Saturday, August 27, 2016

ИНТЕРВЈУ СО ВИОЛЕТА ЈОВАНОВСКА


Разговор со Виолета Јовановска за нејзината 44 годишна кариера на SBS радио како спикер, водител, координатор на програмата на Македонски јазик, нејзините активности во Македонската заедница во Викторија, нејзината поезија, хоби и планови во иднина. 
Љ. Поповска - Добитник сте на Повелба за заслуги од Претседателот на Република Македонија. Но дури пред неколку дена имате на ф.б. на вашиот профил ставено ваша слика сликана со Повелбата и коментарот "Конечно во мои раце". Кажете ни за каква Повелба се работи, кога ја добивте и кои беа вашите активности за кои бевте наградени? И зошто толку се касни со врачување на Повелбата ?
В. Јовановска - Повелбата за заслуга ја добив од Претседателот на Република Македонија уште првата година кога започна да се доделува ова признание. Бев номинирана од неколку лица во нашата Заедница за работата и посветеноста кон се што е македонско, посебно за формирањето на Хуманитарната организација за жени Надеж во 2001 година потоа за мојот придонес во Заедницата, за учеството и водењето на безброј манифестации, фестивали и сл. Повелбата ја добив навреме но ја ставам на мојата ФБ страница едноставно да се потсетам на прекрасното признание добиено од Претседателот на мојата земја. Покрај ова, во 2004 година од читателите на АМН (австралиско македонски неделник) бев прогласена за Македонка на годината во Австралија, секако за сите оние активности. Тоа беше едно потврдување и чест за мојата работа и труд.

Љ. Поповска - Бевте долгогодишен спикер, новинар, уредник на Македонската програма на SBS радио и многу омилена меѓу слушателите. Многу беа разочарани дека заминавте во пензија. Кога и зошто заминавте во пензија ?
В. Јовановска - Во пензија заминав кога наполнив 60 години затоа што мислев дека 35 години во SBS беа доволни но и стресот на работата. Мојата позиција беше многу одговорна, се што се емитуваше на македонската програма преку брановите на SBS беше моја одговорност. Едноставно решив да напуштам и да започнам да живеам живот без големи обврски, без будење во 4 сабајле.
 Љ. Поповска - Иако сте во пензија повремено пак се појавувате на SBS радио.Во која улога се појавувате ?

В. Јовановска - После неколку месеци во пензија ме контактира мојот тогашен шеф и ме праша дали би сум сакала да помагам повремено, знаете оваа работа, мислам новинарската е заразна и тешко е да свртиш грб. Сега барем помагам кога ми одговара без никакви обврски со исклучок на она што го подготвувам сепак треба да е спрема стандардите на SBS.
Љ. Поповска Како спикер и водител бевте многу барана за водење на разни манифестации и приредби. Какво искуство беше тоа? Дали се уште носите некој спомен од некои од нив ?
В. Јовановска - Спомени имам многу, сум водела многу фестивали, организирани од овдешните Културно Уметнички  Друштва. Сум водела манифестации, не само што сум ги водела туку и го подготвував отворањето, секако со организаторите. Завршив со водењето во 2000 година а започнав некаде во осумдесеттите. Водител сум била на многу свадби на разни места. Но највпечатливо беше водењето на свадба во Зоолошка градина, беше летно време и измешано со музиката, беа и разните звуци кои доаѓаа од животните, доста впечатливо. Свадбата не беше македонска. Интересно е што често пати сретнувам млади луѓе јас обично не ги препознавам но тие ме потсетуваат дека сум ја водела нивната свадба. Пред неколку недели во еден шопинг центар ми пријде едно младо момче можеби имаше осумнаесетина години и ми кажа дека сум била водител на свадбата на неговите родители. Се израдував, но и средбата ме потсети дека старееме.

