Tuesday, December 16, 2025

ПРОМОВИРАН МАКЕДОНСКИОТ БУКВАР „АБЕЦЕДАРОТ – СТО ГОДИНИ ПОТОА“ (1925-2025)


           

На 13 декември во Универзитетот „Скопје“ се одржа промоција на преобјавеното издание на Македонскиот буквар „Абецедарот – сто години потоа“ (1925-2025). Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Светскиот Македонски Конгрес „Абецедарот“ го промовираа проф. д-р Никола Жежов и проф.д-р Валентина Миронска-Христовска, а одломки од авторските статии читаа Исток Улчар и Игор Трпчески а со со авторски текстови настапија проф. д-р Нада Јурукова, проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Елка Јачева Улчар

 

Специјално направениот кириличен фонт, налик на латиничниот, употребен во “Абецедарот“, со чијашто помош се доближува до најмладата македонска читателска публика за која и бил наменет е дело на Ласко Џуровски, а техничкото уредување и креирањето на корицата е дело на ентузијазмот и креативноста на Симе Шандуловски.

Спонзор на препечатувањето на јубилејното издание на “Абецедарот - сто години потоа“ е Сојузот на тутунопроизводителите “Мака на тутуноберачите“ од Прилеп, кому организаторот упати посебна благодарност.

На почетокот на промоцијата, македонската национална химна ја испеја оперскиот пејач Кристијан Антовски, а Марија Ташевска и Ленче Димовска облечени во македонски народни носии од Леринско, ги изведоа македонските народни песни од Егејскиот дел на Македонија - “Мори чупи костурчанки”, “Луда ми тера три коњи” и “И ние сме деца на мајката земја”, за што беа наградени со громогласен аплауз.

Јубилејното издание „Абецедарот – сто години потоа“ се состои од два дела. Во првиот дел, покрај предговорот, поместени се три авторски статии на проф. д-р Нада Јурукова, проф.д-р Виолета Ачкоска и на проф. д-р Елка Јачева Улчар, а во вториот дел целосно е пренесен „Абецедарот“ во неговата оригинална форма на левата страна од книгата и транскрибираните страници со кирилско писмо, од десната страна

Модераторот на промоцијата, претседателот на Светскиоит Македонски Конгрес и генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија Македон“, Тодор Петров, во својот поздравен говор рече: “Почитувани, добредојдовте на промоцијата на македонскиот буквар Абецедар - 100 години потоа, отпечатен за првпат во Атина 1925 година, како сведоштво за постоењето на Македонците во Грција и светот - тогаш, денес и за навек.

Преобјавувањето на македонскиот буквар 100 години потоа, не е парастос за некое трајно минато свршено време, за чиј помен сме собрани денес, туку потсетување - таму каде што течела водата пак ќе протече! И не постоиме заради инает на други или затоа што други не’ создале.

Како Божји деца сме дел од македонската цивилизација со останатите, во светата земја Македонија. Неслучајно се вели - Македонија е феникс, Македонците се пиреј кој не венее туку вечно вирее! Абецедарот е дел од нашето постоење, за и сега да бидеме тоа, што и тогаш сме биле. Абецедарот е потсетник да зборуваме за унапредување на положбата и правата на Македонците во Грција и за враќање на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни, двете светски војни и таканаречената Граѓанска војна во Грција. А, не како сега - обезимени со некрологот северномакедонци - преседан на велепредавство во светската историја на народите и државите, што генерира геноцид!

И не случајно, мислата на великанот на македонското револуционерно движење - Македонецот Гоце Делчев “Светот како поле за културен натпревар помеѓу народите” не претставува само како негова лична импресија, туку експресија на генетскиот код на една цела цивилизација - на македонската! А, бидејќи големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, би придодале - универзални вредности на македонската цивилизација на која сите ние заедно ѝ припаѓаме, се: мирот и љубовта, наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата, наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам кој тргнувајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации, врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка – рече Тодор Петров.

Промоторот проф. д-р Никола Жежов, пак, рече дека македонската историографија направи неколку реизданија на „Абецедарот“, а последното е овде, пред нас како примарен историски извор за признавањето од страна на Владата на Атина на македонската националност на нејзина државна територија.

