Соња Лозановска е
познат и признат новинар, естраден уметник и главен
и одговорен уредник на весникот „Македонија“ од Торонто. Таа е овогодишен
добитник на признанието „Златен клас за македонски вознес“, што и’ го
доделија на „24-те Пелагониските
културно – научни средби“ во Новаци, Битолско Наградата е доделена на една од најактивните и најценетите македонски
општествени естрадни уметници, Соња Лозановска, која е позната во македонската културна и
поширока јавност, а со својот весник „Македонија“ има посебно место во
информативната дејност на Македонците на Северно-американскиот континент. Таа
придонесува весникот да биде еден од прозорците кон светот и сакан гостин во
домовите на Македонците во Канада. во Соединетите Американски Држави и
пошироко.
Исто така, Соња како естраден уметник е позната дама и активист во заедницата, а
со тоа има
значајно место во целокупното живеење на Македонците во метрополата Торонто.
Според податоците на претседателот на „24-те Пелагониски културно-научни средби“, д-р Весна
Калпаковска, средбите започнаа да се
формираат во 2000 година во Општина Новаци. Носители на
активноста се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале
и даваат особен придонес за опстој на истите. Овие средби се од големо
значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на
културно-научното наследство во Македонија и кај македонските иселеници насекаде во светот.
Овогодишниот добитник на наградата „Златен клас за македонски вознес“ Соња
Лозановска, околу триесет години е во
новинарството и е телевизиски презентер и
водител, а денес главен и одговорен уредник на весникот
“Македонија“ во Торонто. Весникот ја
сплотува македонската заедница во Канада преку страниците на црквите, во кои
се објавуваат нивните месечни активности, тука се и редовните рубрики кои ја
отсликуваат македонската заедница, а неретко се пренесуваат и извештаи и репортажи
за настани од животот на Македонците во Канада и САД.
Инаку Соња Лозановска започнала како водител на Македонската ТВ
програма „Час на Македонски корени“ која се емитува на државната
телевизија ОМНИ на која работеше цели 9 години. Програмата
се
емитуваше еднаш неделно, а потоа со нејзиното искуство се ангажира во весникот „Македонија“.
Таа
е исто така и поетеса, автор на збирките поезија “Резба во душата“ и
“Калуѓерка во Бело“ , публицист низ нејзината мисија
како естраден уметник и главен и одговорен уредник на весникот „Македонија, Таа е позната дама и активист во македонската
заедница и има значајно место во целокупното живеење на Македонците во
метрополата Торонто.
Соња Лозановска е родена на 1 мај 1974
година во Демирхисарски Жван, а корените и’ се од живописното Вирово. Често
се вели дека Жван е населба на познати
личности и иселеници. Од демирхисарскиот крај потекнуваат бројни писатели,
уметници и научници. Не може никој да ја одгатне тајната, зошто толку
писатели се родиле покрај Црна Река, во заветрината на Илинска Планина. Исто
така, може да се каже дека во демирхисарските триесет и девет села, се
зборува на најчист македонски јазик
Уште кога Соња била на многу мала
возраст нејзиното семејство се доселува во Битола,
каде што го стекнува основното и средното гимназиско образование посетувајќи
ги Гимназијата „Јосип Броз Тито“ и центарот за Средно насочено образование
„Таки Даскало“, а подоцна и „Факултетот за учители“ (денешен „Педагошки
факултет“) во Битола. Во Канада, пак, го заврши „Евергрин колеџот“, насока
„Социјална служба во општеството“ (Evergreen College – Community Social
Service).
Соња Лозановска постојано зборува и се
гордее со својата Битола, центарот на Евреите во Македонија и најголем
градски центар во Пелагониската Котлина. Битола за Соња е град на младоста на
љубовта, на иднината каде постигна дел од нејзините животни, новинарски,
музички, поетски, телевизиски и творечки врвови.
Уште на 16 годишна возраст учествува на
литературен конкурс на Културно просветната заедница во Битола каде што се
здобива со висока награда за поетската творба „Македонија пред се“. Тоа ќе
биде поттик за неа да продолжи во светот на пишувањето и да стане член на
Друштвото на писателите „Стале Попов“ од Битола. Дарбата за течен говор
со особена дикција ќе и’ овозможи да биде водителка на многубројни културни
манифестации во градот под Пелистер.
Нејзиниот први новинарски текст беше
посветен на годишнината на Организацијата на Обединетитте Нации и истиот е
објавен во списанието „Студент“ кое излегуваше како гласило на
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.
Уште за време на студиските години
започнува со својот ангажман во првото радио надвор од македонската
национална радио мрежа, Радио „Ас“, подоцна преименувано во „Битпрес“ а во
рамките на Битолски Весник. Таму се нејзините посериозни почетни новинарски
години, каде што го пече занаетот со доајените на битолското новинарство
како: Панде Манојлов, Доне Пановски, Менде Младеновски и други а
подоцна работи и како водител и новинар во радио програмите на „Два М“
и „Радио 105“ во Битола.
Круната на новинарската дејност во
Битола ја достигнува во Телевизијата „Тера“, каде што започнува да ја уредува
рубриката „Град“ за подоцна да стане и заштитно лице на главните телевизиски
вести „Актуел“. Освен новинарско-водителскиот ангажман во Телевизијата „Тера“
ја води и нејзината едночасовна неделна емисија „Другото јас“ која прикажува
познати личности од градот и државата со необично хоби.
