Sunday, February 25, 2024

ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ НОВА КНИГА - "ЈАНКО УЗУНОВ - ТОЈ!...СИОТ БЕШЕ МУЗИКА" ОД ВАЛЕНТИНА ЃОРГИЕВСКА ПАРГО

ВАЛЕНТИНА ЃОРГИЕВСКА ПАРГО:Јанко заслужува и голема биографска книга!

"Тоа што сметам дека е една од најголемите легенди на Македонија, уникатен и посебен и дека многу луѓе, особено помладите генерации, треба да ја запознаат неговата вистинската вредност и величина, а најмногу затоа што многу работи како да останаа недокажани."- Валентина Парго 

MT - Веста за вашата книга за Јанко Узунов навистина ја примив со воодушевување. Ги сакав неговите песни затоа што беа во македонски дух создадени и допираа до душата на човекот. Кога патував за Австралија во истиот авион беше и Јанко со Жаклина и ми оставија впечаток на добри пријателски расположени луѓе. Исто со нас беа и Драган Мијалковски и Ранко Рангелов.

Валентина - Мило ми е што ве израдува книгата "Јанко Узунов - ТОЈ!...сиот беше музика!", што ја објавив неодамна. При нашата прва средба, ветувам ќе ја добиете лично. А за Вашето заедничко патување со авион, неговата Жаклина многу убаво се сеќава, на турнејата во 1993 година, на која со нив биле и Драган Мијалковски, Ранко Рангелов и Марија Зикова. Инаку, не познавам некој кој го сретнал а нема најубави спомени со славниот пејач, но и со неговата сопруга, без оглед дали го знаел добро, се дружел или само се запознал, тој беше извонреден пред сѐ како личност и оставаше неверојатно смирен, топол и срдечен впечаток. Просто не познавам некој кој го сретнал, а не му се одушевува.

 МТ - Што ве натера да ја напишете книгата за него?

Валентина - Тоа што сметам дека е една од најголемите легенди на Македонија, уникатен и посебен и дека многу луѓе, особено помладите генерации, треба да ја запознаат неговата вистинската вредност и величина, а најмногу затоа што многу работи како да останаа недокажани. Падна во затишје последните две децениии од својот живот затоа што беше многу скромен и се држеше настрана од медиумите, беше целосно посветен на своето семејство и на своето музичко училиште "Узун" каде децата изучуваа да свират гитара, па така не беше редовно застапен во списанијата и весниците, како на пример во седумдесеттите и осумдесеттите години, кога царувал на секое поле, и сценски и медиумски... Од друга страна на радијата се емитуваат само неколку од неговите најславни песни "Момчето со мандолина" и "Македонче соколе", "Те сакам песно македонска" а ги има над петстотини... Има многу големи валандовски хитови кои треба да се пуштаат почесто...

 


МТ - Дали мислите дека треба уште да се направи за вистински да се испочитува неговиот лик и дело во Македонија?

Валентина - Ако нешто повеќе се направи за Узунов, тоа ќе е од општествена корист пред сѐ. По неговото заминување во вечноста со негово име е именувана салата во Домот "25 Мај" во неговото родно Валандово. Но, сметам, треба да се направи и соодветен документарен филм и пообемна музичка монографија каква што заслужува тој човек, да се позборува за неговата богата дејност, успеси, хитови, бројни награди и песни. Треба да се искористат податоците кои ги има во архивите на МРТВ и од многуте написи во медиумите, за да се направи една многу поголема и пообемна монографија.

 МТ - Дали планирате повеќе промоции во Македонија и во кои градови?