– Денес, во новата историска реалност ние како Македонци имаме неспорен и вреден историски документ од пред еден век кој претставува директно сведоштво дека Грција во 1925 година планирала настава на македонски јазик за потребите на македонските деца во грчкиот образовен систем. Уште поголема важност на „Абецедарот“ му дава фактот што неговите автори се Грци по националност и што учебникот бил изготвен по налог на грчкото министерство за образование. Токму овие последни два неспорни факти треба да бидат нашите клучни аргументи пред светската јавност кога зборуваме и дебатираме за македонското прашање, за правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и за неисполнетите обврски на Грција и нејзиното отстапување од признавањето на постењето на Македонци на нејзинатата државна територија – истакна Жежов.

Според него, „Абецедарот“ реобјавен и дополнет со стручни текстови од професорките Јурукова, Ачкоска и Јачева Улчар треба да му го покажеме на секој странски научник, историчар, филолог или обичен човек кој се интересира за Македонија и за нејзината историја за тоа да биде, како што рече, директен одговор на грчката негаторска политика кон националниот карактер на македонското прашање.

 

Проф. д-р Виолета Ачкоска изјави дека „Абецедарот“ е специфичен поради азбуката на која е напишан. – Абецедарот е напишан на латиница, веројатно тоа е грчки маневар  повторно да се избегне бугарската и српската кирилица, бидејќи Бугарите и Србите барале заштита на своето малцинство во Грција. Грците тврделе дека не се работи нуту за бугарско, ниту за српско малцинство, туку за автохтоно славоговорно население како што го викале, бидејќи одбегнувале да употребат епитет македонски. Славоговорно население во Грција кое е автохтоно, кое не е ни бугарско, ни српско, кое говори свој автентичен јазик. И Букварот всушност го изразува јазикот на тоа автохтоно подрачје, само што азбуката е на латиница заради овој политички контекст што бил присутен тогаш во таа историска клима, појасни Ачкоска.

Таа информира дека овој буквар не се употребувал во образовниот процес, делумно некои го виделе, но набрзо грчката држава го уништила.

– Но, штом се сочувал некој примерок, фактички дека тој бил виден. Така во 1985 година првпат се преобјавува во Грција. Постоел таму, го знаеле македонското население, но за жал како што воопшто не било признаено ниту македонско малцинство, ниту Македонците имале образовни, политички и национални права, така и овој буквар останал да не биде применет. Никогаш не бил ставен во практика. Во текот на Втората светска војна и во Граѓанската војна имало на територијата каде делувала Комунистичката партија имало отворање на некои македонски училишта, но тогаш се прави еден нов буквар, а не Абецедарот. Абецедарот дури по 60 години од неговото објавување првпат се преобјавува. Кај нас во Македонија, неколку пати е преобјавен, за сега ние да направиме едно покомплетно издание, поразлично од другите, заедно со транскрипција од латиница на кирилица што го направи колешката Јачева Улчар, со многу широк историски преглед што го направи колешката Нада Јурокава, а јас го направив делот на актуелизација, од денешен аспект значењето и колку историјата нам ни се повторува, од пред војната до денешен ден – истакна Ачкоска.

Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ на промоцијата информира дека на 16 декември 2023 година Сојузот „Македон“ во МАНУ за време на академијата по повод деведесет и осум години од публикувањето на „Абецедарот“ во Атина, ја прифати иницијативата на професорките Нада Јурукова, Виолета Ачкоска и Елка Јачева – Улчар за негово преобјавување во 2025 година, а по повод 100-годишнината.

Бараме, како што рече, итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Протоколот Османи-Генчовска од 17 јули 2022 година, како и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, бидејќи претставуваат санкционирање на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година, а со цел: Македонија од држава да стане територија без Македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија.

          -Бараме итно и безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации под единственото државно, историско и генеричко име кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Бараме итно и безусловно еднострано распуштање на меѓувладините Македонско-бугарска и Македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја – рече Јаневски.

 

G6

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 



Macedonian Timeline Australia

No comments:

Post a Comment