Кон книгата „Расчеречени души македонски“ од Нове Младеновски, авторско издание - Гоце Ристовски
Една древна кинеска мудрост вели дека човек во животот треба да остави пород, да засади дрво и да напише книга. Некои му ја припишуваат на Лао Це. Во таа смисла авторот на книгата „Расчеречени души македонски“ Нове Младеновски, е веќе реализиран човек. И повеќе од тоа. Тој оставил наследници, засадил дрвја, а оваа не е прва негова книга. Тој е автор на повеќе напечатени книги, меѓу кои и четири романи. Секоја книга напишана на македонски јазик е празник за македонската култура и опстојба. Оти, за жал, и денес, во 21-от век, “да пишуваш на македонски значи да се бориш“ како што истакнуваше стамениот столбник на современата македонска литература Коле Чашуле.
Водата во човека и
неговиот роден крај има иста структура. Затоа, не само кај Македонците, и кај
другите народи со бројно иселеништво, се случува кога некој ќе узнае дека доаѓа
“крајот на патот“ да побара од преку далечните океани и мориња да го однесат
дома, во стари крај, како што велат нашинците во Австралија, каде што подолго
време живее и твори Нове Младеновски, таму да ја остави душата или да му
донесат грутка земја од роднот крај на неговoто вечно почивалиште во туѓина,
оти водата, силата божја, го повикува. И за овој феномен, од свој аспект,
говори Младеновски во оваа книга, а имено за первертирањето кај поединци
наспрема авторовата тврдокорност, се разбира според неговите согледувања.
Притоа, Нове Младеновски не се обидува научно да го толкува споменатиoт
феномен. Литературата не само што не е наука туку е наспроти науката. Авторот
Младеновски, со свое (остро) око ја перципира стварноста и ја опишува прецизно
и притоа секако субјективно но и сугестивно со својата едноставна наративна
постапка – јасна, разбирлива и прифатлива. Таквата раскажувачка постапка
резултира со удвојување на приказната, ненаметливо, не изразено очебијно, ама ефектно.
Тоа е, всушност, наративна градба по принципот “ефект на делириум тременс“, би
рекле, кога видливата и опиплива стварност се удвојува. Имено, ситуацијата што
ја опишува Младеновски на суптилен начин, без многу зборови, а повеќе со
поттекст, ја толкува, а тоа, како што посочивме, се одразува, на овој или на
оној начин на читателот. Всушност, се преплетуваат приказната која тече и
личната приказна на авторот, што како наративна постапка, и во техничка смисла,
преставува оригинален пристап и делува иновативно. Важно е што авторот по таков
начин успева приказната да ја рашири, водата да ја наврти на две вади. Тоа
предизвикува нешто налик на V-ефектот на Бертолд Брехт, техника што ја користел
во Епскиот театар за да го привлече вниманието на публиката и да ја насочи кон
нешто ново. Најпрвин при читањето на некои од содржините во најновата творечка
објава на Младеновски, се јавува зачуденост, одбојност. Потоа, молк. Тишина. А тишината е цепутка низ
времето. Тоа, по наше видување, е најдоблесната придобивка што на читателот му
ја нуди Нове Младеновски во оваа книга, значајна и според повеќе други
стојности за кои ќе стане збор подолу во овој обид да се растајнат нејзините, а
со тоа и творечките доблести на авторот.
