Потомок е на револуционери, татко му Лазар и дедо му Ѓорги Парго се истакнале со своите историски дела.
Основното образование го почнал во родното село, но откако училиштето сe затворило, продолжил да оди во Царев Двор, со својот другар Владе Шарковски, секој ден и по студ и по невреме преку Езерени, пешки по десеттина километри кон Царев Двор и назад.
Се истакнал со бистрина и највисоки оценки поради што редовно и бил пофалуван од наставниците и од директорот на училиштето Ѓорги Прцуловски, кој понатаму го смета за свој доживотен пријател.
Детството го поминал и на училиште и на нива, биле тоа години кога во помагање на семејството биле вклучени и тој и помалите сестри Златка и Лепа.
Средно училиште тргнал да учи во Битола, но по две недели поминати таму го предомислил неговиот татко Лазар, за да биде поблиску до него, тој тогаш работел во "Гранит" како надгледувач на изградба на патот Ресен - Охрид.
Се запишал во гимназијата "Свети Климент Охридски", се сместил во интернат.
Во тоа време ги запознава другарите Иван Голабоски, Јане Ангеловски, Наум Бурназ, Николина Котушевска, Лазар Петковски, Елена Петровска, Васил Костојчиновски, Нијази Лиманоски, за кои секогаш зборува со радост.
Таму, му остава впечаток хуманиот гест на професорката Зердевска, таа на послабо ситуираните ученици им давала пари од својата плата. Станува активист во Црвениот крст (оваа година се слави јубилеј од 75 години од основањето), и со насмевка се присетува дека во првата новогодишна акција на делење храна во Охрид, волонтерите за прв пат виделе портокали.
Поради кроткоста и добрата волја кон луѓето бил омилен. Професорите на гимназијата долго ја раскажувале случката со неговото матурирање. За тема го одбрал творештвото на Кочо Рацин. Ја изнесол својата тема со одлично знаење. Кога го прашале дали можеби знае некоја од песните, тој ги изрецитирал наизуст сите до една. Одушевени и вчудоневидени, професорите специјално организирале приредба со влезници, на која биле поканети и видни охриѓани, а пред нив и пред публиката Ѓорги наизуст го рецитирал сето творештво на Рацин.
Инаку, и ден денес знае напамет преку 300 песни и стихотворби од сите значајни македонски поети, и од најпознатите од српската, црногорската и руската литература, на овие јазици кој исто така ги владее.
Следуваат војничките денови во Генералштабот на ЈНА во Белград, како еден од ретките Македонци кои стапнале таму. Бил ангажиран во весникот "Војник". Средбите со генералите му биле секојдневие, ги памети и трите големи свечени вечери со нив, на кои присуствувал и претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито. Раскажува за незаборавниот момент кога адмиралот Мате Јерковиќ по еден новогодишен дочек излегол на улица и на сите улични продавачи и поскромни минувачи пред Генералштабот им купил и подарил пакетчиња со храна и им честитал Нова година, што оставило силен впечаток кај Ѓорги.
-Дека и во војска бил омилен се потврдува со гестот на готвачот кој секогаш во неговата чинија ставал по две плескавици и ги покривал другите да не ги видат, ја обележувал чинијата и му ја поддавал со притаена насмевка. Во првите месеци им варел кафе на генералите. И за секое кафе ставал цртка, така се запишувало тогаш. За сето тоа време некој го следел, без да го види.
На крај на тас војничка обврска генералот му честитал на чесноста, велејќи му: "Чесен војнику, ти честитам, ти не само што точно си запишал се, туку и ниедно кафе за себе не си сварил!"
За време на тие денови развива уште поголема љубов кон неговата голема пасија, фудбалот, оди на стадион да посетува натпревари, имал и месечен билет, навивал за "Партизан", а посетувал и концерти. Понатаму, бил и одличен фудбалер во Преспа, на еден натпревар дал дури 18 голови.
На фудбалскиот клуб "Партизан" и официјално им бил домаќин кога во осумдесеттите години на минатиот век дошле во Ресен. Навива и за "Вардар". Како млад дури има и понуди да игра за голем фудбалски клуб. Не ја прифаќа ни понудата да остане во Белград да продолжи како професионален новинар- уредник во "Војник", од љубов кон мајката Зорка и таткото Лазар, за да им биде од помош и да живее во семејството.
Се запишува на Правниот факултет во Скопје, живее под кирија во скромни услови дури во ладна соба на Бит пазар до Куршумли ан, а ритуалот исхрана му е среќен миг во обожаваната народна менза, а денес ексклузивен ресторан "Пелистер", каде тогаш се јадело од простум.
Римско право положил со голем успех.
*****
По враќањето во Преспа станува новинар во "Битолски весник", во првата постава со уредникот Тоде Ѓорески. Набрзо станува и Претседател во Општински комитет на Сојуз на Социјалистичка младина на Македонија за Ресен, каде е избран во два мандати.