Љ. Поповска Вие сте и поет. Каква поезија пишувате, што ве инспирира ? Колку песни досега имате напишано и каде имате настапувано со нив ?
В. Јовановска - Пишувам од мала, уште од основно училиште, објавував мои поеми во списанијата, Наш свет, Другарче, потоа учествував на разни натпревари. Посебно се сеќавам кога бев во седмо одделение во училиштето Коле Канински во Битола. Бев наградена за најдобар расказ од сите основни училишта. Тогаш добив комплет книги од познати писатели. Пакетот беше толку голем што со мака го донесов дома. Поезијата ми лежи на душа, ги сакам светски познатите Бајрон, Тенисон, Чосер, Шекспир, Пушкин. Имам огромен број книги од многу писатели. Сега имам време за читање и тоа го правам со задоволство. Инспирација наоѓам во се, но најчесто влечам од луѓето и искуствата. Морам да кажам дека пишувањето никогаш не сум го сфатила сериозно и некако бев и сум свесна дека далеку сум од оние писатели што ги читам.
Љ. Поповска Кога ќе одлучите да издадете книга со ваша поезија или проза ?
В. Јовановска - Пишувам за задоволство, кога чувствувам потреба да кажам нешто, можеби оваа моја ноншалантност влијае во тоа што се уште немам испечатено книга. Можеби ќе издадам само за спомен за моите деца,  внуци да имаат нешто. Посебно за мојата Шаана која го има истиот интерес и љубов кон книгата како јас, ме радува што прекрасно зборува, пишува, чита Македонски и настапува. Имам стотина можеби и повеќе песни односно поеми а исто толку поеми за деца, еден ден ќе ги издадам во книга.
Љ. Поповска -  Имате земено учество со свои песни и во Антологии. Во кои и кога ?
В. Јовановска - Мои поеми имам во неколку книги и антологии?
Љ. Поповска -  Вие сте и колекционер. Со каква колекција сте обогатени? Од кога почнавте со ова хоби?
В. ЈовановскаМе прашувате за мојата колекција, да собирам филџани, необични од разни места на светот, кога пријатели патуваат секогаш ми носат филџан од разните места што ги посетиле. Имам многу, кога ќе дојдете на кафе ќе ве почестам во еден од нив. Собирам и камчиња од разни места имам многу, посебно ми се драги тие од Македонија, малечки камчиња. А исто сакам да плетам, кога одам шопинг мора да купам волна за плетење, или некој необичен филџан или пак книга. Пеце смета дека претерувам, но тоа сум јас.
Љ. Поповска На ф.б.страницата имате доста написи и коментари за животни посебно за кучињата. Кои животни се ваши придружници?
В. Јовановска - Инаку ги сакам животнитесите животни, но посебно место имам за кучињата. Месечно донирам во организации кои се грижат за животните. Да спомнам дека сум вегетаријанец, повеќе од 25 години, чудно нели? Можеби се прашувате како опстојувам, многу лесно, а мислам е и доста здраво. Не може човек да ги сака животните а потоа да ги јаде. Не се јадат пријатели нели.
Љ. Поповска Со кое мото чекорите низ животот ?Ваша омилена песна ?Напишете ја во продолжение.

В. ЈовановскаМе прашувате со кое мото чекорам, па да ви кажам отсекогаш сум била весел човек, животот ми е исполнет со смеа, дури и во SBS ме препознаваа по гласното смеење, не можам да држам инает, простувам, материјалните работи не ми значат ништо, задоволна сум со малку, здравјето на луѓето го сметам за најважно нешто се друго е споредно. Редовно се потсетувам на изреката : Здравиот човек има многу желби, болниот само една, да оздрави. Големо задоволство ми пружаат моите деца, внуци, снаи, сите се добри по душа, покажуваат грижа за се, со еден збор добри луѓе. Но најголема заслуга за мојата среќа и радост во животот се должи на Пеце, мојот сопруг со кого сум од мала, од 17 годишна возраст, израснавме заедно се познаваме, се разбираме, доста сме различни но тоа и не поврзува. Тој е причината што сум секогаш насмеана, животот никогаш не го сфаќа сериозно и има природна дарба да го развесели човекот. Ете тоа накратко сум јас, сега после 44 години работен стаж одмарам, се занимавам со работи мене што ми се важни.

Виолета со признанието добиено од Претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов



Избор поезија од Виолета Јовановска
Животот мој
Како трендафил без цвет
Дрво без плод
Како сој без род
Животот мој.
Како риба на суво
Како невеста без руво
Како птица без глас
Како пченица без клас
Животот мој.
Животот мој празен
Тажен студен
Без  биднина, без иднина
Без мое, без твое
Животот мој.

Осаменост
Осаменоста е болка
Со боја сива
Присутна во душата
Полужива.
Осаменоста е
Незаздравена рана
И пече и лади
Како утринска слана.
Осаменоста
Уништува бавно
Длабоко ровари
Во душата кревка.
Осаменоста е
Како бездна, како јама
Осаменоста е гостин
Во душата сама.

Interview with SBS radio speaker, coordinator, poet, activist in Macedonian community in Victoria, Violeta Jovanovska
Interviewer: Ljubica Popovska 

Macedonian timeline

No comments:

Post a Comment