ЗАНИМЛИВОСТИ ЗА МАКЕДОНИЈА
Ако сонцето е најсјајно на небото, Македонија со својот раскош и природни убавини е најсветла ѕвезда на земјата.
Македонија има 40 планини од кои 12 се повисоки дури и од 2000 метри. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина., 34 градови, 1616 села, 160 езера а најстарото и најдлабокото езеро на Балканот е токму во Македонија. Тоа е Охридското езеро за кое се смета дека е старо околу 4 милиони години.Вистински дар од природата, и како скапоцен бисер на Балканот спаѓа во најинтересните и уникатни природни убавини во светот.
Македонија е богата со разновидни дрвја и животински свет. Проценето е дека постојат 3 500 видови на растенија, 319 видови на дрвја. Во Македонија има 55 видови на риби и 330 видови на птици.
Најстаро дрво во Македонија е Чинарот во Охрид, кое расте од 9 век, во времето на Св Климент Охридски.
Битола е најопеаниот град во светот. За Битола се испеани над 500 песни од голем број наши пејачи. Песната по која е препознатлив овој град е Битола мој роден крај, компонирана во далечната 1950 година од Хајри Демировски.
Исарот
Штипското кале Исарот е средновековна тврдина која според легендата била изградена од Крали Марко. Кога го правел калето, неговата сестра ја правела клисурата крај реката Брегалница. Кога погледнал Марко од Исарот и ја видел сестра си како работи со аргати, викнал и ја прашал ’Што правиш мори сестро? А таа му одговорила – ‘Ќе го цепам брегов, брате, да отворам пат до клисурата, та кој да помине, со рает и без страв да врви, па дури и песна да запее‘.
И вистина, како што рекла сестра му на Крали Марко, така е и ден денеска, кој ќе поминел низ клисурата, ќе запеел.
Битола во 1382 -1912
Градот Битола, бил дел од отоманската империја. Со векови Турското население било најбројно во овој град. Евлија Челебија – познатиот патеписец, вели дека градот имал 70 џамии, голем пазар со железни порти и над 900 продавници. Битола тогаш ја викале Манастир, бил главен центар на Румелија (отоманска провинција која опфаќала и делови од Србија и Бугарија) а за која денес Турција сними и турска серија под наслов Збогум Румелија. Филмот , идентично го отсликува животот на румелиските Турци, родени во Македонија кои морале да ја напуштат таа област по распадот на Отоманската империја во 1899 годиа. Познат како град на конзулите поради тоа што имало 12 конзуларни претставништва во периодот од 1878 – 1913 година. Препознатлив по Саат кулата, за која легендата кажува дека настанала во 1830 година. Била изградена од малтер помешан со 60.000 јајца собрани од соседните села. Висока 30 метри, на врвот има железна ограда со ламби за да го осветлува саатот.
Минерални води во Македонија
Македонија е богата со топли минерални води коишто се прочуени со својата лековитост. Овие води најмногу лекуваат ревматични заболувања. Покрај топлите минерални извори има изградено и бањи. Тоа се посебен вид болници во кои болните, освен со лекови, се лекуваат и со водата, како и со разни вежби за движење. Во бањите има модерни и убави згради, базени со топла минерална вода, паркови и шеталишта. За болните се грижат лекари и друг медицински персонал.Најпознати бањи во Македонија се Дебарски бањи, Катлановска, Кумановска, Кежовица, Банско и Негорци.Водата во Дебарските бањи е најлековита и затоа овие бањи се најпосетени.
Реката Вардар
Најголема река во Македонија е реката Вардар која е долга 420 км. Нејзиниот пат низ Македонија е долг 300 км додека другиот дел е во Грција. Вардар извира во подножјето на Шар Планина во близината на селото Вруток, кај Гостивар.
Кораб
Највисоката планина во Македонија е Кораб, висока 2.764 метри. Кораб претставува планинско -венечен лак , со правец на протегање од југ кон север. Кораб е планина со најубав планински рељеф.
Цркви во Охрид
Легендата кажува дека во Охрид има 365 цркви кои датираат уште од 4-тиот век.