Структурата на водата во
нас се менува со нашите мисли. Ете, можеби најповеќе оваа книга на Младеновски
се бави со проблемот на одродувањето, одмакедончувањето од најразлични причини,
себични, егоситички, од алчност, од незнање но и како процес на адаптација,
како начин да се преживее, едноставно како начин на живот. Мимикрија! Во оваа
книга очебијна е разликата во светогледот на нашинците родени во Македонија и
заминати во белиот свет по корка сува леб, чии што премрежја, разочарувања,
разнебитувања или “расчеречувања“, еден далеку по ригорозен термин, што
Младеновски го вметнал и во насловот на книгата и оние од втората и идните
генерации родени во новата родина. Затоа, новите генерации, во случајот
Македонци, немаат така изразен копнеж кон стариот крај и лесно се адаптираат на
културно општествените милјеа и кодови и географски и тешнолошки различија за
сметка на нивните претходници, а имено дојденци. Оваа категорија откорнатици е
фасцинантно определена во само една реченица на великиот македонски и европски
мајстор на пишаниот збор - Живко Чинго. “Каменот откорни го од местото и потем
и деца ќе го тркалаат!“
Илустративен пример за
погоре наведеното е првиот расказ во книгата Вог баба. Застанувајќи на страната
на условно речено постарата генерација, восфалувајќи ги нејзините погледи
сфаќања на вредностите од морален, религиозен и етнофилософски карактер, не
доминатно како универзални туку понагласено како свои, како дел на сопствената
богата национална култура и автентичен свој (национален, македонски) светоглед
за разлика од туѓите културни матрици и начин на живот. Поточно, покажувајќи ги
ризиците на мешовитите бракови, по национална, верска, социјална и други
основи, Младеновски доловува трагична слика за поделбите на и во македонското
национално ткиво што може да се прифати како верна во мултикултурната и
мултиетничка општествена стварност на земја како Австралија, но и во современа
Република Македонија.
Меѓутоа, авторот
Младеновски, за среќа, не оди по еднонасочна улица, иако така првично може
некој да помисли дека со розови очила секогаш гледа кон своите (чисти
Македонци) а дека другите ги перципира преку темни очила.
“За младите во Австралија
верата и етничката припадност се два најневажни елементи од нивното
секојдневие. Ова е нивна земја.“ - ќе заклучи авторот во еден од подолгите раскази
во книгата со наслов „Стокхолм-синдром“.
Без корен дрво не расте и
не дава плод, вели нашиот народ. Повикувајќи се на народната мудрост, што во
повеќе наврати Младеновски ја ползува како сопствен светоглед во оваа
книга, во расказот Разводенети гени ги констатира причините за одкорнатоста и
сопствени (македонски) и туѓите, наметнатите.
Ги
распрснавме македонските гени. Некои, поради алчност, намерно го заборавија
јазикот, на повеќето од нас ни го забранија и ни го разводенија. Ни го одземаа.
Се накиснавме, се претопивме, се сотревме. Мнозинството од работничката класа
доселеници веруваа дека онаа другото - туѓото - е подобро од нашето
(сопственото). За утеха ми преостанува мислата дека при неизбежното мешање на
нашите потомци со другите во Австралија и целиот свет ќе пренесеме нешто од
добрината, смиреноста и чистотата на македонската душа. На нас, стариве, ни
останува вкусот и мирисот на анасонката врежан во нашата подсвест да не
потсетува кои бевме и од каде дојдовме.
Или преку следниот
пример:
Тој
уште не седнат, почна да зборува на македонски. Тие, демек зачудено го
погледнаа и на англиски му рекоа дека не го разбираат.
-
А бре луѓе, како не ме разбирате кога до пред малку се расправавте на
македонски.
-
Заборави на тоа, ние сме чисти Грци.
Впрочем, авторот го
доловува стравот со кој живеат споменатите негови јунаци од книгата, Македонци
ама кои во Австралија се кажуваат Грци. Стравот од што? Стравот од непознатото!
А кое непознато? Од промена на лошо, првенствено во материјална, што ќе рече, егзистенцијална
смисла, од оние од кои имено во моментото зависи нивната егзистенција, како што
навестува авторот, а што се симтоми на Стокхолм синдромот. Стравот има повеќе
имиња. Друго име за сравот е незнаењето. Се плашиме од она што не го познаваме,
што не го знаеме. Подготвени сме да му се покориме.
Разрешница за стравот,
преку метафората на Стокхолм синдромот, сликовито преставен во
погореспоменатиот расказ, авторот нуди во еден друго писание од својата книга –
Измешани светови.
