Tuesday, August 9, 2016

НАЈНОВИОТ РОМАН "КРУШИ ГОРНИЦИ" И РАЗГОВОР СО НОВЕ МЛАДЕНОВСКИ

Разговор со Нове Младеновски
"Романот е трибут на прксот, желбата да се живее и преживее, да се постане некој и нешто во невозможни услови. Еден вид предизвик на личната судбина. Приказната е фокусирана на еден микро простор “.. во срцето на Македонија..“  околу едно поточе кое е врската меѓу милениумите и вековите, би додал безвременоста на тој простор а со тоа и на Македонија. Околу него се одвиваат социјалните интеракции меѓу луѓето, и се отплетуваат судбините на генерациите" - Нове Младеновски
Повод: најновиот роман Круши Горници
 Неодамна  излезе од печат новиот роман Круши горници од истакнатиот писател, Нове Младеновски кoj живее и твори во Мелбурн. Романот е во издание на Агенцијата за Иселеништво на Р. Македонија и првата промоција се одржа на 22 јули во амфитеатарот на МНР. На промоцијата учествуваше и самиот автор Нове Младеновски. Нове е писател кој гаи посебен, уникатен стил во неговите романи, со цел да го заинтригира и најскептичниот читател и да остави траен впечаток, трајни дела.

МTimelineКакви се впечатоците после промоцијата во родната Македонија?

Н. Младеновски: Беше прекрасно да се биде во друштво со дел од останатите писатели и поети од дијаспората, собрани на едно место.  Нови познанства, дружења, размена на идеи и  додатни инспирации. Јавноста во Македонија покажува голем интерес за овој сегмент од нашата култура  што се негува надвор од границите на Македонија. Присутни беа поголем број новинари од  весниците и неколку ТВ Канали. Скоро во сите промовирани дела (беа вкупно пет) творештвото е проткаено со нагласена љубов кон татковината, силен патриотизам и хуманост. Голема благодарност до домаќините – вработените во Агенцијата за Иселеништво кои се потрудија манифестацијата да помине во една прекрасна атмосфера. Благодарност и до проф. Др. Васил Тоциновски, кој ја промовираше мојата книга со благороден речник, говорна способност и ниво што измами внимание и аплауз од сите присутни. 
Наредниот ден, на 23 јули,  Литературното Друштво „Кочо Рацин“ од Велес поетесата Соња Таировска Ѓурчак и мене не почестија со уште една, навистина, добра промоција во Велес.  Заедничко со оваа поетеса ни е потеклото – Велешко.

МTimeline: Која е пораката која би сакал да стигне до читателите на твојата нова книга?

 Н. Младеновски -  Негувам сопствен стил на пишување - кратко, едноставено и концизно. Во овие модерни времиња, ретко кој читател би одвоил неколку дена за да прочита дело од големината на пример, Војна и Мир.  Мојата желба е моите дела  да се читаат во еден здив. Да го држам  интересот на читателот се до последната страна. Ударниот дел на приказната – разоткривањето на крајната мисла и пораката се случува во последната реченица од моите романи. Пораката во “Круши Горници“ е повеќеслојна.  Преку приказната за цикличното калемење на ендемските круши горници  што по првата суша го отфрлаат калемот и пак од корен си растат како “...што Господ ги дал.“ (цитат од книгата) сакав да ја истакнам жилавоста на македонецот и нашата постојаност како нативен – абориџинал народ на просторот што отсекогаш си имал име - Македонија. Приказната е фокусирана на еден микро простор “.. во срцето на Македонија..“  околу едно поточе кое е врската меѓу милениумите и вековите, би додал безвременоста на тој простор а со тоа и на Македонија. Околу него се одвиваат социјалните интеракции меѓу луѓето, и се отплетуваат судбините на генерациите.
Главниот лик, од поновото време, слабичок, болежлив, чиниш роден во погрешно време и во погрешен простор, води битка за изнаоѓање свое место во “неправедниот, комплексен, подмолен и суров живот“ во изолираната селска заедница.
Романот е трибут на пркосот, желбата да се живее и преживее, да се постане некој и нешто во невозможни услови. Еден вид предизвик на личната судбина. А судбината го носи главниот лик во Австралија и дејството во романот се префрла во друга димензија.  На крајот, во еден вид драматична разврска на судирот на времето Старото и она Новото  преку судбината на поточето и на потомците од Австралија е заокружена приказната која што никој нема да го остави рамнодушен. 
   
