити да те слушнат – вели најстарата внука.
- “Знам бабино ама солзите сами надоаѓаат“.
До нивниот гроб беше и гробот на дедо Живко. Починат беше веќе петнаесетина години. Баба Петра од тогаш живее сама. Внуките сите овие денови и беа вистинско освежување. Без разлика на проблемите со јазикот тие ја чувствуваа нејзината силна и искрена љубов.
- “Ајде дечиња и овде по една свеќа и да си одиме” - рече мајка им.
Највозрасната и средната внука без размислување ги бакнаа двете слики. Нјмалата некако се замисли па ненадејно рече. “Мамо јас сликата на баба Петра не ја бакнувам. Вие се шегувате со мене. Па таа сношти си играше со мене. Не е умрена.“
-“Добро Маја, во право си. Овде, во Македонија, кога ќе почине едниот партнер обичај е да се направи гроб за двајцата и постават двете слики. Така е поевтино за фамилијата“.
- “Вие бакнувајте ја овде а јас ќе ја бакнам баба Петра кога ќе се вратиме назад“.
*****
Се одбројаа деновите на нивните авантури и доживувања во Македонија – земјата на мама, како што имаа обичај да ја нарекуваат во Австралија. Во ранчињата поредени во ходникот си ги пакуваат своите дески работи и бројните подароци. Тажни се по малку што не им ги собираа сите подароци.
- “Мамо, да му кажеш на дедо да ни ги чува за идното лето подароците што не може да ги понесеме. Мора и тато да го донесеме. Овде ни е преубаво“.
- “Дали си спакувавте по малку ЌОТЕК“? – ги прашувам со сериозен глас од зад нив.
- “Не дедо!. Ќотек никако“! – одговорија во еден глас - како во хор.
- “Ти Новче би можела да напишеш есеј на училише за традиционалниот начин на воспитувањето на децата во Македонија“.
- “Ух дедо, не! Тоа е лоша идеја. Ќе и направиме проблем на мама. Ќе ја викаат во училиште и ќе ја оптужуваат за малтретирање. Ќе мислат дека Македонија е заостаната земја со насилни луѓе без култира. Оставете си го ќотекот овде за вас. Белким ќе замине во историјата“..
Останав без збор. Ми се причини дека во овој еден месец во Македонија внуката созреа, како да помина овде неколку години.
- Тато – се јави ќерка ми од собата, “За нас да ни го чуваш новиот апартман на приземје. Изненадена сум као за кратко време го средивте со мама. Горе бидете ти и мама, а и брат ми кога ќе дојде. Сега и внуките знаат дека имаат дом на спротивната страна на земјината топка“.
. ****
Идното утро со бабата моја седиме на тераса и немо гледаме во белите облачиња што се извиваа над филџаните со жешкото кафе. Како да немаме што да си кажеме. Пред нас синилото на Тиквешкото езерото, вгнездено меѓу високите ридови, го впива погледот. Долу, во базентот во дворот, неколку детски играчки и неколку листови паднати од големиот орев лебдат по површината на мирната вода. Заборавени детски наочари и костими за капење висат на ивицата на базентот. Нема детски радосни извици во базентот, нема џагор низ куќата, на шпоретот ништо не мириса, нема планови, нема ни договарања за поладневно излегување во чаршијата.
Околу нас се распослал спокој, дури нестварен, од време на време нарушен од црцорот на по некоја ластовичка.
Додека ја гледам бескрајната бела патека на небото зад авионот што иташе за некаде во далечината размислувам за ластовичките. Нивниот живот прилично е едноставен и рутински. Ќе направат седалки, ќе се намачат да ги прехранат пиленцата, да ги направат силни и здрави за долгиот пат што ги чека и сите заедно ќе си заминат. Идната пролет, по долго исцрпувачко патешествие, еве ги назад на местата кај што се испилиле.
За разлика од нив, јас со сопругата, после 30 години во џенем, еве сме назад со истрошени тела и со ум ни таму ни тука. И двајцата сме пресреќни што најпосле не посети ќерката со внуките. Верувам дека после овој одмор ќе се чувствуваат психички посилни. Се што видоа и доживееја во Македонија ќе им остане засекогаш врежано во умот. Сакам да бидат добри души и силни карактери. Животот е пред нив, а мојот и на баба Велика во најголем дел е зад нас. Се почесто си ги поставуваме прашањата: “Дали погрешивме што заминавме?, Дали погрешивме што се вративме“?
Лесно им е на ластовичките. Тие не можат да си ги постават овие две прашања.
A short story by Nove MLADENOVSKI
About an ordinary married life spent in exile and reduced to one simple question: "Did we make a mistake?" ...
Macedonian Timeline Australia

No comments:
Post a Comment