Friday, November 13, 2020

ЕКСKЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО МЕРИ ТОДОРОВА МЛАДЕНОВСКА

"Професијата која денес ја работам можеби е нешто што цел свој живот сум го повикувала потсвесно, а можеби станува збор за однапред направена пресметка за која не сум, ниту можам да бидам свесна, но најважно од сè е тоа што секојдневно се трудам да ја одржам во континуитет беспрекорноста во извршувањето на работните задачи." - Meри Т. Младеновска

Разговор водиме со Мери Тодорова Младеновска која на овогодинашниот фестивал Еврофест 2020 ја доби престижната награда гран-при за песната „It's only my mind" за која музиката и аранжманот се дело на Јане Дунимаглоски, а текстот е на Мери Младеновска. Песната „Лоша навика" исто така во изведба на Мери Младеновска, доби награда за најслушана песна.

Macedonian timeline Мери, пред се честитки за вашите награди кои ги добивте на Еврофест 2020. Ако треба да направите ретроспектива на вашите почетоци до денес, како ќе го објаснете вашето музичко искуство?

Мери Т. Младеновска - Од денешен аспект, гледајќи наназад, кога за прв пат се соочив со одговорноста на еден интерпретатор којшто треба достоинствено да се претстави пред многубројна публика и кога ја почувствував, но не потклекнав на тремата, без разлика дали е позитивна или негативна, гледам едно дете, сосема неискусно, но со голема желба и љубов кон музиката, кое дава се од себе, несомнено изложено на огромен ризик никогаш повеќе да не застане на сцена, да доживее фијаско или да продолжи со сето свое битие да му се дава на светот, да ги дели своите таленти и да ја споделува сопствената среќа, несебично и бескрајно. Моите 15 години ќе ги помнам по првиот настап на „Мелфест“, по дружбата со Тоше, Маријан, Елена, а подоцна Игор, Наташа, Лазар, со сите кои ја создадоа фестивалската магија во Прилеп која до ден денес им дава ветер во грб на младите генерации сериозно да ја сфатат професијата музичар и да заживеат во светот на музиката како вистински уметници и професионалци. Ние можеби бевме пионери, но придонесовме за подемот како на фестивалот, така и за формирањето на ставот кон музиката кај идните генерации. Подоцна следеше една не толку мала пауза и мое отсуство од музичката сцена, но сето тоа го припишувам на околностите и она што го носи животот, што се случува независно од нашата желба и воља. Тоа секако не значеше дека моето повлекување ќе биде трајно, едноставно, будна го чекав моментот, мојот момент на враќање, што секако се случи и ми претставува особено задоволство, затоа што сега, како возрасна и зрела личност имам сосема поинакви сфаќања и доживувања, имам поинакви гледишта и многу позрел пристап како во однос на соработките, така и во однос на донесувањето на музиката. Од аспект на возрасна личност одлично знам што сакам, што ми треба, како да се поставам, што да понудам и колку. Верувам дека ова е правилниот развој на мојата музичка личност. Восхитена сум од тоа што како една личност која мируваше „во сенка“ и имаше претензии да остане таму, денес генерално, оние коишто ме познаваат точно знаат да ја препознаат мојата личност, а тоа значи дека сум успеала доследно да ја пренесам мојата порака. Никогаш не се покорувам на суетата, ниту ја препознавам кај себе, се стремам кон тоа да сум духовно отворена и комплетно разбудена или што би рекла најчесто, конечно можам да кажам што значи тоа да се сретнеш себе си, да се препознаеш, да се запознаваш и конечно да се познаваш. Тоа искрено го посакувам на секој кој сè уште „спие“ и не е во конекција со себе си. И токму тоа ме мотивира и ми дава поттик да учам и да се развивам секојдневно. Човек најпрво треба да се разбуди па да почне да учи. Апсолутно не постои друг начин кој ќе доведе до напредок.

Macedonian timeline Што значи уметноста за вас? Каква е вашата филозофија за животот?

Мери Т. Младеновска - Цел живот се занимавам со уметност и тоа е нешто без што буквално не можам да го замислам своето секојдневие. Во мојот случај доследно се пронаоѓа изразот – уметност за уметност. Ја сакам својата, но и сечија уметност, а најмногу ја ценам уметноста на живеењето. Поентата е во тоа што во сè околу нас можеме да пронајдеме убавина затоа што ништо не е случајно. Едноставно таков е патот по којшто секојдневно одиме, кој не е секогаш совршен и лесен. Благодарение на несовршеностите ние се стремиме кон она што лежи длабоко во нас, така го препознаваме и така се идентификуване во глобалната слика. Кога конечно ќе сфатиме дека буквално сме опкружени со убавина, ќе успееме да ја пронајдеме вистинската формула за среќен живот, подалеку од стапиците на материјалното и заблудата дека туѓото е поубаво.

Macedonian timeline - Нешто за твојот нов албум Светла, како се доживува во публиката? Од каде ја добивте најголемата поддршка?