Се вработил како новинар во Центарот за радио и печат- Радио Ресен, од каде оди да работи како дописник за "Нова
Македонија", за да потоа како уредник повторно се врати во Радио Ресен. Бил дописник на "Вечер", "Нова зора", "Трудбеник", списанието за земјоделците "Народна задруга", "Трибина", "Комунист", списанието "Македонија" на Матица на иселениците, "Просветен работник", "Просвета", “Стопански весник”, “Млад борец”, понекогаш и “Екран”, бил уредник на “Делегатски информатор”, белградски "Спорт", а негов потпис краси и страница во познатата "Илустрована политика". Се пензионирал како секретар во Општинскиот синдикален совет за Ресен.
****
Додека ја работел новинарската професија следел се што тогаш се случувало во бисерот, наречен Преспа.
Срдечно го пречекал и турскиот премиер Булент Еџевит при доаѓањето во Ресен. И славните фудбалери од белградски "Партизан", исто така. Ја следел и пречекува секоја година Штафетата на младоста. Ги следел сите манифестации, познатата керамичка колонија во Отешево, концерти, остварил средби со драгите Панче и Невена Кочовска и со "Мањифико", Никола Бадев, Јонче Христовски, Добри Ставревски, Блаже Конески, Ванчо Николески, па се до "Бијело дугме", Кемал Монтено,Ален Славица, Неда Украден, "Нови фосили"... За битолскиот актер Бабецот се потсетува дека го запознал додека го поправал автомобилот на механичар во Битола каде дошол и Бабецот и раскажувал такви смешки што некој млад човек паднал на земја од смеење. Оттогаш станале пријатели. За Милтон Манаки го врзуваат спомените на нивните муабетења кога заедно лежеле во битолска болница, каде славниот фотограф ги поминувал своите последни денови. *****
Преспанските случувања биле негов целосен фах.
Замрзнувањето на езерото го архивирал и со фотографии. Но, една случка и ден денес му буди спомен. Се случило во ноќта во мирното езеро со чамец да исчезнат две млади девојки, Холанѓанки. Мирното езеро одеднаш се разбранувало, тие скокнале и со пливање излегле на брегот, на две разни страни, едната кон Стење, другата кон Асамати. Се јавил во тогаш мошне познатата "Илустрована политика" да ги информира колегите за темата, а тие му рекле веднаш да напише и да им ја каже својата сметка. Текст бил објавен со наслов "Ноч страха и ужаса на Преспанском језеру" ("Ноќ на стравот и ужасот на Преспанското езеро") а, неочекувано висок хонорар му бил исплатен веднаш за атрактивниот текст, со кој, со среќниот крај ги стопли срцата на читателите од цела Југославија.
Во "Нова Македонија" бил редовен дописник, одлична му била соработка со уредникот Панде Колемишевски, исто така по потекло од Ресен, и со главниот и одговорен уредник Георги Ајановски, познат како Џоџа.
Потоа ја добива покана од директорот на Радио Ресен, Зоран Димитриевски, да биде уредник на Радиото.Се истакнува со работата, а директорот, Димитриевски го предлага за најголемата награда, за која комисија во Белград дава позитивен одговор.Станува добитник на престижниот "Орден на трудот со Сребрен венец" од Претседателството на СФРЈ, кој се доделувал како одликување за високи заслуги, а истиот со церемонија му бил врачен од страна високи државни функционери, градоначалникот Живко Евтимовски и тогаш младиот функционер во подем Димитар Бузлевски.
******
Хуманоста била негова најсилна страна. Не размислувал два пати кога преку тесен отвор од внатрешната страна влегол во запален стан во кој се наоѓало само дете, за да го спаси. Останал анонимен иако станарите во воената зграда во Ресен се распрашувале кој го направи тоа добро дело.
На ниво на тогашната држава добитник е на највисока награда "Орден на трудот со Сребрен венец" од Претседателството на СФРЈ, а една исто така од најдрагите награди му е врачена од поранешниот ресенски градоначалник Крсте Секуловски, највисоко признание на град Ресен, општинската награда "11 септември". А, пак, Лазар Ангеловски му врачува признание од Општинскиот штаб за територијална одбрана, за целокупната посветеност на градот и околината.
Добива и низа други одличја, од работни организации и месни заедници од цела Преспа, од Сливничкиот манастир, две признанија од О.У. "Гоце Делчев"- Ресен, од Редакцијата на "Вечер", "Златна плакета" од преспанските иселениците во Австралија.
За целокупниот новинарски придонес за иселениците во Сиднеј, како прв и единствен новинар кој пишува за нив во времето на масовните иселувања во седумдесеттите и осумдесеттите години, градоначалникот на Рокдаил Бил Саравиновски во 2013 година му испраќа признание, по неговиот близок пријател од младоста, музичарот и радио водител Симеон Георгиевски, во чии познати радио емисии Ѓорги е чест гостин преку интернет .
