Friday, April 22, 2016

ИНТЕРВЈУ СО СВЕТЛАНА ПАПАЧЕК

"Првата љубов е најубава, најневина, најслатка тајна која ја чуваш во срцето целиот свој живот". Можеби е така, но мојата прва љубов јас не ја чувам за себе. Таа е јавна. Ја делам со сите. Сакам сите да знаат за неа. Нејзиното име е ПОЕЗИЈА. Јас живеам за да пишувам. Господ ми ја дал таа дарба. Сакам сите да ги читаат моите песни и раскази. Да ме запознаат мене, моите чувства, мојата болка и радост. - Светлана Папачек
Љ. Поповска - Повод за нашиот разговор е добивањето на наградата за Најромантична љубовна песна "Дај ми да пијам" во Мркоњич град. Како се случи ова? Кој беше поводот?
Светлана Папачек: Поводот беше Денот на заљубените. Бидејќи моето семејство е со православна и католичка вероисповед ние си ги почитуваме празниците од двете страни. Во Мркоњич град беше распишан конкурс, 15 – ти по ред, за љубовни песни над песните. Темата беше "Слатко пијанство љубави". Овој конкурс традиционално го распишува Клубот на уметнички души во истиот град. Требаше да се испрати песна на српски јазик , но и на оригиналниот јазик на кој ја имате напишано. Песната требаше да биде шифрирана. Се да е транспарентно. Бидејќи моите песни се претежно од љубовен жанр во мене копкаше желбата да пуштам песна. Во преводот многу ми помогна мојата драга пријателка Ангелка која е белграѓанка омажена во Битола. И сѐ стори. Ја пуштив песната. По одредениот рок ми стигнува мејл со образложение за конкурсот. На конкурсот учество зеле 335 поети со 1350 песни. Песните биле испратени од Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија (Скопје, Битола, Штип, Велес), Бугарија, Германија, Словенија и Јапонија. Светлана Папачек награда за Најромантична љубовна песна. Во мејлот испратена и Диплома. Гледам...не знам што чувствувам...не знам...
Љ. Поповска: Како делуваше ова поетско признание на вас?
С. Папачек: Не знам како да го опишам чувството. Не се опишува со зборови. Треба да се доживее за да може да се почувствува. Замислете, го гледате своето име меѓу најдобрите. Меѓу наградените. Меѓутоа, за еден поет – автор, наградите можеби и не се толку важни колку што е важна читаноста. Бесмртен си како име, а пред се никогаш нема да умре она што си го напишал и по што си препознатлив. Сакам да истакнам дека оваа награда не ми е прва надвор од границите на Македонија. И не сум само јас наградувана од овие простори. Нашите автори, ќе ми извинат оние што нема да се сложат со мојата констатација, се повеќе ценети надвор од нашата држава. Можеби е таква праксата насекаде низ светот, бидејќи овде кај нас се ценат странските наслови. Да не навлегуваме во таа тема. Меѓутоа би сакала да имаме помош при промовирањето на нашите трудови од страна на компетентните. Не велам дека нема промоции, меѓутоа тие се малку и за "одреден" круг на луѓе.
Љ. Поповска: Кога сме веќе кај промоциите. Кажете ми за вашиот роман првенче "Препород низ бессознание". Минатото лето имавте промоција ако не се лажам?
С. Папачек:  Во право сте. Минатото лето го промовирав мојот прв роман. Темата на романот е вечната борба помеѓу доброто и злото. Маж – Жена, а ме инспирира еден настан во кој требаше да се реши чија да биде одговорноста. На кого да му се довери, на маж или на жена? Секако дека крајното решение сепак беше маж. Впрочем кај нас, иако одиме напред сепак останал патријархатот. Овој настан се поклопи со темата на еден литературен конкурс за расказ. И почнав со пишување, така од расказ излезе роман. Свое место за одлична промоција романот си најде во склоп на Бит Фест 2015 и Арт фестивалот "Ако одам во Битола". Рецензент на романот е Г-ѓа Гордана Такец и еве уште еднаш и се заблагодарувам за несебичната помош нејзина и на печатницата на нејзиниот син Графо Пром кои ми помогнаа да го издадам романот во 100 примероци.
