Зимски студен ден. Ивана седеше крај огништето и упорно гледаше во вжарените дрвја кои даваа некој посебен црвен сјај. Беше Петок, еден часот попладне кога наеднаш некој заѕвона на влезната врата. Ивана дури тогаш се свести дека многу далеку замина со своите мисли.
- Ех, како сум се
замислила, заминав на крајот на светот со моите мисли...хм...не заџабе велат,
Умот е најбрзо нешто на светот. Поита до вратата да отвори.
Добар ден девојко, ти ли си Ивана? – праша човекот на вратата, беше новиот поштар за кого Ивана слушна од мајка си дека го заменува стариот Стојан.
Да, јас сум –
одговори малку возбудено Ивана.
Еве писмо за вас.
Како што гледам од амбасадата е, сигурно и ти ќе ни одлеташ преку океан! – се
насмеа и гледаше во Ивана дали ќе каже нешто.
-
Е, ви
благодарам, ете конечно стигна и тоа писмо. Па видете, јас не се ни радувам
многу на тоа но можно е да одлетам преку океан, се зависи што одлучиле од
амбасадата... срамежливо и малку несигурно му одговори Ивана и се поздрави
љубезно со поштарот.
- Со среќа во новите неизвесности, само тоа можам да кажам, кој заминал еднаш од родното огниште, назад не се вратил. Догледање Ивана.
-
Тоа
сите го велат “кој заминал, назад не се вратил“...хм..промрмори Ивана и се
спушти повторно пред огништето.
Гезвето со кафе
што го имаше ставено да се вари, веќе претекло. Зеде да го забриши шпоретот и
да го исчисти нередот во кујната. Го изми црвеното омилено ѓезве и повторно
стави кафе да се вари. “ само да не ме спречи нешто друго овојпат и пак да
го претечам кафето” – тивко си прозбори сама со себе... сепак успеа да
го свари ова кафе и посегна да го земи белиот филџан со златни кругови, овојпат
сакаше токму од него да пие.
Надвор снегот
почна ситно да паѓа, по вторпат оваа година но Ивана секогаш го доживуваше со
радост затоа што многу го сакаше снегот кога ќе ги покриеше покривите на
куќите, ќе го обелеше дворот, а дрвјата со снег пред куќата, беа посебна бајка.
Толку се занесе
во снежната убавина што заборави на писмото. Пиејќи од убавиот бел филџан го грабна пликот и рече: Е мора
веќе еднаш да го отворам, што ќе биде нека биде.
Драга Ивана вашата виза за
Австралија е одобрена, стоеше во првите редови од писмото– не знаеше дали да се радува или
плаче. Ја стегна некоја тага во градите, не, не можеше да се радува, се
загрижи. Како ли ќе ја оставам мајка сама?
Во тој момент си
дојде мајка и која беше во блиската самопослуга да купи нешто за јадење.
-
Ајде
Ивана, денес ќе правиме мазник, донесов се што е потребно. Последниот пат ти го
направи поубав од мене, сега пак ќе оставам на тебе да го истегнеш. Ете има и
паричка да ја ставиш, знаеш Василица е, па да го направиме и тој обичај.
Ивана и помогна на мајка и да ги внесе торбите во кујната. - Е мамо, денес
си накупила многу работи. Седни си ти, јас ќе средам и ќе почнам со правење
мазник за скоро.
-
Е
така мила моја ќерко...сега веќе можеш се сама. А дојде ли поштарот денес?
-
Можам
јас, благодарение и на тебе. А за поштарот прашуваш?- да, дојде, донесе едно писмо за мене, од
амбасадата е. Мамо, добив виза за Австралија, знаеш дека чекавме веќе седум
месеци и конечно стигна.
Мајка и на Ивана
ја гушна силно и солзи и навреја на очите. Некако не сакаа да застанат, продолжуваа
да течат и галат лицето на Симка но и на Ивана. Беше тоа цврста, долга
прегратка, со многу солзи и тежина во градите. Се припремаа за разделба која ќе
ги раздели за долги години и неизвесно повторно враќање назад. Стариот часовник
на ѕидот се одзва во тие моменти и отчука еден часот попладне и како еден вид
знак да ја прекинат долгата прегратка и угушеноста во солзи.
-
Не
плачи мајко, јас мора да му се придружам на мојот свршеник, Тони ме очекува
таму и да започнеме заеднички живот. И тие од таму се нестрпливи. Но верувај не
ми е воопшто лесно и да се одвојам од тебе, од моите роднини, пријатели и
мојата Македонија.
-
Да
мила моја ќерко, те разбирам, дојде време пилето да одлета до своето гнездо и
свие ново, далеку во непозната земја. Ќе се привикнеш сигурно и на тој живот
таму, во земјата со многу култури и јазици, ќе ти биде интересно. Само среќа да
ве прати, многу сакам да си ти среќна, јас ќе се справувам некако со тагата,
мора да помине, а што не поминало....низ воздишка ја заврши реченицата мајка и
Симка.
Ивана вредно работеше во кујната, и направи мазник како што се договорија
со мајка и. Стави и паричка за среќа како што тоа го правел Свети Василиј,
подарувајќи им златници на сиромасите. Седна да се одмори и смислуваше начин
како да ја расположи мајка си, да и ги оттргне тажните мисли од главата барем
за момент. Ивана ги зеде двата бели филџани со златни кругови, оние кои и беа
подарок токму од мајка и за нејзиниот дваесетти роденден. Мајка и знаеше колку
сака убави филџани па често ја изненадуваше со некои нови, различни по боја и
интересни облици.
-
Еве
мајко, денес баш сакам да пиеме кафе од овие мои најомилени филџани, - и многу
ти благодарам за овој поклон, верувај дека ќе си ги земам со мене и кога ќе
пијам таму кафе ти е бидеш со мене, до мене, во моето срце, една единствена,
најмила мајчичка.
-
Ќе ме
расплачеш повторно, мила ќерко, животот без тебе нема да е веќе ист, но ајде да
се разведриме малку и да си посакаме се најубаво една на друга. Секој пат си
има своја приказна, пат кој мора да го изоди секој од нас, и од него да
исткаеме спомени, случки на радост, возбуда, тага и се она што мора да се случи.
Од голема возбуда и тага и
двете заборавија да јадат. Следното утро, и двете се разбудија рано како да
сакаат што повеќе време да бидат заедно.
За доручек добро им дојде
направениот мазник од Ивана кој изгледаше многу убаво испечен. Го секоја на
неколку парчиња како што беше редот, па седнаа да јадат додека утринските зраци
се пробиваа низ прозорецот. Наврнатиот снег веќе почна да се топи.
Паричката за среќа беше во
делот за домаќинот. Симка ја зеде, ја изми и ја завтика во убава бела хартија.
И ја тутна на Ивана брзо в рака и и рече: - Ова е за тебе, да те служи среќа во
твојот нов живот. “Чувај ја како едно големо богатство, токму кога ќе
ја видиш за миг ќе те врати повторно во родниот крај. Ќе ти пробуди многу
спомени од оваа родна куќа каде ти се роди и одрасна и каде секогаш ќе те чека
топлина и радост. И кога си тажна и кога најмногу ти треба, држи ја во рака,
стегни ја цврсто, посакај што сакаш да ти се случи, верувај во нејзината сила
затоа што доаѓа токму од срце со голема љубов и пораки за среќа. Ти тоа го
заслужуваш, биди ми среќна.”
Гордана Димовска
© Your Name 2025
© Yo© Gordana Dimovska 2025ur Name 2025
No comments:
Post a Comment