ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА
За православните христијани во етничка Македонија и во македонското иселеништво ширум светот Христовото воскресение Велигден е празник кога се слави победата на животот над смртта, светлината над темнината и кој преставува Божји дар, вистинска радост која ни го осветлува патот на недежта, љубовта, мирот, радоста и среќата во животот.
Најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден во Република Македонија и кај македонското иселеништво ширум светот започна на Велики четврток со бојадисувања на велигденски јајца, на Велики четврток започнува празнувањето на Велигден, а на 12 април во сите православни храмови се одржуваат свети Велигденсии литургии.
Велики четврток е еден од најзначајните денови во Страсната седмица, ден исполнет со длабока духовна смисла и сеќавање на последните моменти од земниот живот на Исус Христос. Во центарот на одбележувањето е Тајната вечера, на која Христос го воспоставил едно од најважните христијански таинства – Светата Причест, оставајќи им ја на верниците како вечен завет на единство со Него.
Велигденското празнување преставува обединување околу верата и учењето Христово за милосрдието, праведноста, почитувањето и толеранцијата. Тоа е благородниот пат на Христовото учење од кое не треба да скршнуваме. Потребна ни е Христовата мир и љубов во нашите срца за да ја спознаеме вистината. Потребно ни е неговата верба и трпение за да ги надминеме сите меѓусебни недоразбирања и конфликти.
Денот на Христовото воскресение Велигден не е само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на Христијан-ството, потврда и на самата вера зашто како што рекол Свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“.
Инаку, Христовото воскресение Велигден започнува од Ерусалим - најсветиот град на јудаизмот, третиот најсвет град во исламот и свет град за христијанството. На Велигден во исчекување на церемонијата на Светиот пламен, кој во источните цркви го симболизира Христовото воскресение, по полноќ Црквата на Светиот гроб во Ерусалим се исполнува со светлина од свеќи – симбол на воскресението. Сите камбани на древната црква чукаат во ритамот на силните пофални песни на радоста. Среде џагорот на следбениците се слуша повик кој постојано се повторува „Христос воскресна“ и одговорот „Вистина воскресна“.
Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан
Во Ерусалим е напишана највозбудливата приказна на нашата цивилизација. Тука Бог им се прикажал на луѓето, за првпат, во човечка лика. Тука вечниот живот ја победил смртта. Денес, во свеста и верувањето на милиони христијани Ерусалим е местото од каде што сè почнува и сè ќе заврши, на Судниот ден
Местото каде Исус е распнат, исто така, е дел од оваа црква и е поставено точно над местото каде што е гробот на Адам. Крвта помешана со вино која капела од телото на Исус, протекла низ гробот на Адам. Оттаму е симболиката дека Исус со неговото воскреснување, всушност ја измил целата вина на човечкиот род.
Инаку, Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) која ги обединува верниците со православна вероисповед во Република Македонија и македонските иселеници во Австралија, Соединетите Американски Држави, Канада, Европската Унија и многу други земји ширум светот, го прослави најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, на кој чинодејствуваше поглаварот на МПЦ-ОА неговото блашенство г.г.Стефан, во сослужение со бројни свештенослужители.
Исто така, во сите осумдесеттина македонските православни цркви и манастири во иселеништвото (во дијаспората) пред повеќе стотици илјади православни Македонци од сите делови на Македонија, се оддржуваат Велигденски богослужби со желба за недеж, љубов, мир, радост и среќа во животот и надеж за одбрана на македонската вистина и среќна иднината на нивната дедовска земја Македонија.
Значајно е да се одбележи дека Македонската православна црква (МПЦ) игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји. По обновувањето на самостојноста на Охридската архиепископија во 1958 година и на автокефалноста во 1967 година, МПЦ направи силен пробив меѓу бројното македонско иселеништво од сите делови на Македонија во прекуокеанските земји САД, Канада и Австралија, како и меѓу Македонците во денешна Европска унија и во други земји..
Црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто,
Денес Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е организирана преку своите епархии: Американско-канадската и Австралиската-македонска православна епархија која беше формирана во 1967 година, а која во 1974 година е поделена на: Американско-канадска и Австралиска епархија, во чија диоцеза денес е и Нов Зеланд, а од 1984 година постои и Македонска православна епархија за Европа
Инаку, првата инцијатива за Македонската православна црква (Македонска православна црковна општина) се роди во Мелбурн, Австралија, во 1956 година. Новоизградениот храм „Свети Ѓорѓи“ е првата МПЦ осветена од македонски владика. Веќе во 1962 година е поставен камен-темелник на МПЦ „Свети Петар и Павле“ во Гери – Индијана во САД, а во 1964 година на црквата „Свети Климент Охридски“ во Торонто, Канада.
Македонските православни цркви во иселеништвото се најзначајните и најмасовните собиралишта на Македонците од сите делови на Македонија. Во тие македонски храмови, покрај богослужбата, слободно се слуша македонскиот збор, мајчиниот јазик донесен од стариот крај – етничка акедонија. Притоа, македонските православни цркви опстојуваат во иселеништвото како несоборлива вистина, како важен фактор во иселеничките средини. Црквите постојат како траен белег, признати се од домашниот фактор и без никакви пречки дејствуваат во средината во која живеат и работат Македонци.
Како и другите етнички групи во иселеништвото, македонските доселеници создале повеќе разновидни етнички организации. Тие им даваат чувство на сигурност и станале место за етничко организирање на национален план, градејќи кај нив патриотска верба, љубов и надеж кон својата татковина Македонија.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
Comments
Post a Comment