Првиот македонски олимпиец
Дали знаете кој е првиот македонски олимпиец? Тоа е Кузман Сотировски- фудбалски репрезентативец, кој настапил на Олимписките игри во Амстердам на 29 мај, 1928 година во дресот на Југославија Играле против Португалија со резултат 1спрема 2 при што Југославија отпаднала од понатамошни натпревари.
Флејтата Окарина- стара 6000 години
Македонската традиционална музика е препознатлива во светот по три музички инструменти. Тие се гајдата, кавалот и тапанот. Најголем промотор на македонска традиционална музика во светот е Драган Даутовски, роден во 1957 година во селото Русиново кај Берово.Отсекогаш импресионирал со својот музички талент и мајсторство во својот музички занает. Може да свири на повеќе од 20 традиционални музички инструменти. Така, Драган Даутовски го чува и негува македонското фолклорно богатство и неговата посебност. Со својата музика тој длабоко навлегува во традиционалните вредности и ги вметнува во денешната модерна музика. Но уште понтересно е тоа што Драган Даутовски е единствениот музичар во светот кој свири на античка бакарна флејта стара 6000 години, наречена Окарина. Потекнува од неолитскиот период а е пронајдена во близина на Велес. Затоа велат дека неговата музика звучи 6000 години стара, за чие изведување е потребна голема концентрација и духовна подготовка.
За Пеце Атанасовски - најдобриот гајдаџија во светот
Нашиот најпознат и врвен гајдаџија Пеце Атанасовски (1927-1997) со право може да се рече дека беше гајдаџија на сите времиња. За тоа потврдува и фактот што во 1968 година на Светскиот фестивал на гајдаџии во Сицилија, Италија, беше прогласен за најдобар гајдаџија во светот. Верувале или не, на тој фестивал Пеце Атанасовски во конкуренција на 1.800 гајдаџии од целиот свет, го освои првото место и ја доби наградата Златна гајда. Ова е вистинска победа на македонската гајда во светски размери.
Кон крајот на 1977 година археолозите дојдоа до многу значајно откритие. Во близина на археолошкиот локалитет Кутлеш, Вергина, на околу четириесетина километри југозападно од Солун, открија гроб за кој се тврди дека му припаѓал на прославениот македонски цар Филип Втори. Уште поинтересно е тоа што на еден од зидовите на гробот е откриена фреска што претставувала лов на лавови. Во гробот кој бил висок 12 метри, биле пронајдени две урни тешки 11 килограми, направени од злато. Освен тоа пронашле и женска дијадема, македонски шлем, гети, од кои едната била покуса што претставува индикација дека му припаѓала на Филип Втори кој куцал од едната нога. На капакот од еден саркофаг била врежана македонската ѕвезда со шеснаесет зраци.
Крали Марко
Според легендата се смета дека Крали Марко од Прилеп- Варош, имал три сестри Дева, Кита и Ѕвезда. Најстарата, Дева, живеела во село Девич, Порече. По нејзиното име и селото го носело името Девич. Над селото има и едно црквиче и кула оградени со голема авлија, сета од камен. Дева живеела таму во кулата и држела војска. Војската се бранела со камења . Дева изградила и една зандана полна со вода. Од занданата до кулата имало една воденичка бука низ која заробените ги пуштала во занданата. Затворениците биле во вода дење и ноќе се дури не умреле. И денес кај занданата стои караулата каде стоела стражата. Во кулата имало и фурна каде Дева печела леб.
Кита, живеела во Кичево. Кичево го носи името по Кита. Најмалата сестра Ѕвезда, живеела во Гостивар.Дева и Кита никогаш не се омажиле. Турците велеле , Кита била убава, ама Дева уште поубава.
Се надевам дека уживавте во оваа прошетка низ и за Македонија, и верувам дека овие занимливи информации нема да ги остават рамнодушни. Почитувајте го националното богатство на Македонија, почитувајте го нашето наследство кое со векови го чувале и сочувале нашите претци. Националниот дух и стремеж за себедефинирање и постоење на Македонија како земја со посебен идентитет, земја со најбогата културна традиција, обичаи и култура нека ни биде поттик за и понатаму да се бориме и докажеме пред светот дека ние сме само Македонци, нашата земја е Македонија и само Македонија – ЗАСЕКОГАШ
Гордана Димовска
No comments:
Post a Comment