Skip to main content

ПОЧИНА ПРОФ. Д-р НАУМЕ РАДИЧЕСКИ

In memoriam
Веста за смртта на проф. д-р Науме Радически пристигна и до нас во Австралија.  Разбравме за прераната кобна смрт  на нашиот драг пријател, соработник со Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј и негов почесен член. Соработката со Науме започнува од оржувањето на поетската манифестација „Млада Струга – 1979“ и траеше се до издишувањето на неговиот благороден македонски дах. Секогаш беше спремен без никаква наплата да им помогне на поетите – печалбари, да им направи јазични корекции, да им напише рецензии, да ги посоветува... Без да се пожали на болките кои му ровареа низ неговото тело, не ја откажа промоцијата на книгата „Угрејсонце во мојот сон“, туку со последни сили  се качи на говорницата и пред неколкуте стотинa посетители кои учествуваа на 4-та Годишна конференција од Агенција за иселеништво на РМ во хотелот „Александар палас“ најучтиво истата ја промовира.  
Роден е на 18 мај 1953 година во село Дабово (Мешеишта) кај Охрид, Македонија. Основно училиште завршил 1968 год. во Дабово, а средно 1972 во Охрид. На Филозофскиот факултет во Скопје во 1975 год. завршил студии по историја на југословенските книжевности, а на Филозофскиот факултет студирал историја на уметноста со археологија. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на кој работи повеќе од три децении, магистрирал (1981) и докторирал (1990), а смртта го стекна како редовен професор по современи јужнословенски книжевности. Уметничката, критичарската и научно истражувачката актива на Радически е разновидна: поезија, литературна и ликовна критика, литературна историја, есеистика итн. Поедини негови поетски творби, критичко-есеистички текстови и статии од литературната наука се објавувани на други јазици. Освен македонската литература и во современоста, негова научна преокупација се некои спојни теми во јужнословенскиот книжевен контекст како: македонските теми во другите јужнословенски книжевности, делото на Македонците кои во минатото создавале литературно творештво на другите јужнословенски јазици и др. Учествувал на уредување на весници и списанија како „Литературен збор“, „Стожер“ и други. Составувач е на некои избори од македонската литература, како „Дванаесет векови македонска книжевност“ (1997) итн. Автор е на поетските книги : „Постоења и мотиви“ (1975), „Светол тажен вик“ (1984), „Контрасти“ (1992), „Преображение човеково“ (2001), „Астрални проекции“ (2008), „Астрални проекции“ (2012 – второ и дополнително издание со лирски есеи). Од Критичко-есеистички и научно истражувачки трудови се: „Критички интерпретации на младата македонска литература“ (1983), „Релации и континуитет“ (1996), „Метаморфози“ (1999), „Време без збор“ (2000), „Патишта и крстопати низ јужнословенските книжевности“ (2004, наградата на ДПМ Димитар Митрев), Литературни раскрсници“(2006, државна награда Гоце Делчев, „Аналитички рефлексии“ (2007), „Литературни погледи на Димитар Митрев“ (2009), „Пред алфа и пред дета“ (прилози за македонската другојазична литература) (2011), „Словенска алка“ (2012), „Црногорска книжевност – македонско огледало“  на црногорски јазик, Подгорица (2013), „Македонски литературен потсетник“ – книга 1 (2013) и „Браќата Миладиновци“ (2013)
                                                                                                                               Иван ТРПОСКИ 

Comments

Popular posts from this blog

МАКЕДОНСКИОТ ГЕНИЈ СО ГЛОБАЛЕН ПЕЧАТ ВО ФИЛМОТ

Филмот не е само приказна која ја гледаме тоа е огледало во кое човештвото се гледа и преиспитува.Филмот е молк што зборува светлина што боли а вистина што не се заборава. Еден добар филм не ти нуди одговор туку ти поставува прашање што не престанува да те следи.И за крај филмот е уметност да ја кажеш најтешката вистина и да ја претвориш во убавина - Симе Младеновски. MT – долго време сте во медиумскиот свет и постигнувате големи успеси, ве нарекуваат гениј, но како беше почетокот, како дојде до тоа да навлезете во филмската уметност? Симе - Македонскиот гениј со глобален печат во филмот.Се се ќ авам на деновите кога со трепет ги чекав неделните филмови на телевизија, a потоа и сам почнав да експериментирам со камера и монтажа. Се почна како хоби но потоа сфатив дека тоа ќе биде мојот животен пат  и идна моја професија.И така беше тоа е како некоја зависност која се повеќе те тера да креираш голем наплив на идеи имаш секогаш низ глава и секогаш си велиш оваа е најдобра, но не баш...

КОЈ Е СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН?

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ-МАКЕДОН Славе Николовски – Катин, ѝ е познат на македонската и на меѓу¬народната културна и научна јавност со многубројните публицистички и научни трудови посветени, главно, на животот на Македонците во светот, но и на низа други аспекти поврзани со дијаспората, како и со литературата, културата, религијата, науката… Тој е роден на 19 август 1941 година во Преспа. Осумгодишно училиште завршил во Љубојно, а средно техничко училиште, Геодетски отсек и Филолошки факултет, група Англиски јазик и книжевност во Скопје. Две години студираше и на Вишата геодетска школа во Белград ако студент, замина во Канада, каде што остана четири години. Во Торонто се школуваше во Интернационалниот институт за англиски јазик и литература „Раерсон”. Извесен период работеше како геодет и пројави активност во македонската колонија во Торонто. Еден мандат во 1978 година беше генерален секретар на Црковната управа при Македонската православна црква „Св. Климент Охридски” во Торонто. П...

МАНАСТИРСКАТА ЦРКВА „СВ. АТАНАС“ И НЕЈЗИНОТО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ЉУБОЈНО

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ДОЛНА ПРЕСПА Покрај земјениот пат кој води од селото Љубојно кон црквата „Св. Петар и Павле“, на една височинка, се наоѓа црквата посветена на „Св. Атанасиј Велики“. Објектот претставува мала еднокорабна градба со тристрана апсида на исток и влез на западнат страна. Во поново време црквата е малтерисана. Сите преправки, според натписот врежан во малтерот над влезот од надворешната страна се направени во 1968 год.  Внатрешноста на црквата со олтарната преграда е поделена на наос и олтарен простор. Иконостасот со трите престолни икони се издига скоро до таванот. Иконите според натписите кои се наоѓаат на нив потекнуваат од 1929 година. Најважната содржина, со која го задржува вниманието црквата „Свети Атанас“, се остатоците на ѕидното сликарство врз источниот ѕид од олтарниот простор. Според стилските карактеристики како и според сочуваниот натпис ова сликарство потекнува од првите децении на 17 век.