МTimeline: Што претставува пишувањето за тебе?

 Н. Младеновски -  Еден вид емотивно, ментално олеснување. Споделување со читателот сопствен систем на вредности – етички, морални, хумани преку кажаниот збор. Животното искуство, личната филозофија и среќа, доживувањата и размислувањата ги ставате пред суд на читателите и верувате дека она што го потенцирате (извлекувате) од бескрајниот медиум наречен живот предизвикува задоволство и благодарност....
Тука е и желбата на идните генерации да им се остават трагови од нашето постоење, а и желбата некој од наследниците да продолжи со овој вид на изразување – пишување...

МTimeline: Ова е твој трет роман по ред, дали инспирацијата беше поголема или искуството на пишување е поголемо?

Н. Младеновски - Литературното творење или  пишувањето би го поделил на две компоненти. Првата е креативноста-творечката компонента а втората е техничката или  јазичната компонента.  Не секој завршен уметник постанува познат сликар нити секој што завршил факултет за книжевност постанал познат писател или поет.  Првата компонента  - создавањето (осмислувањето) на приказната бара размислување надвор од квадратурата на кругот. Може тоа да го наречеме талент или дарба или креативност или било како. Изедначеноста на овие две компоненти е пожелна но не и пресудна. Имајќи во предвид дека моето образование во потполност е со техничка (инженерска)  позадина  тогаш испаѓа дека мојата предност е во првата компонента  - креативноста и вољата... Квалитетен поговор и екстрактот на последната корица се исто така многу важни за презентирање на еден труд пред  јавноста.  На недоверливите потенцијални читатели на “Круши Горници“ им предлагам  првин да го прочитаат текстот на писателката и поетеса Гордана Димовска на последната страница и поговорот од проф. Др Васил Тоциновски. 

МTimeline: Како гледаш на интересот за книга меѓу читачката публика во Австралија и Македонија?

Н. Младеновски -  Моето искуство со читателите со првите два романи “Измешани Светови“ и “Одблесоци од Вечноста“ е навистина позитивно. Има луѓе што читаат и се  интересираат за овој вид на творештво. Иако споро, сепак добрата книга и овде во Австралија си го наоѓа патот до читателот . Токму читателите и нивното храбрење придонесоа по првиот роман да се појават и наредните два ... 
Потребно е истрајно, редовно и континуирано презентирање на творештвото на овдешниве  автори пред пошироката  Македонска заедница. Во таа насока, несомнен е доприносот на Литературните Друштва “Кочо Рацин“ од Мелбурн и “Григор Прличев“ од Сиднеј.

МTimeline: Кога се очекува промоција за читателите во Мелбурн?

Н. Младеновски -  Првин треба да пристигнат книгите од Република Македонија  а потоа ќе видиме. Кон овој тип на настани од некои институции од Заедницата па и од официјалните представници на нашата матична држава се уште има резервираност и селективност.  Наместо ревијален карактер или медијски настан , овој пат размислувам да направам промоција пред читателите на предходните мои два романи заедно со оние што навистина се интересираат за овој вид на творештво. 

Mtimeline - Благодариме за вашето отстапено време, ви посакуваме многу успех со најновотo дело Круши Горници со желба да стигне до илјадници вљубеници на пишаниот збор низ светот. 
Круши ГОРНИЦИ” e уште еден прекрасен роман кој би го нарекла мозаичен историски времеплов низ кој се раскажуваат приказни за Македонија од Античка до ден денешен. Дејствијата се прелеваат низ различни периоди од постоењето на Македонската земја, раскажани преку личностите кои патуваат низ времето, страдаат но се борат, зборуваат идентично на јазик кој го отсликува периодот во кој се случува и самото дејствие.- Гордана Димовска 


 Interview with the writer Nove Mladenovski 
he recently launched his third novel "Krusi gornici"
"The novel is a tribute to the desire to live and survive, to become someone and something in spite of impossible conditions, as a personal challenge fate. The story focuses on a micro space "in the heart of Macedonia .." around a stream which is the link between the centuries and millennia, which adds timelessness of the area and Macedonia. Just in that micro space, social interactions between people will unbuckle the destinies of many generations "- Nove Mladenovski "- Nove Mladenov

Macedonian timeline

No comments:

Post a Comment