Мери Т. Младеновска - Денес уживам во коментарите и дискусиите за мојот прв албум, неслучајно насловен „Lights“ („Светла“). Секој коментар ми значи, а исто така и критиките затоа што секогаш ја донесуваат суштината на понатамошното делување и создавање. Без критика не постои созревање затоа што нема поттик. Според мене константното работење доведува до лично совршенство, до краен израз и личен печат. Апсолутно не поддржувам стоење во место и неработење, затоа што животот е премногу убав за да се помине во состојба на кататонија. Секако, главниот поттик за да продолжам со музика го даде мојот сопруг Симе, кој можам да кажам дека дури повеќе и од мене лично се вложи во создавањето и комплетирањето на мојот музички албум. Она што за мене беше неверојатно и тешко остварливо како дете, го добив токму од него и неговата верба во моите квалитети, така што до крај остана доследен на својата идеја и замисла. Благодарение на моите музички соработници кои се во голем број и се многу значајни имиња во музиката, мојот сопруг во улога на менаџер, Балканика, поддржувачите и спонзорите, мојата сетстра и графичко студио „Костоски“, моите најблиски со сета нивна љубов и почит кон мене и мојата личност, доведоа до остварување на овој прв музички проект кој ме најави на музичката сцена и кој ќе повлече уште многу, многу идеи кои сигурно ќе станат реалност. Најтопло им се заблагодарувам на сите што придонесоа за моето повторно музичко будење.

Особено ми се драги моите настапи на фестивали кои беа поткрепени и со награди кои ми се особено драги и се показател за мојата истрајност и труд, а воедно уживам во пријатните спомени на средбите со многу квалитетни вокалистии соработката со нив. Едноставно, нема ништо попријатно од тоа во исто време и на исто место да почувствуваш како се сплотуваш со многу луѓе кои се дојдени со иста цел и намера, да му ја дадат неопходната убавина на живеењето, да го осветлат со својата позитивна енергија.

Macedonian timeline - Несомнено успесите се должат на многу работа, но верувам и други фактори влијаат во мотивацијата, инспирацијата во успешното развивање како музичка личност?

Мери Т. Младеновска - Сите ние живееме со одредена цел, правиме она што е најдобро за нас, сакаме да бидеме прифатени и се стремиме кон успех кој ќе ни го направи секојдневието попријатно и полесно. Генерално и релативно, се разбира. Но начините на кои го правиме тоа се најразлични и не значи дека секогаш се фер и правилни, затоа што тоа е релативно и не постојат одредени правила. Но секогаш фасцинира кога гледаме како тоа го прават децата, затоа што е изворно, чисто и искрено. Без предрасуди и пресметувања. Токму тие се нашето огледало, во нив се оцртуваат нашите искуства, а покрај нив созреваме и ние. За мене особено фасцинантно е кога ќе согледам огромна воља и ентузијазам кај децата, без разлика на возраста и до сега за среќа сум сретнала многу примери во кои ја согледувам мојата лична борба од мала возраст, но и доста учам за тоа како се одржува вољата кога материјалната страна воопшто не е битна туку единствено станува збор за сатисфакција и личен развој. Тука можам да ја истакнам Ива Спасовска, која иако е многу млада, дава одличен пример како се гради личноста и што е тоа што е неопходно за градење на една успешна личност, а неодамна гостуваше во мојот Тв проект „Лица и дела“, на Тв Сонце, потоа Александар Младеновски кој својата замисла и желба да биде музичар ја негува и одржува од мала возраст, Матеј Спасовски кој е наш надежен иден писател и кој веќе ја има издадено својата прва збирка раскази и уште многу млади ентузијасти во чиишто дела ќе уживаме во иднина. 

Степенот на образование никогаш не се движи правопропорционално со степенот на интелигенција, а особено не со духовниот раст и себеспознавањето. Никогаш не треба безусловно да се потпреме на високите очекувања за себе си, а да не придонесуваме со ништо како би ги оствариле нашите цели без личен удел, труд, па дури и страдање. Во услови во какви што се наоѓаме денес и се соочуваме со енормно големи неправилности најважно е да останеме трезни и свесни дека секоја услуга донесува противуслуга, а особено треба да се внимава како и од која страна се бара услугата. Се соочуваме со најразлични животни приказни и судбини и секоја од нив е тешка или лесна на свој начин и според тоа треба сосема да се исклучи секаква компарација која ни паѓа на памет, затоа што нема ден без ноќ, ниту бело без црно. Поентата е во недостатокот на едното во однос на другото, а во меѓувреме настапуваат нијансите. Во меѓувреме делуваме ние самите, нашата способност за соочување со вистината и реалноста, таква каква што е.

Macedonian timeline - Како би ја опишала твојата професија денес?

Мери Т. Младеновска - Професијата која денес ја работам можеби е нешто што цел свој живот сум го повикувала потсвесно, а можеби станува збор за однапред направена пресметка за која не сум, ниту можам да бидам свесна, но најважно од сè е тоа што секојдневно се трудам да ја одржам во континуитет беспрекорноста во извршувањето на работните задачи. Од друга страна, сите полиња на коишто делувам, дали се во врска со работното место или со моите лични афинитети и способности, бараат голема одговорност и издржливост, но и голем напор. Сето тоа исцрпува на крајот на краиштата, токму таквата исцрпеност е тоа што на крајот на денот доведува до совршен мир и комплетност. Генерално, можам да кажам дека сум задоволна од тоа што сум и среќна сум поради тоа што ќе бидам во иднина, а најважно од сè е да се биде човек, една мала точка во универзумот која ќе продолжи да сјае уште многу, многу долго, додека не ја демаскира заблудата дека овој свет мора да биде потчинет на законот на посилниот. Со тоа би заокружила, но само ова интервју, затоа што никогаш не се знае што чека зад аголот и со какви предизвици ќе треба да се соочиме.

More photos:




Macedonian timeline Australia 

No comments:

Post a Comment