Она што остави најсилен печат кај него се текстовите за иселениците. Печалбарскиот живот на иселениците е негова вечна тема. И ден денес најмногу ги сака средбите за муабет на сретсело во Подмочани, кога налето покрај мештаните тука се и иселениците. Со нив се потсетува и на неговата преспанска слава како фудбалер. Толку го сакал фудбалот како млад што дури и омилениот братучед Калче Магдевски го носел на рачките на велосипед со себе, а тој како дете толку страсно навивал што скокал во сонот и извикувал извици за бодрење на Ѓорги.
Исто така омилена тема за разговор со иселениците му е и родната земја. Македонија не ја напушти ни за момент. Пасошот му остана без ниеден печат.
******
Музичката приказна е негово интересно поглавје. По распаѓањето на Југославија од Белград во Царев двор се враќа неговиот пријател, музичарот Кенан Таировски, кој тогаш бил мега ју - фолк ѕвезда, со четири милиони продадени копии (плочи и касети) од песни. Тој му понудил да напише текст за првиот "Серенада фест" во 1993 година, така се родила првата песна, "Прва љубов".
Од идејата да се опише преспанската убавина се создава "Дано Дано Данице", голем мегахит.
Љубовта кон Македонија е лајт мотив за песната "Македонци братски да се сплотиме" која на дуетот Селимова - Желчески им донесува тројна победа на фестивалот "Макан" во Торонто, од публика, од Матица на иселениците и од Македонското радио. Често знаеа да кажат дека таа песна им ја возобновила нивната кариера меѓу нашите сонародници.
Адријана Алачки пак ќе рече дека песната "Принцот мој" ја однел на првата нејзина турнеја во Австралија. Фудбалската химна "Сиднеј Македонија" се пее меѓу младите Македонци, навивачи во Сиднеј. Томислав Маниќ пак "Уште го помнам првото танго" ја сними на два јазици, македонски и српски, и иако вели дека е печат на завршницата на неговата богата музичка кариера, Ѓорги го убедува да снимаат уште.
Најпознатата песна "Македонија ни е се" ја напиша откако директорот на "Гоце фест" Пеце Здравковски предлага да се напише текст за Петранка Костадиновска. Песната се снима во студио на МРТВ, а жал истата вечер грлатата пејачка влегува во вечност, останува споменот и големиот патриотски хит. Хитови се редат, Ѓорги најголема поддршка добива од неговата сопруга Милица, давајќи му импулс и бодрејќи го со својот широк, слободарски, модерен дух, да создава уште хитови, кои ќе се пеат. Музичката приказна ја продолжува ќерката Валентина како новинар за музика во најпознатите дневни весници во Македонија но и во списанија во странство,во Европа и Австралија, додека синот Константин се определува да биде електро инженер. .
Во творечкиот наплив се раѓа и песна за "Крстот Преспански", а второнаградена од жири на “Филиграни” е “Преспанските печалбари”.Песна посветува на својот драг помлад сосед Иштреф на Батовци- Иштреф Арслани, на мајсторот Абас
Цановски...
Песната "Марија" во изведба на Горан Симевски добива втора награда од жири на "Канео фест 2019". Истата година Симевски ја пее "Свадба, свадба" на "Филиграни".
Преспа за него е лајтмотив, не само што го опишал своето село Подмочани, го опишал и Грнчари, а и Болно на идеја на Дорче Таневски, со гласот на талентираниот Ташко Каранфиловски, а за стиховите за Љубојно на "Илинденските средби" од Бошко Рајчовски Пелистерски добива награда за поезија во 2013.
Со "Македонија како галија" освојува награда на литературниот конкурс "Бдеење на Кокински мугри 2017", за "Најлирска песна" на поетската манифестација "Сплоти се Македонијо 2020", е прогласена неговата поезија "Македонијо". Учествува и на поетската манифестација "Ванчо Николески" во Квинбијан, Австралија.
Откако се пензионира се преселува во Скопје, живее со ќерката Валентина, синот Константин, снаата Наташа и прекрасните најсакани внуци Лука и Мила.
Во Скопје остварува средби со драги соработници, и посетува културни и музички настани. Соработува и со Првата детска амбасада во светот "Меѓаши".
Летото господово 2020 уметникот од светски ков Живко Поповски - Цветин самоиницијативно направи изложба во чест на Ѓорги Ѓоргиевски, Ѓе. Ѓе., а, стиховите на "Цветни градини", објавени во "Колибри" во 2000 година, ги врами во колоритен венец од нацртани цвеќиња. Таа изложба индиректно го иницираше издавање на оваа книга, промовирана на 19 декември 2020, на денот кога се слават 99 години од раѓањето на Блаже Конески, и во пресрет на годишнина од раѓањето на Кочо Рацин, 22 декември, но и во годината кога се слават 100 години од раѓањето на Славко Јаневски.
"Македонијо, гордост моја!" е прва книга на Ѓорги Ѓоргиевски, на негова голема чест објавена во година кога се слави 1000 години од основањето на духовниот храм на Македонците, Свети Јован Бигорски.
Скопје, 8 ноември 2020
No comments:
Post a Comment