"Вечната борба не може да биде нерешена.
А победата познава само еден јунак.
ЗЛО или ДОБРО?
А злото може да го победи само она другото, доброто.
ДОБРОТО – ГОСПОДАРОТ НА СИТЕ СВЕТОВИ"
Промотор беше Г-ѓа Сузана Турунџиева на која уште еднаш и се благодарам за прекрасната промоција која беше збогатена со нејзините евергрини. Се надевам дека и романот ќе биде "евергрин" – вечен.
Љ. Поповска:  Од кога пишувате и кои се вашите објавени дела?
С. Папачек: Пишувам уште од најрана возраст. Најпрвин на зададени теми од професорката по македонски јазик, потоа за училишни весници, литературни конкурси.  Ме поттикнуваше љубовта, адолесценцијата, занесот што една млада личност го има, сопруга, мајка, па се до денес кога сум веќе зрела жена.
Моја прва издадена книга е стихозбирката  "Страсти". Мојата сега покојна пријателка Николина ме наговори и ме поттикна да ја издадам. Низ разговори за песните кои ги имаше прочитано во една прилика ми рече :
Ова треба да излезе на виделина. Песните ти се посебни. Удираат на срцето. Џабе ти седат во фиока. Направи напори да ги издадеш.
И кога нешто е предодредено да се случи ќе се случи. Со помош на Организацијата на жени каде и јас членувам се роди моето првенче. Без нивна помош песните немаше да ја видат светлината на денот. Јавна благодарност до сите нив од мое лично име по којзнае кој пат. Промотори ми беа Светлана Петковска, Силвана Петрова Насух, рецензент Гордана Такец, а Алексеј и Исидора Ангелевски ја збогатија промоцијата со настап на клавир.
ТВОРЕШТВО
Самостојни изданија
"Страсти" – збирка поезија 2014 год.
"Препород низ бессознание" – роман 2015 год.
Заеднички изданија
"Симфонија на срцето" – Меѓународен зборник, поезија на македонски јазик 2014 год.
"Творечки бранувања" – 2014 год.
"Поетска Везилка" – Алманах 2014 год.
"Литературни искри" – Меѓународен поетски фестивал 2015 год.
"Го љубам животот" – 2015 год.
"Поетска Везилка" – 2015 год.
"Арсеник Фанзин" – списание 2015 год.
"Капи слободе" – зборник поезије 2014 год.
"Сјечање на љубав" – зборник поезија 2015 год.
"Пјесници који додирују љубав"  -  зборник 2016 год.
"Гарави сокак" – 2015 год.
"Зборник поезије Стопама Алексе Шантича" -  2015 год.
Љ. Папачек:  Вие сте и во управниот одбор на најстарата женска организација во Битола. Од кога постои, колку членки брои и кои активности ги организирате и реализирате?
С. Папачек: Организацијата на жени постои од 1944 год. тогашно АФЖ, значи 72 години. Таа е невладина, неполитичка, непрофитна организација чија примарна цел е да се развијат културните и хуманитарните карактеристики на жените – граѓанки на Општина Битола и околните места. Промовираме мир, демократија, борба за човекови права и борба против дискриминација од секаков вид и ограничување. Броиме околу 30 членки на возраст од  20 – 80 години. Актуелна претседателка е Светлана Петковска.
Од хуманитарна страна организираме и спроведуваме многубројни акции. "Битолски Слатки Филиграни" годинава беа организирани по 14 пат. Сѐ со традиционален карактер. Сите слаткари од градот донираат торти, а средствата од продажбата ги донираме онаму каде е потребно. Оваа 2016 год. средствата ги дониравме на центарот за аутизам Марко Поло Експлорер.
На литературно поле од пред 3 години го организираме конкурсот за краток расказ со посебен акцент на жената, а по повод  8 ми  Март. Генералната тема е "За жената", насловена со соодветно име во тековната година за кое одборот мисли дека ќе разбуди интерес.
