Monday, December 1, 2025

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН - ЖИВОТ И ДЕЛА“




Славе Катин Монографија-КОРИЦА-PRINT_page-0001
Во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје излезе од печат монографијата „Славе Катин – живот и дела“. Во неа на 290 страници на македонски и англиски јазик се дадени текстови за животот и постигнувањата на публицистичко и новинарско поле на Катин во период од 50 години,каде на едно место, како на дланка пред читателот се отвораат широки хоризонти за авторот и неговите 66 дела, Рецензенти на делото се Душан Ристевски-Македон од Австралија, д-р Лефтер Манче од Канада, Веле Митаноски од Македонија и Тодор Петров од Фондацијата „Д-р Лефтер Манче“, која е спонзор на оваа монографија.

Во воведот под наслов „Иселеништвото – животна определба на Славе Катин“ авторот  Душан Ристевски-Македон, меѓу другото, пишува дека македонското иселеништво е алфа и омега во творештвото на Славе Катин. Се’ што напишал и објавил во неговите книги, патеписи, репортажи, прикази, белешки и други текстови е длабоко проникнато со животот и опстанокот на македонските иселеници од сите делови на Македонија во светот. Тие се негова генетска преокупација, која го потврдува фактот дека е маѓепсан од феноменот на македонската голгота.


Македонското иселеништво е негова опсесија, од која нема да се раздели до крајот на својот живот. Зашто на овој свет дошол да трага по Македонците, по оние вистинските во земјата и во светот и со нив да го споделува и доброто и злото, давајќи се’ од себе да го осветли нивниот живот, нивните победи и порази, во сите фази на нивната цивилизациска битка за одржување во планетарната орбита, како ѕвезда чиј сјај не потемнува.


Педесет години Славе Николовски – Катин ја следи преселничката судбина на Македонците, нивната економска ситуација, културниот престиж, улогата на МПЦ во нивното мотивирање за реализација на бројни програми на медиумски, културно-уметнички, спортски и духовен план. Со фактографски материјали за состојбите на македонските преселници во светот, со афинитет да ги овековечи нивните судбини и со умешност и талент од секое пократко или подолго патување да подготви репортажа, патопис, скица или белешка. 

Со осет и љубов кон историјата на македонското печалбарство, Катин секогаш на секој Македонец му подарува убава литература, низ која ќе ја доживее својата судбина, не само во државата во која се преселил, туку и во својата Татковина. Се смета дека Славе Катин е еден од најдобрите познавачи на македонското иселеништво, кој со својата богата пишана продукција, со секој свој наслов ги збогатува хоризонтите на македонската вистина. Во нив тој ја открива болната трагедија на Македонците, подигната до ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја притоа општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние што живеат и создаваат во сопствената слободна и независна држава.

Преокупиран со македонската колективна судбина, Катин останува фанатично приврзан кон оваа важна национална тема. Тој ни ја открива најболната македонска трагедија, кревајќи ја и возвишувајќи ја на ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја, притоа, општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу расселените Македонци и оние кои живеат и создаваат во Република Македонија. Исто така, егејскиот, односно беломорскиот, пиринскиот и преспанскиот дел во Албанија, Катин ги оживува со цврста историска документираност и која потпира на потребната фактографска аргументираност, што на неговите дела на оваа тема им дава и еден мошне значаен историографски белег.

Катин е автор кој најимпресивно ги доловува талкањата на македонските економски емигранти по светот, односно нивното раселување, па и современото отселување, а низ тоа и нашето размакедончување, нашата најболна рана, која за жал и денес не стивнува. Поминувајќи од судбина до судбина, секоја различна по својот скитнички знак, Катин ефектно го прикажува духот и психата на тие несреќни луѓе, кои се уште не можат да ја прифатат својата судбина. Потврдувајќи се како автор со вистински афинитет кон оваа тема, Катин е нејзин верен и смел истражувач, нејзин страствен опсерватор и протагонист, нејзин очевидец и елоквентен сведок.

Во обединувачкиот чин на Македонците во иселеништвото, посебно место и улога има Македонската православна црква, чие делување континуирано го следи перото на Катин. По обновувањето на Охридската архиепископија во 1958 година и по прогласувањето на автокефалноста во 1967 година, МПЦ направи силен пробив и во прекуокеанските и европските држави. До крајот на Народно-ослободителната војна Македонците во иселеништвото се приклучувале кон други православни цркви, вршејќи ги православните обреди, не на македонски јазик и не во свои цркви.

