Познатиот
иселеник д-р Лефтер Методиев Манче кој е дете прогонето од Егејска Македонија,
а кој постана светски естетски хирург,
трансплантер и асистент университетски професор, на 28 септемсри 2025 година,
во хотелот „Мериот“ во Скопје, заедно со бројни роднини, другари, колеги, и
пријатели од сите делови на Македонија, го прослави неговиот 90. Роденден со промоција на Фондацијата “Доктор Лефтер
Манче”.
По
интонирањето на македонската национална химна, реч за животот и делото на
доктор Лефтер Манче одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес и
генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци
од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Тодор Петров.
Пригодно обраќање со евоции од неговиот живот и историјата на Егејскиот дел од Македонија одржа доктор Лефтер Манче, а свечената трпеза ја благослови Неговото Високопреподобие отец Никодим Царкњас, архимандрит мегленски.
Присутните ги забавуваше музичката група “Егејска рапсодија” од Штип, со песни и ора од Егејот - душата на Македонија, како и Марија Ташевска и Ленче Димовска со народна носија од костурско, кои отпејаа три македонски народни песни од Егејот: “Мори чупи костурчанки”, “Луда ми тера коњи” и “И ние сме деца на мајката земја”.
Во
Фондацијата, доктор Лефтер Манче ќе вложи околу 40 милиони денари сопствени
средства. Од дивидентата на акциите во Алкалоид АД Скопје, ќе се доделува
годишна награда на најдобрите студенти од трета студиска година на Институтот
за историја при Филозофскиот факултет во Скопје - и на Катедрата за македонски
јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје.
Во Одборот
на Фондацијата свои претставници ќе имаат Македонската Православна Црква -
Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва, Универзитетот “Свети Кирил и
Методиј” во Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.
Доктор
Лефтер Манче како најдобри студени на трета година во учебната 2024/2025 година
ги награди студентот Жан Павлов од Институтот за историја при Филозофскиот
факултет во Скопје со просек 10, и студентите Стефан Спасовски и Алма Шемо од
Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во
Скопје со просек 9,92.
На
прославата присуствуваа Македонци и претставници на македонските здруженија и
заедници од сите делови на Македонија - од Пиринскиот и Егејскиот дел од
Македонија, како и од Албанија, Косово и Србија.
Д-р Лефтер
Манче е еден од малите великани, кои го поминаа македонскиот дел од пеколот, ги
изодеа македонските планини, Европа и светот, но никогаш, каде и да се, не
заборавија дека тие им припаѓаат на своите села, градови и на својата родна
грутка Македонија. Како Македонец и патриот, д-р Манче често учествувал со
помош за добротворни цели на институции и поединци во Македонија.
Тој е
основач на „Здружението на Македонците од Загоричани”, Костурско, Егејска
Македонија и спонзор на Загоричанската вечера која секоја година, под негово
покровителство, ја организира ова здружение. Исто така, тој е голем донатор и
хуманист кој ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите
делови на Македонија.
Лефтер
Манче е роден на 29 септември 1935 година во револуционерното село Загоричани, Костурско, во егејскиот дел
на Македонија. Се родил како петто, од шест деца во семејството Џидрови.
Неговиот татко Методи, заедно со 72 мажи од селото бил затворен од
монархофашистите во април 1945 година и осуден на 101 година робија на
егејските острови (1945 - 1961).
Во текот
на Ѓраѓанската војна во Грција, неговата мајка Александра (Цана) и тројцата
браќа (Димитар, Стево и Харила) загинале како партизани, а Лефтер го пораснала
неговата тетка Јана Манчева (сестра на мајка му) и тетинот Стево, по кои го
носи и презимето
По
жестоките бомбардирања на македонските села во 1948 година, заедно со други
деца од егејскиот дел на Македонија, Лефтер како тринаестогодишник бега преку
преспанското село Љубојно и Битола во Будимпешта, Унгарија. Неколку месеци по
доаѓањето во Будимпешта, децата бегалци биле распределени во прифатилишта во
повеќе градови и села во Унгарија, а Манче бил со група од 21 дете од
Загоричани.
Во
Унгарија, Лефтер Манче завршил основно и гимназиско образование, а потоа како
добар спортист го завршил Факултетот за физичка култура (1955-1959). Веднаш
потоа ја остварил големата љубов кон медицината . Во 1959 година се запишал на
Медицинскиот факултет на Универзитетот во Дебрецен. По дипломирањето со одличен
успех во 1965 година, Лефтер Манче, најпрво, работи четири години како помошник
доктор, а по положувањето на испитите во октомври 1969 година и со стекнувањето
на титулата доцент, работи како асистент-професор
на Универзитетската хируршка клиника.
Во 1973
година, тој бил испратен од Универзитетот во Киев, тогашен СССР, и откако се
појавила неговата студија за рак на дојката во Германија, во април истата
година бил поканет на водечкиот Институт за истражување на ракот Финсен во
Копенхаген, Данска. Таму останал два месеца, а потоа решава својата
специјализација да ја продолжи во Канада.