Со ова ја правиме прославата за денот на жената малку поразлична од традиционалните славења. Оваа година имавме 3 дневен проект насловен "Женски приказни".
1.         Ден – Женски бизнис приказни
2.         Ден  - Жената во политиката
3.         Ден – Заокружување на прославата со доделување на наградите по распишаниот конкурс. На годинашниот конкурс пристигнаа околу 30 раскази од земјата, Србија и Австралија. Следна активност ни е Бит Фест со претставување на старите женски афинитети, малку подзаборавени, но со аспект на една одредена. Организатори и реализатори се сите членки, се разбира која колку може.
Љ. Поповска:  На што моментално работите на ваше лично литературно поле ?
С. Папачек: На прв план ми е Бит Фест. Имам замисла со која би аплицирала и доколку биде прифатена ќе има што да се види и за што да се разговара. Но за тоа – потоа. Дај боже да биде одобрена.
Моментално работам на нов роман со една носталгична тематика. Еве малку ќе ве заинтригирам – Љубов во време на 80 тите години во тогашна Југославија...
Имам песни кои ги спремам за нова стихозбирка. Да ви признаам на тешки маки сум. Сите се мои, еднакво мили. Не знам како ќе се одлучам. Веројатно тоа ќе почека малку.
Збирката раскази "Женските откровениа" е спремна за печат. Во неа се моите наградени раскази.
Работа многу, време малку. Патиме од недостаток на време. Се трудам да си ги испланирам обврските како сопруга, мајка, жена. Но, наоѓам и малку време за себе и мојата прва љубов – пишувањето поезија.
Љ. Поповска: Кои се вашите други пасии како жена?
С. Папачек: Мојата прва љубов – пишувањето малку ја бев подзаборавила и ја заменив со љубовта кон сопругот Антонио и синот Михајло. Заради сопругот го напуштив моето родно Скопје и дојдов да живеам во Битола. Многу одрекувања во име на љубовта. Знаете, малку ми беше тешко на почетокот да се навикнам на животот тука. Сите некако како сеуште да живеат во времето на конзулите. Тоа е еден ген кој тешко дека ќе се искорени – кабадајлакот. Не залудно се вели дека во Битола се јаде и пие, во Битола живот се живее. Но јас не се сложувам со таа констатација бидејќи најголем проблем во градот е невработеноста. Но тоа е веќе друга тема и не би сакала во моментов да навлегувам во неа. Значи да се вратиме на љубовта. После љубовта доаѓа семејство и мораш да го носиш и тој товар. За мене воопшто не беше тешко да се вклопам во еден тек на живеење кој бара многу труд и жртвување на личните нешта. За мене важна работа која го соединува семејството е трпезата. Посебен аспект му давам на семејниот ручек кого со голема љубов го подготвувам. Живеев со баба и дедо, потоа овде со бабата на сопругот бев по цел ден. Од двете научив по нешто, но посебно од битолчанката. Научив да подготвувам и битолски градски манџи со што стигнав и да учествувам во проектот "Вкусот на Традицијата" со Г–ѓа Адријана Алачки. Во 2014 година ја снимив Тв емисијата "Тиквиња на Битолски начин", а во 2015 година учествував во "Изборот на традиционална македонска трпеза" и снимањето на новогодишната емисија на "Вкусот на традицијата".
И за крај го оставив шлагот. Мојата пасија – козметиката. Повремено ја работам и неа. Зошто после сите обврски што ги има една жена, во прв план е убавината, душевниот мир и задоволството кога ќе се одмориш, ќе блескаш во лицето, целото тело ти е нежно како кашмир, искапено во разни мириси и спремна си повторно да го заведеш човекот на твојот живот. Твојата единствена љубов со која имаш и телесен допир. Тука е до тебе. Реална е. Не е во некој измислен свет.

Разговорот го водеше Љубица Поповска 
Macedonian timeline
macedoniantimeline.blogspot.com.au

No comments:

Post a Comment