Првата инцијатива за МПЦ се роди во Мелбурн, Австралија, во 1956 година. Новоизградениот храм „Свети Ѓорѓи“ во Фицрој е првата МПЦ осветена од македонски владика во 1960 година. Веќе во 1962 година е поставен каментемелник на МПЦ „Свети Петар и Павле“ во Гери – Индијана, а во 1964 година на црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто. До Втората светска војна,бројот на Македонците во Австралија беше само неколку илјади. Меѓутоа, по војната овој број рапидно се зголемува, бидејќи, речиси цели села од егејскиот дел на Македонија, како и од Битолско, од Охридско, од Преспанско и од други делови на Македонија, се преселија во Австралија и Канада. И така, никнуваа македонските православни цркви во светот. Овој феномен станува посебна преокупација на Катин, кој на оваа тема дава посебно место во своите дела за иселеништвото.


Еден од добрите познавачи на неговото творештво, митрополитот Кирил, во повеќе прилики по повод промоциите на делата на Катин, ќе истакне: „Имам посебна чест и големо задоволство, пред сѐ, во квечерието на големиот христијански празник Цветници, а особено во пресрет на празникот над празниците, Светото Христово Воскресение - Велигден, како и големите јубилејни чествувања: 100 години од Илинденското востание, 100 години од Македонското иселеништво и 40 години од евангелисувањето на првата Македонска православна црква „Свети Петар и Павле“ во градот Гери, Индијана, во САД, да бидам еден од учесниците на промоцијата на делото „Македонците во Соединетите Американски Држави и во Канада.


Мојот неколкудецениски драг пријател и истакнат оригинален хроничар на македонската иселеничка голгота и вознес во период од 4 децении, е братот по Господа, Славе Николовски-Катин. Во оваа пригода сакам да нагласам дека познатството, соработката и другарувањето со господинот Катин трае од 1969 година, од времето на моето востоличување за надлежен архијереј на Американско-канадската македонска православна епархија, во црквата „Свети Климент Охридски“, во космополитскиот прекрасен град Торонто, Канада“


Исто така, еден од добрите познавачи на творештво на Славе Катин е професорот д-р Вера Стојчевска – Антиќ, која во повеќе прилики по повод промоциите на негови дела, ќе истакне: „Да се зборува за македонското иселеништво во светот, значи да зборуваме самите за себе, за нашата историја, за нашата миграција, за нашата историско-општествена состојба во егзистенцијалниот континуитет. Кога го читаме она што Катин го напишал за нашите преселници, тоа значи дека со нескротлив интерес се само запознаваме. Зашто тие преселници се наши роднини, оние кои своите генеолошки гранки ги пресадуваат во некоја далечна земја, за нас позната преку прераскажувањата, а во која еве, продолжува семејниот растеж, честопати пренесен од кај Драгорот долж Аризона, од Треска кај Нијагарините Водопади, од Преспанското Езеро кај Циришките Езера, или крај бескрајните океани на Америка и Австралија“.


Монографијата „Славе Катин – живот и дела “,е поделено на седум глави и Додаток. Првата глава е посветен на Македонија, земјата на непокорот и вечната иднина, во кој се поместени текстови за историскиот развој на иселувањето од Преспа и етничка Македонија. Втората глава е посветена на печалбарството како судбина, во која се поместени текстови за печалбаската судбина на Славе Катин, како и текстови за семејството, животот и творештвото на неговата сопруга Нада Иванова – Николовска.


Третата глава го носи насловот „Дел од семејното печалбарство“ во која се дадени текстови  за печалбарската судбина на семејството на Славе Катин, почнувајќи од неговиот дедо Алексо кој отишол на печалба уште во 1921 година, па до денечшни дни. Четвртата глава е посветена на истражувачката работа на Катин почнувајќи од пред педесет години во Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде го постави темелот на неговата преведувачка и публицистисчка дејност,


Петтата глава го носи насловот „Љубојно – моја втора љубов“, во која се поместени текстови за печалбарското Љубојно и етничка Преспа, каде семејството на Катин има библиотека со пет илјади книги. Шестата глава е посветене на биографските податоци на Катин и се презентирани неговите награди и признанија, како и неговата публицистичка дејност од 66 дела, објавени во период од 50 години.


Седмата глава е посветена на дела објавени за неговиот живот и дела, меѓу кои: „Творештвото на Катин I и II издание“ од Душан Ристевски- Македон и сликовниците на петте внучиња на Нада и Славе Катин. И последната глава насловенеа како Додаток  ги содрши: Интервјуто на Славе Катин на радиочасот 3Z од Мелбурн што го води д-р Ицо Најдовски-Перин, рецензијата на Веле Митаноски под наслов „Славе Николовски-Катин – Македонец по рожба, а граѓанин на светот“. Во продолжение е даден избор на објавени фељтони и продолженија од дела, презентирани трудови на симпозиуми, трибини, собири, конференции, советувања, избор на трудови и преведени книги и други трудови публикувани на македонски и на англиски јазик, а објавени во иселеништвото и во Македонија.


C:\Users\User\AppData\Local\Temp\{8D6226CF-1BD7-4242-894B-54CBBB33CFBB}.tmp

Пишува: ВЕЛЕ МИТАНОСКИ



 На



Macedonian Timeline Australia

No comments:

Post a Comment