Нашата
судбина, колку и да зависи од другите, од историските околности, од неправдите
и од притисоците сепак, во крајна истанца, зависи од нас самите-пишува
Младеновски.
Ако
сакаме поголема почит како македонска заедница во оваа општество, треба да го
искористиме субстратот (нашето генетско, историско и културно наследство) што
си го донесовме со нас и да им го предадеме на младите. Ако постарата
генерација (генерацијата на заминување) ја наречеме печалбарска, првата па и
втората, треба да се ослободи од тој синдром и да се фати за книгите. Треба да
ги охрабриме младите да учат што повеќе и посериозно. Гледано на долги патеки
учењето (школувањето) е најдобрата инвестиција. Оваа ера е ера на знаење, наука
и технологија- констатира во истата прозна објава
враќајќи не на некој начин во времето на првиот демократ на Балканот, Доситеј
Обрадовиќ кој велел: “Книги браќа! Книги! А, не ѕвонци и прапорци!“.
Ова е една од клучните
пораки на авторот во оваа книга, што мошне умешно е реализирана во сцената кога
младата Македонка од расказот Стокхолм-синдром решава да ја откаже свадбата и
одново се посветува на студирањето.
Авторот Младеновски во
книгава упатува и на стереотипите и предрасудите присутни и кај повозрасната и
кај помладата популација, оние однесени од Балканот и конзервирани на тлото на
нивната нова држава “што граничи сама со себе“ и оние некритички прифатени во
поинквото милје и особено нагласените морални скрупули на донесениот рурален и некритички
прифатените пороци на урбаниот менталитет, сосема поразличен од првиот.
Затоа, оваа книга има и
етнолошко и антрополошки и социопсихолошки значења како уверливо сведоштво за
едно време и еден народ расчеречен, како што милува да каже авторот.
Особена вештина за развој
на приказна Младеновски манифестира во
веројатно најдолгиот расказ во книгата, Стокхолм-синдром. Бездруго тоа е резултат
и на неговото богато животно искуство но
и на неговиот веќе завиден литературен багаж.
Сакам да потсетам дека за творештво не е доволна само дарбина туку е
нужна и работливост, самокритичност, издржливост, континуитет. Оти и луѓето како
и машините ако не работат рѓосуваат. Овој расказ, како и повеќето во оваа
книга, има свој мирис и вкус, своја боја и тоналитет, граден по принципите на
најпрекрасните бајки – по начинот на раскажувањето, плетењето на приказната и
нагласениот поетски израз. Со една разлика – оваа современа сказна има поинаков
завршеток од поголемиот број класични бајки. Нема среќен крај. Нове Младеновски
се покажува и како вешт опишувач не само на атмосфера која владее, ситуација
што се наметнува туку и на екстериерот, да се изразиме филмски. И еве една
потврда на искажаното.
Аделаид е, убав и модерен град рапослан на брегот на океанот. Петок навечер. Прекрасно време. Шеталиштата полни со луѓе. Воздухот исполнет со џагор од гласови и смеа. Вљубени двојки фатени за рака, безгрижни, занесени во разговор. Чиниш, животот се претворил во расцветана пролет. Со колегата Виетнамец седнати пред еден од најпознатите ресторани, потпивнуваме од специјалитетот на куќата– коктел текила со мраз сервиран во голема чаша. Пред нас низ улицата распрскани забавувачи, акробати, кловнови, уметници и музичари. Му се насладувам на животот – пишува Младеновски и со својот стил потсетува одново на романтичните сказни.
Пишува и тоа со
леснотија, со јасна мисла, разбирлив стил, со богата лексика и јазичен израз,
својствен и за помладата генерација, и со крактеристики и јазични особености на
Македонскиот јазик што се користи и развива во Австралија, далеку од својата
матица. Неговата современа раскажувачка постапка, на пример од расказот Кога
насмевките ќе ја загубат спонтаноста, е причина повеќе неговото најново
литературно дело да го предизвика љубопитството на читателите.
No comments:
Post a Comment