Покрај земјениот пат кој води од селото Љубојно кон црквата „Св. Петар и Павле“, на една височинка, се наоѓа црквата посветена на „Св. Атанасиј Велики“. Објектот претставува мала еднокорабна градба со тристрана апсида на исток и влез на западнат страна. Во поново време црквата е малтерисана. Сите преправки, според натписот врежан во малтерот над влезот од надворешната страна се направени во 1968 год.
Внатрешноста на црквата со олтарната преграда е поделена на наос и олтарен простор. Иконостасот со трите престолни икони се издига скоро до таванот. Иконите според натписите кои се наоѓаат на нив потекнуваат од 1929 година.
Најважната содржина, со која го задржува вниманието црквата „Свети Атанас“, се остатоците на ѕидното сликарство врз источниот ѕид од олтарниот простор. Според стилските карактеристики како и според сочуваниот натпис ова сликарство потекнува од првите децении на 17 век.
Манастирската црква „Свети Атанас“ во Љубојно е резултат на фактор што населението од Преспа, а особено љубанци се верници и страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа, уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и верско обединување
Љубојно е едно од најкарактеристичните места во Преспа и пошироко. Долго време претставуваше општински, образовен, културен и здравствен центар за Долна Преспа и пошироко. Тоа е едно од најубавите села кое пленува со своите архитектонски градби, со стилот на старите куќи, сокаците и дворовите, како и со иновациите во начинот на живеење што бројните печалбари ги пренеле од светот во својот роден крај.
Во Македонија, покрај другите поголеми села, секако е и Љубојно. Тоа е дел од вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднината. Љубојно се наоѓа во Долна Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата на истата земја меѓу Република Македонија и јужниот сосед, на местото викано „Маркова Нога“.
Панорама на Љубојно
Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самуил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година била формирана првата слободна територија во Преспа, за подоцна во текот на 1944 година целосно да биде засекогаш ослободена од бројните непријатели.
Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегало на градска населба во која имало 8 чевларски работилници, 7 дуќани за широка потрошувачка и текстил, 4 кафеани, 4 дрводелски работилници, 5 шивачки работилници, две фурни за леб, 2 месарници, 8 воденици, една ковачници, берберница и др. Во тоа време во Љубојно имало Дом на културата, киносала, парк, осумгодишно училиште, библиотека, амбуланта, матична служба, споменици посветени на Илинден и на Народноослободителната борба...
Интересно е да се спомене дека во 1950 година во Љубојно се формирани два фудбалски клуба „Пелистер“ и „Слога“, кои пет години се натпреваруваа во Преспанската фудбалска лига. Шеесетите години од минатиот век се карактеристични за спортот во Љубојно со развојот на спортската дисциплина одбојка.
Така, Љубојно била единствената селска населба во Македонија која имала одбојкарски клуб, кој се натпреварувал во Првата македонска одбојкарска лига. Одбојкарскиот клуб „Љубојно”, се натпреварувал со елитните екипи „Вардар” од Скопје, потоа екипите од Титов Велес, Струмица, Тетово, Битола и други градови во Република Македонија.
Печалбарството како „стар занает“ од Македонија, а со тоа и од Љубојно помасовно започнало уште на почетокот во XIX век. Одењето на гурбет во прекуморските земји, се интензивирало пред и по Илинденското востание, меѓу двете светски војни и особено по Втората светска војна. Затоа, со право се вели дека љубанци биле едни од првите од Македонија кои свиле нови гнезда по светот и се едни од најбројните Преспанци во дијаспората.
Селото Љубојно за првпат се споменува во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година како поголема македонска населба. Затоа со право се вели дека ова е село со долга и бурна историја. Сведоци на таа македонска историја се низа оставнини како што се нивните стари куќи, бројните македонски православни цркви и манастири и други објекти кои ја чуваат вистината и тајната за Љубојно, за љубанци, за Долна Преспа, за Македонија и за целиот македонски народ.
Во Преспа христијанството датира од тие далечни времиња. Затоа на Преспа и на нејзината историја посебен белег и дава нејзиното богатство во културно-историски споменици уште во времето кога таа била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил. Тоа се потврдува со изградбата на црквите и манастирите градени во времето на светите Климент и Наум Охридски во IX и X век и во времето на Самуиловото Царство во X и XI век.
Населението од Преспа, а особено љубанци се верници и страсни приврзаници на христијанската - православна вера. Затоа, уште од дамнина започнале да градат цркви и манастири, кои служеле и служат како најмасовни собиралишта на национално и верско обединување.
Таквата љубов кон верата, кон нацијата, кон сопствената црква и кон Македонија, љубанци заедно со другите Македонци од етничка Македонија ја продолжиле и на новите простори низ светот. Така, со доселувањето во новите средини Македонците станале едни од најактивните луѓе и почнале да градат цркви низ целиот свет, односно онаму каде што се доселиле, особено во Канада, САД И Австралија.
Денес во Љубојно има девет познати и зачувани цркви и манастири и три параклиси. Пет цркви се во селото, а другите го заградуваат селото и по верувањето на постарите мештани овие духовни светилишта се чувари на селото, имотот и населението. Љубојно ги има следните цркви и манастири:
Манастирската црква „Свети Атанас“ е заштитник на селото и е една од позначајните цркви на љубанци. Таа се наоѓа во Коријата, на ридот од јужната страна на селото на околу 700 метри, над Полициската станица. Црквата е една од постарите, и е градена во XIV век. Ѕидовите се од камен, а покривот пред обновувањето беше со камени плочи. Оваа манастирска црква е опкружена со дабови стебла и претставува место за одмор и рекреација и еден вид видиковец. Таа е собиралиште за љубанци на свети Атанас на 31 јануари.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
Comments
Post a Comment