Friday, April 13, 2012

ЗБОРОВИТЕ НА ИСУС И НИВНОТО ЗНАЧЕЊЕ

Последните зборови на големите луѓе биле секогаш од големо значење за оние кој ги следеле до крај.Така и Христовите последни зборови за нас Христијаните се од огромно значење. Тие ни ја откриваат Неговата голема љубов и големината на Неговата жртва.

Исус од крстот проговорил седум пати - изговорил седум значајни зборови.
Прв збор - збор на опростување.-Татко, прости им,оти незнаат што прават.(Лука 23,34).Овие зборови Исус ги изговорил во моментот кога крутите римски војници го приковале на крстот. Крвниците очекувале дека Исус ќе вика од болка, како што правеле сите што биле распнати пред Него. Очекувале да им се спротивстави и да ги проколнува. Меѓутоа, Тој мирно лежел на крстот,и додека тие му ги прободувале Неговите раце и нозе, Тој за нив се молел. Во тој момент се исполнило пророчанството на пророк Исаија: И беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе гревовите на мнозина на Себе и за да се заземе за злочинците.(Исаија 53,12).

За кого се молел Исус во овој момент? Молејќи се за своите непријатели, Христос се молел за целиот свет, за сите грешници кој живееле и кои ќе живеат до крајот на времето. 


Исус ги сожалувал луѓето поради нивното незнаење и нивните гревови. Тој се молел: Татко! Прости им незнаат што прават. И денес многу од незнаење хулат на Христа и повторно го распнуваат.Но нивното незнаење не ги ослободува од кривицата. Само оние кои ќе го увидат својот грев, кои ќе се покајат и ќе го примат Исуса како свој личен Спасител ќе примат опростување. Оние, пак кои и покрај нежните повици за покајание ќе останат рамнодушни, со своето непокајание ќе направат Исусовата молитва за нив да остане неуслишена.
Луѓето на Исус му направиле најлошо што може, а Тој за возврат се моли за нив. Ова е победа на откупителската љубов.

Оваа љубов Господ сака и ние да им ја покажеме на нашите непријатели. Тој ни порачува: Љубете ги своите непријатели, благословувајте ги оние што ве колнат, превете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат, за да бидете синови на вашиот Отец небески. (Матеј 5,44.45).
Вториот збор -збор на спасение.- Со Исус биле распнати и двајца разбојници, еден од десната а другиот од левата страна. Оној од левата страна почнал да проколнува и да хули, но оној од десната страна, веројатно дирнат од Исусовата молитва, го укорил својот другар и му рекол: зар и од Бога не се плашиш,кога си веќе и сам осуден. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела: но Он ништо лошо не направил (Лука 23,40.41).Затоа предавајќи се на Божјата милост, побарал опростување:
Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството свое. На тоа Исус му одговорил: Навистина ти кажувам денес:ќе бидеш со Мене во рајот.
Не се допирај до мене, оти уште не сум се вратил при мојот Отец; На денот на своето воскреснување, третиот ден после распнувањето, Исус сеуште не бил со Отецот во рајот. Па спрема тоа ни разбојникот кој се покајал и поверувал во Христа какосво Спасител, не можел да биде со Исус во рајот во денот на Неговото распнување.
Што се однесува времето кога верните ќе ја примат наградата, Исус и Неговата реч не оставија во двоумење. Исус јасно учи дека праведните ќе ја примат наградата - вечниот живот, во воскреснувањето на верните за време на Неговото второ доаѓање. за време на своето страдање Исус му дал ветување на своите ученици: Во домот на мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, јас ќе ви кажев.Одам да ви приготвам место.И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе за да бидете и вие каде што сум и јас.(Јован 14,1-3). Исус ќе ги земе верните на небото во денот на своето второ доаѓање. Зашто, ќе дојде Синот човечки во славата на својот Отец со ангелите Свои и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.

Трет збор - Збор на нежност и љубов на синот спрема мајката. - А Исус штом ја виде мајка си, и ученикот, кого го љубеше, како стои, и рече на мајка Си, жено, ете ти син!Потоа му рече на ученикот:ете ти мајка! И од тој час ученикот ја зема при себе.(Јован 19,26.27).

Во својот последен час, во својата најголема физичка и душевна борба Исус се грижи за својата мајка.Му ја повери на својот омилен ученик Јован знаејќи дека тој најдобро ќе се грижи за неа.Секој Христов ученик ќе покаже ист дух. Сите оние кој одат со Христа треба да чувствуваат дека дел од нивната религија е да ги почитуваат своите родители и да се грижат за нивните потреби. Оние кои во своето срце ја чуваат Христовата љубов никогаш нема да се одрече од помошта на својот татко и својата мајка на која они имаат право. Исусов живот, стр. 282. Тоа е право христијанство. Исус во овј час бил зафатен со најголемото дело кое светот некогаш го видел - СПАСУВАЊЕ НА ЧОВЕЧКИОТ РОД, НО НЕ ЗАБОРАВИЛ НА ОДГОВОРНОСТА ДА СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЈАТА МАЈКА.