Во јуни
1973 година, Лефтер Манче емигрирал во Канада. Објавувањето на неговите студии
во меѓународни реномирани медицински списанија, му овозможуваат од канадските
власти да добие трајна виза за престој, по што ја започнал битката да го доведе
и своето семејство. По долги шест месеци, унгарската влада дозволила неговата
сопруга и двата сина да дојдат во Канада.
Меѓутоа,
во Канада не му биле признати испитите, па морал да почне од почеток. Во текот
на наредните две години ги положува американските испити, а од 1975 до 1979
година работи на Катедрата за општа хирургија на Универзитетската клиника во
Отава. Во 1979 година ги положил канадските хируршки испити и во 1980 година
Лефтер Манче ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија во
Канада.
Согледувајќи
дека може многу повеќе да придонесе во естетската хирургија, почнал да патува
по светот, посетувајќи познати специјалисти од оваа област. Тој го собира
потребното знаење, по што почнува да работи како оператор-специјалист за
трансплантација на коса, липосукција, пластика на лице, на очи и на гради.
Во 1984
година заминал за Кан каде присуствувал на Првиот светски конгрес на пластичари
за липосукција, по што започнал да извршува хируршки интервенции. Неговото име
се појавило на канадските медиуми, а во 1986 година го пишува првиот вовед по
липосукција кој истовремено е прва ваква статија од областа на естетската
хирургија во Канада.
Истата
година во Будимпешта, одржал предавање на оваа тема, а неговите написи за
липосукција се појавуваат во канадските, унгарските и француските медицински
списанија. По 1987 година, на оваа тема Лефтер Манче одржал повеќе предавања
ширум светот, а доктори од целиот свет доаѓале кај него бесплатно да се
обучуваат.
Д-р Манче
ги обучувал и првите унгарски и македонски пластични хирурзи. Во 1995 година,
на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, тој во соработка со сега веќе
починатиот проф. д-р А. Мишковски, ги извршил првите операции за липосукција и
трансплантација на коса. Потоа соработува и со други македонски колеги, а вршел
операции и на приватната клиника „Ре Медика”.
Во 2002
година, заедно со син му ја отворил и меѓународната Клиника за трансплантација
на коса „Атлантик” во Будимпешта (Atlantik Hajatultetesi Klinika, Budapest), па
оперирал паралелно во Канада и Унгарија, како и во Скопје. Д-р Лефтер Манче до
2006 година, само во Канада извршил повеќе од 10.000 оперативни зафати на
трансплантација на коса, липосукција, естетика на гради, пластика на лице и
очи.
Член е на
угледните друштва и институции: The Royal College of Surgeons of Canada; The
International Society of Cosmetic Surgery; The American Academy of Facial
Plastic & Reconstructive Surgery и член основач на The American Academy of
Cosmetic Surgery и на The International Society of Hair Restoration Surgery.
Иако е
познат светски хирург за естетска и пластична хирургија, д-р Лефтер Манче
никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Повеќе од две децении тој со
својата кореспонденција ја промовира вистината за Македонија. Од
осамостојувањето на Македонија во 1991 година, па сè до денес, тој се вклучува
во борбата за признавање на Македонија. Пишува писма до Советот за безбедност
(1992) и има преписка со бројни и значајни личности на политичката сцена, меѓу
кои и со поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој го уверува
дека Македонија ќе го добие кандидатскиот статус на ЕУ. Тој се допишува со Ван
дер Штул, Солана, Робертсон, како и со други владини министри на Унгарија,
Канада и Австралија.
Значајно е
да се одбележи дека д-р Лефтер Манче е автор на голем број научни трудови
објавени во светот. Во исто време, тој е автор и на делото „Културно
однесување” на автобиографијата „Патот до врвот” и на најновата книга „Мојата
борба за македонското име“
.
Монографијата
„Патот до врвот” (2015) е негово автобиографско дело на македонски јазик, со
460 страници и со голем број фотографии,. Тој во делото се јавува како
љубопитен патеписец, ангажиран репортер на сè она што го памети на своите
многугодишни патувања, средби и разделби. Во автобиографијата се дадени бројни
документи за средбите и преписките со голем број видни личности од светот,
бројни значајни податоци за Македонија, за Канада, за светот, текстови од
неговиот живот како хирург, хуманист и светски патник.
Но, се
чини најзначајно е тоа што д-р Лефтер Манче живее со спомените на неговите
браќа Димитар, Стево и Харила од село Загоричани, Костурско, кои своите животи
ги дадоа за Егејска Македонија и беа жртви во Граѓанската војна во Грција,
Со одлука
на Четвртото генерално собрание одржано на 10 и 11 август 1996 година,
Светскиот македонски конгрес, како неформален Светски парламент на Македонците
од сите делови на Македонија и во целиот свет, му го додели највисокото светско
семакедонско признание на доктор Лефер Манче за живот и дело, почесната титула
„Македонски сенатор”.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
No comments:
Post a Comment