|
Македонскиот јазик - наше непроценливо
богатство
Македонскиот јазик - симбол на националното
постоење

Со познавањето на еден јазик луѓето лесно ја пренесуваат мислата,
комуницираат меѓусебе и се разбираат. Преку јазикот најдобро се
идентификуваат националностите, кои се, и од каде доаѓаат. За Македонија,
македонскиот јазик е непроценливо богатство, основно национално обележје по
кое се препознаваме во светот.
Секој човек го зборува јазикот во зависност од тоа колку е интелектуално
способен. Иако е вродена биолошка способност, јазикот е процес кој трае, и
затоа се учи цел живот.
Низ вековите нашиот јазик помина низ многу фази на своето формирање. Големо
влијание на развојот на македонскиот јазик имаа туѓите ропства под кои
Македонија потпадна. Со поделбата на Македонија во 1913 година меѓу Грција,
Србија и Бугарија беа наметнати три јазици со единствена цел – да се уништи
македонскиот јазик а со тоа и постоењето на македонскиот народ како посебна
нација. На Македонците во Грција, Србија, Бугарија не им беше дозволено да се
декларираат како Македонци, не можеле слободно да го негуваат македонскиот
јазик, ниту својата култура и историја.
Најстроги мерки против користење на
македонскиот јазик се спроведувале во Егејска Македонија . Во Костурско, ги
советувале Македонците да се декларираат за Грци, да го прифатат грчкиот
јазик зашто во спротивно ќе им го загорчеле животот. Истовремено биле
опљачкани и македонските имоти, и биле палени училиштата, архивите, книгите.
Строго се забранувала употребата на македонскиот јазик во меѓусебната
комуникација со луѓето, па дури и меѓу родителите и децата, на свадбите,
седенките и сл. Ако нашите не се придржувале кон овие закони биле морално и
политички малтретирани а и физички казнувани. Најстроги мерки за користење на
јазикот биле спроведувани во периодот на Метаксовата диктатура во 1936 г. Врз
основа на посебен Закон за забрана на употребата на македонскиот јазик,
фашистичката полиција и жандармерија добила одврзани раце. Тие редовно ги
следеле нашите Македонци и оние што ќе ги фателе да зборуваат на свој мајчин
јазик, ги казнувале парично, ги терале да пијат 300 грама рицинус, или ги
протерувале на пустите грчки острови. Поради употреба на македонскиот јазик
само во периодот помеѓу 1936 -1940 година биле казнети околу 5.250 Македонци.
Но сепак и покрај тешките услови во кои живееше нашиот народ, успеа да го
сочува едно од нашите најголеми национални богатства – јазикот.
Денес македонскиот јазик претставува целосно оформен, современ литературен
јазик. Но сепак, тоа не значи дека тука треба да застанеме. Напротив, јазикот
е непресушен извор, кој треба постојано да се следи, да се негува, да се
надоградува и пред се да се зачува чистината на убавиот македонски збор. И
ние Македонците во Австралија, иако надвор од својата родна земја ,грижливо
го негуваме и чуваме Македонскиот јазик. Познавањето на мајчиниот јазик,
односно јазикот на родителите игра голема улога во општеството затоа што им
помага на децата подобро да го запознаат и наметнатиот јазик, во земјата каде
живеат.
Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што служи да ги
обединува луѓето, културно ги поврзува генерациите кои една на друга ги
предаваат цивилизациските вредности на човештвото, за меѓусебно идентификување
на луѓето во заедницата каде тие ја остваруваат својата еманципација на
општествен и национален план. Негувањето на сопствениот јазик значи постоење
на еден народ кој може слободно да ги изразува своите мисли, чувства и
дејствувања. Младите генерации треба да се запознаваат уште од мали нозе со
историјата и значењето на македонскиот јазик. Јазикот е најголемо културно
наследство и треба да се развива свеста кај младите генерации за негово
зачувување.Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, зборува и твори на
Македонски јазик.
Австралија како мултикултурна земја, покажува почит кон различните
мултиетнички групи и им дозволува тие да си ги чуваат и промовираат своите
национални обележја, културата , јазикот, обичаите и овде на австралиско тло.
Затоа ги охрабруваме сите Македонци да ги запишуваат своите деца во
Викториското училиште за јазици кое постои повеќе од 75 години и во кое е
сврстен и нашиот Македонски јазик. За нас е привилегија што ни се дава
можност да го предаваме јазикот на новите генерации Македонци во Австралија.
Ниедна причина не доволна да се дозволи изумирање на јазикот, и затворање на
класови, поради намален број на ученици. Ако постои класот, постои и јазикот,
ако постои јазикот, постои и македонската нација. Познавањето на повеќе јазици
е клуч кон иднината, осознавање на нови култури, традиции и обичаи на еден
народ. Да го зачуваме нашето најголемо национално богатство – Македонскиот
јазик. Автор: Гордана Димовска Објавено во Македонска нација на 2 декември 2009
|
Comments
Post a Comment