Четвртиот збор - Збор на неискажана душевна болка.- „А околу деветтиот час извика Исус со висок глас: Боже мој, Божо мој, зошто Си Ме оставил? (Матеј 27,46). Исус бил распнат околу 9 часот предпладне (Марко 15,25).На пладне одеднаш натприродна темнина го покрила крстот и цела Голгота.Кога Исус се родил во Витлеем на сред ноќ небесна светлина одеднаш ја растргнала темнината, а сега кога Исус влегол во својата смртна борба, точно напладне се спуштила на земјата густа темнина.

Исус сега влегол во втората фаза на своето страдање. Тој бил прикован на крстот, и крстот бил исправен; Целата тежина на Исусовото тело лежела на прикованите раце и нозе. Треска го мачела Неговото тело. Исус поднесувал страшни физички болки. Но уште пострашно од Неговото физичко страдање била Неговата душевна болка. Он ги земал на себе гревовите на светот, и сега почувсвувал дека помеѓу Него и Отецот постои прекин на врската . Почувствувал дека е напуштен не само од луѓето туку и од Бога. Тогаш Неговото срце се здробило од болка:Боже мој, Боже мој; зошто си ме оставил? (Матеј 27,46).
Христовото страдање сведочи за тоа како гревот е страшен и колку се страшни неговите последици. Гревот со себе носи физички последици а Исус ги почувствувал во своите прободени раце и нозе;Но гревот носи и морални последици, кој Исус ги искусил во својата смртна борба во Гетсиманија, но гревот донесува и последици од духовен карактер, а Тој ги искусил во чувството на напуштеност, и одвојувањето од Бога.Токму тоа чувство на напуштеност, и одвојување од Бога е главната последица на гревот која Исус ја искусил во тој час на крстот.

Сотоната навалувал на Исус со своите страшни искушенија. Спасителот не можел да гледа преку гробот. Надежта не му зборувала за победате над гробот, ни за тоа дека Отецот ќе ја прими неговата жртва. Знаејќи колку го мрази Бог гревот, Тој се плашел да не биде засекогагаш раздвоен од Бога. Христос почувствувал страв кој ќе го почувствува секој грешник кога веќе милоста нема да посредува за секој грешен човек. Чувството на грев, заради кој на Него како човеков заменик почивал Божјиот гнев - ете тоа ја напревило Исусовата чаша толку горка, тоа го скршило срцето на Божјиот Син. Исусов живот стр. 383.

Исусовиот извик не бил извик на очајување. Душата која очајува не се обратува никогаш на Бога. Исусовиот извик, напротив, изразувал поверение во Отецот и надеж дека сонцето пак ќе се појави и ќе ја растргне темнината.
Овој извик на крстот ни го открива страшното Негово страдање и длабочината и широчината на Неговата неизмерна љубов.

Петти збор - збор на страдањето. - По ова Исус,знаејќи дека е свршено се,за да се исполни Писмото, рече:Жеден Сум! (Јован 19,28).
Шести збор - збор на победа. - И кога се напи оцет Исус рече:„Се сврши!„ И во тој час крстот го осветли светлост. Исус ја подигнал и извикнал на арамејски јазик „тетелестај„ - се сврши! Тоа значи дека верно ја исполнил мисијата која му ја одредил Отецот. Со овие зборови Исус констатирал, дека сите пророчанства кои се однесувале на Него се исполниле, сите симболи се оствариле, и дека е сторено се што било потребно за спасение. Исус со ова воскликнување изразил задоволство од исполнетиот план.

Седми збор - збор на предавање. - Татко, го предавам Својот Дух во твои раце. И кога го рече - издивна.(Лука 23,46). Овие последни зборови му се упатени на Отецот. Исус својот живот му го предава на Отецот, задоволен што планот на спасението е завршен.На крстот на Голгота Исус го извршил делото на откупување. Со својата драгоцена крв ја платил цената за нашиот откуп. Апостол Петар вели дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато, туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне.(1.Петрово 1,18.19).
Со својата смрт на крстот Христос го премостил јазот кој го направил гревот помеѓу Бога и човекот.На сите сега им е овозможен пристап до Отецот. Благодарејќи на Христовата жртва, сега сите можат преку вера и покајание да постанат деца Божји и наследници на вечниот живот.Крстот ни открива две вистини: Од едната страна ужасот на гревот кој бара смрт на невиното Божје Јагне - кое се изедначило со нас земајќи ги на себе нашите гревови, и, од друга страна, неизмерната Божја љубов, која го принела на жртва најголемиот дар - својот единороден Син, и преку Него да ни даде спасение. Размислувајќи за последните Христови зборовина крстот и за значењето на Неговата жртва, не можеме а да не извикнеме заедно со апостол Павле: Благодарение на Бога за Неговиот неискажлив дар.(2.Кор.9,15).Се што Исус напревил за нас, не повикува и не поттикнува на љубовта да возвратиме со љубов и потполно да му се предадеме Нему имајќи само една желба: со посветен живот и предана служба да го прославиме и со тоа да докажеме дека ја цениме Неговата жртва и дека на Него навистина сме му благодарни.







Gordana Dimovska

No comments:

Post a Comment