Во 1996-та година Соња Лозановска ги
прави првите чекори во публицистиката. Тогаш и’ излегува од печат нејзината
прва збирка поезија „Резба во душата“. Таа е издание на
Клубот на писателите „Стале Попов“ од
Битола, чиј издавач е Илија Мерковски, а резензенти се Михаил Ренџов и
Доне Пановски.
Втората стихозбирка „Калуѓерка во Бело“
во издание на „Апекс“ од Битола излегува од печат во март 2000 година.
Рецензенти се Радован П. Цветковски и Илија Мерковски. Во својата
рецензија Радован П. Цветковски, меѓу другото ќе напише:: „Во песните воочуваме дека просторно и чувствено се
‘ се движи, галопира младешки, а уште побитно е дека просторот во песните
никогаш не е празен, постои некаква присутност што и’ дава на песната посебна
убавина и во формата и во содржината. Песните бликаат со длабока емотивна и
интимна доживеаност преполни со љубовна мотивика. Особено паѓаат в очи
песните:„Одново ли поривот се буди“, „Пустина“, „Свето право“, „Благослов на
благоста“, „Изгорени од сонцето“ и други“
Соња Лозановска во 1999-та година
станува член на групата „Балкански Бисери“ со кои настапува на фестивалот
„Валандово“ како и на фестивалот „Серенада на Широк Сокак“ во Битола. Во
продукција на „Сенатор“ од Битола во 2000 година излегува првото ЦД со народни
песни на групата која таа година се преименува во „Амајлија“.
За свои најголеми успеси таа ги смета
честите гостувања на покана на Македонците од Егејскиот дел на Македонија,
кадешто на популарните панаѓури и прослави на празници ги исполнува убавите
македонски песни, а исто така го издвојува и гостувањето помеѓу Македонците
во Мелбурн, Австралија за дочекот на 2003-та година.
Есента 2004-та година добива покана за
настап на прославата на 35 годишнината на македонското радио „Глас на
Македонија“ од Торонто, Канада, каде што ќе отпатува заедно со својот колега
и хармоникаш во групата „Амајлија“, Оливер Петковски. По настапот на
оваа спектакуларна прослава каде што учествува 10 члена екипа на уметници од
Македонија, во Канада ќе следуваат бројни покани на друштва и организации за
натамошни ангажмани.
Треба да се одбележи дека 2005-та година
е пресудна пресвртница во животот на Лозановска кога таа носи тешка одлука да
го остави својот живот и кариера во Македонија и отпочне нов живот во
Канада.Тука со Оливер го основаат својот брачно гнездо, кое ќе биде крунисано
подоцна со доаѓањето на свет на ќеркичката Александра.
Сите години на Соња Лозановска заедно со
нејзиниот сопруг Оливер Петковски и’ се исполнети со музички настапи на
манифестаци, приватни свчености, црковни фестивали и народни собири на
Македонците во Канада и САД. Бројни се и настапите на Соња и Оливер Бенд со
македонски музички ѕвезди кои во изминатите години гостуваат на покана на
македонската заедница во Канада.
Сите желби и активнсоти на Соња
Лозановска се тесно поврзани со функционирањето на македонската заедница,
таму ја пронаоѓа својата инспирација за работа, размена на позитивни мисли и
енергии кои ги зближуваат и сплотуваат Македонците на канадските простори со
неизмерна љубов кон татковината Македонија.
Уште со доаѓањето во Канада започнува да
пишува за весникот „Македонија“. Меѓутоа, во 2013 година
влегува во нова работна улога и предизвик станувајќи уредник на весникот
„Македонија“.Овој значаен македонски гласник првпат од печат излезе на 2
ноември 1984 година, а потоа редовно секој 15-ти во месецот. Тој како
македонски месечен информатор излегува и денес, a неговите страници се
исполнети со текстови и фотографии од активностите и животот на Македонците
во новата средина, како и голем број рекламни материјали од наши деловни луѓе
што живеат во демократска и мултикиултурна Канада.
Во овој период од четириесетина години на печатењето во него учествувале со
свои текстови бројни соработници од дијаспората и од Република Македонија.
Тие сите направија весникот „Македонија” да е еден од најзначајните гласила
кое е на страната на македонските доселеници, на македонскиот народ, на
македонската вистана и на Република Македонија
Весникот „Македонија“ ја сплотува
македонската заедница во Канада преку страниците на црквите, во кои се
објавуваат нивните месечни активности, тука се и редовните рубрики кои ја
отсликуваат македонската заедница, а неретко се пренесуваат и извештаи и репортажи
за настани од животот на Македонците во Канада и САД.
Затоа, Соња
Лозановска е овогодишен добитник на признанието „Златен клас за македонски
вознес“ на 24-те Пелагониските културно научни средби во Новаци, Битолско.
Ова значајно признание и’ се додели во знак на почит, бидејќи таа е 30 години презентер во новинарството, а денес е главен и одговорен уредник на весникот “Македонија“
во Торонто, со што ја шири македонштината насекаде и
претставува мост меѓу Република
Македонија и демократска и мултикултурна
Канада.
Пишува:СЛАВЕ КАТИН
|
No comments:
Post a Comment