Sunday, January 14, 2018

СКАЗНА


Автор: Кочо Рацин
Одел Петре со години
аргат пусти по туѓини,
одел, 'ргал, аргатуел
и работел и робувал
по скелиња и палати
и по куќи на богати.

Не спечалил пусти пари
на години млади-стари -
се за други тој работел
се за други тој се потел - 
тој што потта му ја зимал
змија в гради му оставил.


Да си умре дошло време,
скрстил раце - фрлил бреме -
по-арно е в земја ладна,
си мислела душа страдна,
не видела живот - в живот
на аргатин мачен скот.

Само змија не умрела,
в гробот гнездо си извила -
луња вее - таја пее,
веда м'ска - таја с'ска.
Macedonian timeline

No comments:

Post a Comment