 Валентина - Промоцијата овој пат беше само пред одредени претставници од десеттина медиуми, кои посветено се занимаваат со музика и сцена, затоа што книгата е објавена во промотивен тираж, и тоа благодарение на неговата сопруга, Жаклина Узунова. Таа зборуваше пред мојот диктафон, како и неговиот син единец Кирил Узунов, некогашдетето ѕвезда од песната ",Македонче соколе"... Се посетија на најважните работи за легендата. Книгата се темели главни на нивните изјави, и на неколку најверни соработници и ученици. Бидејќи ја објавивме во многу кратко време од идеја до реализација, немаше време да се обратиме ни во министерство за култура, ни кај соодветни институции, за да може да укажеа финансиска поддршка, и да се објави во солиден тираж за продажба. А доколку се најде официјален издавач, затоа што навистина има голем интерес кај публиката, ќе има и промоции низ другите градови, во најмала рака во Валандово, Берово, Струга и Дојран, каде сѐ уште кај многу луѓе живеат спомените од неговите настапи и нивните дружења во овие места. Впрочем, тој со децении беше и поп и фолк мегаѕвезда со најбројна и најголема публика. Јас го обожавав уште од кога бев многу малечка.

 


МТ - Јанко беше омилен и во Австралија, и верувам дека книгата ќе предизвика интерес и овде, кажете дали можат читателите да ја набават и како?

Валентина - Доколку некој наш иселеник или издавачка куќа понуди книгата да биде издадена и во Австралија, секако дека ќе ја доставиме за печатење. Тоа е и целта, да допре до поголем број на читатели кои вистински го почитуваа. Инаку, во самата книга е опишано на кој начин Австралија му го даде правецот во животот понатаму, но нека остане мала читателска тајна, додека не излезе книгата во продажба низ книжарници. А, Јанко со посебна почит се потсетуваше на ѕвездените музичко моменти кои ги доживеал таму, и нагласуваше дека дијаспората секогаш му организирала концерти во најубавите и најпрестижни сали. Овде дозволете ми да пренесам негова изјава, пред десеттина години, самиот ми раскажа: "...во 1980-та година отидов на турнеја во Австралија. Од 1980 до 1993 година направив 14 турнеи во Австралија, зедов и награда на фестивалот „Камбера фест“. Тие години јас станав фаворит на македонската австралиска публика. Одев претежно сам и со моја група, а потоа се приклучи и мојата сопруга Жаклина. Прво одев со Виолета Томовска, Кочо Петровски, Јонче Христовски, Васка Илиева, после таму заземав една доминација како еден нов пејач и станав многу славен. Македонците во Австралија многу добро знаат за моите успеси. Има многу мои касети, плочи кои ги објавував со разни продукции, а ги купуваа. Јас пеев пред огромна маса на Македонци. Имам настапувано дури и во Сиднеј и во Мелбурн по тие стари концертни театарски- оперски сали со балкони, со по пет илјади гледачи, Македонци..." Така раскажуваше самиот тој. Едноставно, Македонците во Австралија имаат значаен удел од неговата кариера и пејачка биографија.

 


МТ - Кои се вашите очекувања за интересот за книгата?

Валентина - Очекував голем интерес, но навистина не очекував дека сите пријатели, а и во секоја продавница во која влегов, ќе ме прашуваат за книгата, и дека инбоксот ќе ми е затрупан со прашања од луѓе кои сакаат да дојдат до неа. Реков, жал ми е што во моментов не можеме да ѝм излеземе во пресрет, но за некој месец книгата ќе може да се набави. Она што посебно ме изненади е тоа што многумина го знаеле токму онаков каков што беше скромен и чесен, честит, посветен и темелен, и како музичар и како пријател и како музички педагог, и со радост зборуваат  за него. Јанко е име со трајни вредности. Сеопшто почитуван и обожаван, секаде до каде што допрела неговата песна. Тој беше самиот автор на своите песни, со исклучок на "Момчето со мандолина" и сѐ што направи е вредно за почит.

 


МТШто би сакала да ѝм кажете на читателите по излегувањето од печат на ова дело?

Валентина Валентина - Би сакала да замолам секој што има било каков спомен од моменти на концерт,  дружба, средба или впечаток, фотографија или видео материјал, да ми ги испрати, а јас верувам ќе направам и една поголема книга, со многу повеќе изјави и со негово претставување од повеќе агли. Тој беше Човек-музика. Човек- љубов. Човек - инспирација. Човек - Човек.



Автограми од Јанко Узунов и Жаклина во дневникот на авторката на интервјуто Гордана Димовска - потпишани во 1993 




Интервјуто го водеше - Гордана Димовска
Interviewer: Gordana Dimovska
Macedonian Timeline Australia

No comments:

Post a Comment